PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

„Китот“ (The Whale) – филм што допира онаму каде што е најсензитивно

PopUp by PopUp
јуни 14, 2023
in Филм
0
„Китот“ (The Whale) – филм што допира онаму каде што е најсензитивно
435
СПОДЕЛУВАЊА
2.6k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Ова е еден од најинтензивните филмови што сум ги гледала во своето постоење. Можеби едноставно во последно време избегнувам интензивни и многу реалистични филмови. Навидум, она што од прва си помислив (без да читам критики, или воопшто претходно да си го билдам знаењето) беше дека ова е филм за еден Американец, кој се бори со прекумерна дебелина, кој некако по триесеттите години доживува себеоткровение, или повеќе себеприфаќање… Меѓутоа, цената што подоцна ја плаќа за ова е скапа, додека поминува низ голгота од која не знае како да излезе, пополека тонејќи.

За да го започнам овој напис, не требаше долго да се убедувам, просто во мене тлееше желба да ги изнесам шокот, вознемиреноста и тагата, но и восхитувањето кон главниот лик Чарли, кој и покрај зависноста од храна, спомените и животот ги носи многу трезвено низ филмот.

Неговата болка, страдање и зависност од храна ни е доловена од режисерот толку близу што е невозможно да останеме рамнодушни, без да се прашаме кои се нашите зависности и како би изгледале доколку од страна се гледаме самите себе. Не знам навистина, го немам одговорот на тие размисли.

Но, она што сигурно го знам е дека зависноста од храна спаѓа во зависности за кои поретко зборуваме, наспроти зависноста од цигари, опијати, па и најмодерната завист од која страдам и јас – зависноста од интернет, и постојано интеракција со електронските апарати, кои небаре ни го контролираат животот на дневна база (мобилните телефони).

Чарли е човек што не можејќи да го прифати сопственото бреме, неверството кон сопругата, и напуштањето на ќерката, постојано се казнува… лесно е видливо дека зависноста што тој ја има е засолниште од неговите мисли, од себе, нешто на што може секогаш да му се покорува, без да биде осудуван. Постојано се чувствува тензија кога главниот лик се прејадува, ги сведочиме неговите тешки борби, мислите и гласовите што му надоаѓаат и кои тој одново и одново ги стишува прејадувајќи се.

Како да се биде среќен/на без зависност или порок? Дали ние сме скроени и сме толку лесни и кревки што не можеме со себе, па постојано бараме прибежиште од нешто, некого… ова одѕвонуваше во мојата глава.

Но, и не само ова – релациите што ги создаваме и (не)одржуваме, како пријателски, така и семејни, кои на некој неискажлив начин знаат да „боцнат“ онаму каде што ниедни други релации не можат, не на таков начин. Многумина од нас може да се пронајдат во Чарли, или, пак, во неговата ќерка Ели, неговата поранешна сопруга Мери… во еден/една од нив, во секој од нив по малку, зависи. Нивниот однос е кревок, кршлив, и просто неодржлив… години подоцна тие успеваат да остварат контакт, но, секако, не со некој голем или здрав „успех“. Кога нашите релации ги запуштаме, не ги одржуваме, лесно забораваме што имаме до себе и колку е тоа вредно. Можеби оној „клише“ муабет дека само кога губиме нешто, му ја разбираме вредноста… можеби само нешто кога ни е далечно или никогаш повеќе дофатливо, почнуваме да сфаќаме колку го посакуваме?

