Кошница со диви јагоди – Жан Батист Симеон Шарден, 1761
Овој претставник на стилот рококо, на сликава ни прикажува врвно летно уживање. Иако со прикриена светлина, меката површина на јагодите совршено се вклопува со сребрениот отсјај на чашата ладна вода. Уметноста на Шарден се разликува од уметноста на неговите современици, како по тематика, така и по техника. Неговата слава се должи токму на сликите со мртва природа, со впечатлив реализам и чувство дека се многу повеќе од обичен куп предмети од секојдневниот живот.
Рајлските песоци – Дејвид Кокс, 1855
Иако изгледа како да го претставува француското крајбрежје, на оваа слика може да се види омиленото место на Дејвид Кокс на велшкото приморје – Рајл, а насликана е во 1855 година, пред ерата на импресионизмот. Кокс станал познат по свежината и непосредноста со која ги третира промените на светлината и времето во пејзажот, а особено по неговите прикази на груби велшки ридови, отворени полиња и плажи со ветрови. Дејвид Кокс работел во Лондон, Херефорд и во Бирмингем. Живеел и работел во Харбурн, Бирмингем, од 1841 година до неговата смрт во 1858 година.
Поле со булки – Клод Моне, 1873
Моне на почетокот сликал фигурални слики (пејзажи со 2-3 фигури), а потоа и вистински пејзажи. Некои мотиви ги пресликувал повеќепати, како на пример фасадите на Руенската катедрала. Во ова прекрасно дело на Клод Моне веднаш се забележуваат боите на полето, кои ѝ се потчинуваат на светлината на синото небо. Може да се почувствува топлината на летото кое дарежливо ги истура своите бои и мириси по полињата и ридовите.
Сончогледи – Винсент ван Гог, 1880
„Сончогледи“ на славниот холандски сликар Винсент ван Гог е едноставно но грандиозно дело, кое плени со жолтата боја. Задушените бои на оваа слика може да сугерираат релаксација, осаменост или крај на едно долго лето. Вазната во која се поставени сончогледите потсетува на жетварскиот период во кој се собираат прекрасните цветови со жолти лисја.
Ручек на чамџиите – Пјер Огист Реноар, 1880 – 1881
При крајот на 19 век, дружењето на бротчиња и чамци станува омилен начин на забава меѓу париските уметници, а Моне не е единствениот што го забележал тоа. Пјер Огист Реноар го овековечил овој феномен на својата слика „Ручек на чамџиите“, која всушност претставува и една од неговите најславни слики. Сликата ја прикажува веселата атмосфера на осветлениот балкон на ресторанот Мезон Фурнез (Maison Fournaise), што своевремено нудел изнајмување чамци. Реноар бил особено инспириран од ова место, па дури и напишал: „Цело време бев во Фурнез. Таму имав среќа да пронајдам толку многу прекрасни суштества, колку што сакав да насликам“.
Пејзаж од Тахити – Пол Гоген, 1893
Во 1891 година, постимпресионистот Гоген, финансиски осиромашен и исфрустриран од недоволниот успех дома, ја напушта Франција и се упатува кон тропските предели за да побегне од европската цивилизација и „сè што е вештачко и конвенционално“. Пред тоа неколкупати се обидувал да го пронајде тропскиот рај во кој би можел да живее од риби и овошје и да слика во својот сè попримитивен стил. Додека живеел во селото Матаеја на Тахити, ги насликал сликите „Покрај морето“ и „Здраво Маријо“, како и други прикази на животот на Тахити меѓу кои и „Пејзаж од Тахити“. На неа Гоген ги слави тропските природни обележја со својата полна брилијантност и моќ.
Поголемо прскање – Дејвид Хокни, 1967
Оваа слика е чисто олицетворение на долг, топол, летен ден, кога секој посакува да се нурне во голем син базен и да ја победи жештината. Пливачот на британскиот сликар Хокни го нема, на сликата се гледа само прскањето што го прави. Во врска со сликата, Хокни има напишано: „Потребни ми беа две недели да го насликам овој настан што трае две секунди“.
Драган А.