Каде да се остават предметите стекнати во врска што повеќе не постои? Зошто да се фрлат, ако сведочат за нас како личности и за емоционалната приказна во која сме вложиле време и енергија? Зошто да не го обиколат светот заедно со нашата приказна? Искрено, тимот на PopUp сакаше уште летово да отпатува до Приштина за да пишува за Музејот на раскинати врски (во тој период таму беше изложена патувачката поставка), но не успеа бидејќи сезоната на PopUp Music журки беше во полн ек 😊 Потоа, сосема непланирано, го посетивме оригиналниот музеј во стариот дел на Загреб и сите едногласно одлучивме дека ќе ја чекаме патувачката изложба во Скопје за да ги запознаеме луѓето што стојат зад оваа идеја. Кога-тогаш ќе дојдат, рековме. И бевме во право! 😊 Патувачката изложба на Музејот на раскинати врски ќе биде отворена вечерва, во рамките на седмиот „Роденден“, во галеријата на МКЦ. По тој повод, пиевме кафе со Дражен Грубишиќ и Шарлот Фуентес, искршивме јазик во спонтан разговор на македонски, хрватски, англиски и на француски, и потоа уживавме во фантастичната патувачка изложба, која за македонските посетители ќе биде отворена до 31 јануари.
Дражен е академски сликар и еден од основачите на Музејот на раскинати врски во Загреб, а Шарлот е задолжена за колекцијата и примањето на донациите. Ова им е 52-ра изложба во последниве 12 години. Биле речиси секаде, од Буенос Аирес, до Кејптаун, на Филипините, во Токио, Шангај, осумпати во САД и речиси низ цела Европа. Запрашани кои се најспектакуларните и најчудни предмети и приказни што ги имаат добиено, велат: „Секогаш мислиме дека сме виделе сè, и секојпат одново се уверуваме дека не е така“.
„Кога почнувавме со изложбите, сакавме да одиме во сите поранешни југословенски републики. Првпат нашата изложба беше во Скопје во 2008 година. Една од девојките што сега работи во МКЦ ни рече дека тогаш ни оставила свој предмет, а сега ја известивме дека тој предмет и нејзината приказна пропатуваа од Блумингтон до Истанбул 😊 Сега добивме приближно 12 предмети од Македонците“ – велат Дражен и Шарлот.
Инаку, Музејот на раскинати врски ја има добиено и наградата Kenneth Hudson за невообичаениот и смел пристап во музејската работа и изложувањето. Го прашав Дражен како произлезе мотивацијата за еден ваков потфат.
„Идејата и мотивот се многу едноставни“ – вели тој. „Јас и Оленка Виштица (која, за жал, не успеа да дојде во Скопје) порано бевме во врска. По четири години таа врска се распадна. Еден ден, седевме заедно и разговарајќи за нашето раскинување се појави прашањето: Што ќе правиме со предметите што ја обележаа нашата врска во тој четиригодишен период? Тогаш ни светна идејата – нели би било фантастично кога би имало место каде што ќе можеш да ги поставиш тие предмети што потсетуваат на неуспехот и на раскинатата врска? Значи, да не се кај тебе, но да знаеш дека се тргнати на сигурно. Нешто како музеј. По две години се пријавивме на конкурсот на Загрепскиот салон и имавме 14 дена да го изработиме уметничкиот проект. Им се јавивме на пријателите, тие ни ги донесоа првите 46 предмети и така експлодираше целата таа идеја. Сега е овде каде што е 😊 За мене, идејата зрачеше со својата искреност и мислам дека токму тоа е причината зошто стана толку популарна. Бидејќи е реална и искрена, тоа е она што луѓето го препознаваат во Музејот на раскинатите врски.“
Не можев да одолеам да не го прашам како се чувствува од денешна гледна точка кога го гледа предметот што тој и Оленка го оставиле од нивната раскината врска, а тој низ смеа одговори:
„Сè e завиткано во некаква далечна магла, тие чувства од тоа време не се нешто со кое би можел да се поврзам сега. Чудно е како нештата излегоа на крајот.“
Музејот на раскинати врски функционира преку вебсајт, на кој луѓето ги внесуваат своите приказни, а потоа ги испраќаат и предметите. На патувачките изложби доаѓаат и со рачно напишани приказни. Шарлот признава дека често плаче додека ги чита.