Хонг Чау во улога на Лиз, сестрата на починатиот љубовник на Чарли

Филмот се развива низ неколку односи. Главниот лик Чарли иако веќе во брак, се заљубува во свој студент, по што сопругата Саманта се разведува од него. Младиот љубовник на Чарли се самоубива, но неговата мотивација никогаш не се расчистува докрај, иако има одредени навестувања дека причината е неприфаќањето на сопствената сексуалност (овие сцени не ни се прикажани, филмот почнува со Чарли веќе во борба со своите мисли и зависноста). Лиз, сестра на покојниот поранешен љубовник, е единствената пријателка и личност што искрено се грижи за Чарли, постојано му носи лекови и му е огромна морална поддршка. Се појавуваат Томас, христијански мисионер чијашто мисија е да го избави Чарли од гревовите и патењето, Дан, доставувач на пици, со кого Чарли никогаш нема контакт во живо, а му плаќа за храната така што остава пари во поштенското сандаче, Ели, ќерка на Чарли, со која тој нема контакт осум години, а без знаење на нејзината мајка ќе успее да стапи во контакт со неа. Главна причина за тоа од нејзина страна можеби ќе бидат парите, кои тој ѝ ги ветува. Филмот нема среќен крај и нема да го откријам во целост со дополнителни спојлери, но дефинитивно има една огромна поука.

Сејди Синк во улога на Ели, ќерката на Чарли

Во еден свет во кој често треба да „дишеме“ длабоко, и да не преразмислуваме зашто тоа значи и анксиозност/немир од кои неминовно бараме прибежишта или некаква утеха, лесно ни се создаваат зависности. Не постои човек што не е зависен од нешто, но по „Китот“ имав огромна потреба да напишам нешто за зависноста од храна, која според статистиките е можеби најчеста во САД, многу брзорастечка по појавата на империјализмот, капитализмот и секако брзата храна. Се прашав колку ли луѓе се чувствуваат среќно и задоволно само кога имаат храна до себе. Историски гледано, да – навистина храната е симбол за безбедност, згриженост, исполнетост, храната нѐ зближува, огромен дел е од нашата традиција, ја сакаат и им е потребна на сите битија во овој свет, без разлика дали се луѓе, животни, билки или некаков друг вид ентитети. Секому му е потребна храна. Но, јас говорам за последиците на зависноста од храна, која може да изгледа на различни начини, но понекогаш изгледа како постојано прејадување, нездрава исхрана и затапување на нашите вистински потреби и чувства со нив.

Дарен Аронофски (лево), режисерот на „Китот“ и Брендан Фрејзер (десно), актерот кој го игра главниот лик, Чарли

Нашиот главен протагонист добива години и години предупредувања и препораки да почне поздраво да живее и да се лекува, но тој решава да ѝ се препушти целосно на зависноста. Којзнае, можеби и нема доволно утеха по смртта на својот љубовник и вечното чувство на вина за тоа, како и за пропаднатиот брак… од филозофски аспект и не чувствувам право да му судам на Чарли, или како кој било од нас да има право да му суди… Сега, како да постапиме во ситуација во која рационалното решение не може да го видиме? Како да му изнајдеме повторна нежност и смисла на животот кога доволно е што ние луѓето постојано и бездруго му бараме смисла на животот. Па, повторно се сетив оти еднаш пишував за „Поезија без крај“ од Ходоровски, во кој тој, меѓу другото, уште како дете сфатил дека животот нема смисла, но дека треба да се живее и дека токму од таа бесмислица треба да се направи смисла, да се оживее.

Би сакала „Китот“ да е една голема лекција за сите нас, да ги негуваме меѓучовечките односи, да разговараме колку што можеме еден со друг, дури и кога тоа значи дека мора да направиме „тежок“ разговор, да одиме на терапии (доколку сме во можност), да не се срамиме да побараме помош, и ова овде напишаното можеби повеќе ми требаше мене, отколку на кој било читател, но е порака од срце и за мене, и за секој од вас.

Теодора Соколовска 

Previous Post

#БезОбјаснување: Петра Бранковска

Next Post

Што ако Вес Андерсон режираше филм за Хари Потер?

Next Post
Што ако Вес Андерсон режираше филм за Хари Потер?

Што ако Вес Андерсон режираше филм за Хари Потер?

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum