Второто пишано остварување во форма на собрани интервјуа, на македонскиот музички новинар Ненад Георгиевски „Уште музика и муабети“, го доживеав како еден вид книжевен soundtrack, низ чии редови наизменично се менуваат звуци на фламенко, танго, џез, соул, фадо, електроника, блуз и какви ли сè yште не изрази од богатата музичка ризница на светот. Читаш, создаваш замислени слики, и танцуваш 😊. А помислете, колку е само тешко да раскажете звуци во форма на интервјуа? Излегува дека тоа е сосема возможно, ако правилно ги дозирате новинарската љубопитност и желбата да ѕирнете во креативниот свет на музичарот, откривајќи го точното место на генезата на неговото творештво. Токму таму, на творечкото музичко извориште успева да нè oдведе Ненад Георгиевски, поврзувајќи ги нишките од интимните детали на животите на артистите со сите камчиња што ги редат тие на музички план во огромниот мозаик на светското музичко наследство. Читајќи ја книгата, откривате едно универзално правило под кое можеби треба да се подведе сиот творечки набој на полето на музиката. Имено, неговата заднина во најголем дел е инспирирана од бурни емотивни потреси, тешки животни околности, општества оптоварени со социјален бунт и незадоволство, и на крајот, неминовно води кон ултимативната цел на уметноста – да го промени општеството такво какво што е сега, да внесе светлина во замаглената визура и да му ја прочисти аурата на светот.

Неспорна е музичката ерудиција на авторот. Неговата музичка освестеност и поткованоста со која им пристапува на најголемите светски музички артисти му се сосема иманентни и природно вградени на силното чувство што тој го негува кон оваа уметност. Во книгата „Уште музика и муабети“ ме допре фидбекот што тој го добива од музичарите, органскиот flow на конверзацијата што плени со својата непретенциозност и ненаметливост. Така, ќе дознаете за тешкиот живот и минатото на фламенко дивата Конча Буика, за амазонското село во кое е роден Кантуарија, за формулата според која Зоран Маџиров ја вклучува публиката како дел од бендот додека ја создава својата музика, за музичкото есперанто на Ал Ди Меола… Авторот на книгата е организатор и на филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“, па неговиот интерес за музиката веќе одамна излегува од границите на нејзиното дискографско и концертно презентирање. Имав впечаток дека авторот на овие интервјуа сака да влезе во сите „простории“ каде што музиката на некој начин поминала и ја оставила својата трага, и да ги собере сите нејзини реликвии. Токму затоа, во книгата ќе ги сретнеме интервјуата со фотографите пред чии објективи бил легендарниот Дејвид Боуви – Брајан Рашиќ и Стив Шапиро, како и интервјуто со Шерон Робинсон, блиската пријателка и соработничка на Леонард Коен…

На крај, сакам да го заокружам овој краток запис и препорака за книгата на Ненад Георгиевски со цитат од интервјуто со џез-пијанистот Данило Перез, кој навистина ми остави впечаток: „Ние мора да работиме со музиката на начинот на кој научниците работат со науката. Тоа значи дека почнуваме да размислуваме за самите себе како истражувачи што имаат можност да создадат лек за човештвото преку музиката. Тоа е лек против сите лоши работи и негативности што се собрале. Во основата, за мене едукацијата мора да биде на некаков начин и еден вид реставрација на човештвото. Ние мора да работиме на реставрација на човештвото. Мора да работиме на тоа да им се спротивставиме на лошите вредности, какви што се корупцијата, алчноста. Би сакал да видам политичарите да свират некој инструмент. Со тоа би научиле да оформат свој сензибилитет против ваквите појави. Тоа би влијаело врз нивното основно однесување, а наученото би можеле да го применат на создавање големи и подобри закони и правила. Според моето мислење, тука лежи целата поента – музиката е најголемата надеж што ја имаме.“