„Има и големи предмети, како велосипеди, а најголемиот предмет што сакаа да ни го донираат беше автобус. Се разбира го одбивме од технички причини. Во Јужна Кореја ни донираа џип, кој исто така не можевме да го прифатиме. Во моментов колекцијата брои повеќе од 2.500 предмети.“
Кога бев во Загреб, забележав дека Музејот изобилува со предмети за прекинати врски од секаков вид. Иако првата асоцијација за Музејот се љубовните бродоломи, сретнав семејни приказни на луѓе разделени од теророт на војните, прочитав проштално писмо што ќерката го донирала по самоубиството на мајка ѝ… Во однос на ова, Дражен вели:
„Погрешно е да се мисли дека Музејот на раскинати врски се однесува само на распаднати романтични односи. Тој му е посветен на каков било емоционален однос што зад себе остава чувство на празнина. Значи, имате раскинување со религијата, раскинување со татковината, прекинување на односот со пријателите, семејството, па дури и со храната… Има повеќе видови односи што зад себе го оставаат чувството на емоционален пустош. Може да се каже дека Музејот има терапевтско дејство за оној што искусил сентиментална загуба. Во Музејот во Загреб неодамна го реорганизиравме просторот. Вклучивме повеќе воени приказни од Првата, од Втората светска војна, од војните во Виетнам, Авганистан, Ирак, од војните на Балканот… На тој начин, вие не го гледате само интимното, туку дознавате повеќе и за историскиот момент во кој се случила приказната за загубата. Затоа и донирањето на предметите и самата приказна околу нив е анонимна. Еднаш добивме предлог познати личности да донесат предмети и да ни ги раскажат приказните за своите емоционални падови, но ние веднаш одбивме. Не сакаме сензација, сакаме она што е донесено и раскажано, да биде искрено и автентично.“
Музејот на раскинати врски по примерот на загрепскиот постои и во Лос Анџелес, а Дражен и Шарлот велат дека постојано добиваат понуди за франшизи од целиот свет.
„Не сме баш расположени да се распространуваме. Повеќе ги сакаме патувачките изложби. Еве, вчера добивме барање за патувачка изложба во Палестина. Одамна сакавме да одиме таму. Навистина нè привлекува идејата за оваа земја, бидејќи сметаме дека таму ќе пронајдеме фантастични приказни.“
На мојата забелешка дека различните земји и менталитети носат и различен пристап кон љубовта и експресијата на емоцииите, велат:
„Зависи со кого соработувате локално во земјите каде што изложувате, дали вашите соработници се студенти, невладини организации или големи музеи. Пред изложувањето, поминуваме низ подолг процес на договарање и објаснување за суштината на проектот и неговата идеја, ги презентираме материјалите, организираме скајп-состаноци, за да добијат појасна претстава за начинот на кој функционира сето ова. Потоа полесно можат да ги одредат своите ограничувања. На пример, во Сингапур не можевме да ги изложиме „лажните цицки“ или вибраторите. Во Кина не смеевме да го ставиме тибетското знаме. На амстердамската патувачка изложба добивме приказна поврзана со таблета екстази. Нормално, не смеевме да ја пренесеме таблетата назад во Хрватска, па изработивме лажна таблета за да ја претставиме приказната. Секогаш ќе постојат тие културни разлики и ограничувања што мораат да бидат земени предвид за да не бидете забранети од владата на земјата во која изложувате.“
Кога ги прашав Дражен и Шарлот каде луѓето се најподготвени да ја излеат својата интимна приказна, ми кажаа дека се изненадени од Амстердам, каде што луѓето важат за многу отворени, и како што се знае – немаат завеси на прозорците.
„Не беше лесно да се соберат предмети од Амстердам. Луѓето не сакаа да споделуваат приказни во толкав број. Додека, пак, во Мексико Сити моравме да го менуваме целиот процес на собирање предмети бидејќи уште првиот ден кога стигнавме, добивме повеќе од двесте предмети. Сигурни сме дека врз основа на ова што го правиме, можат да се изработат добри антрополошки студии. Инаку, секаде наидуваме на одличен прием. Зошто? Бидејќи станува збор за најбазичната човечка емоција. Без разлика каде се наоѓаш, на која вера ѝ припаѓаш, каква боја на кожата имаш, емоцијата е универзална и сите можат да се поврзат со приказната.“
Јосип Коцев
фото: Елена Фиданска