PopUp Rating: 3.5/5
„Ќе има пожар“ е долгометражен игран филм на француско-шпанскиот сценарист и режисер Оливер Лекс. Тој симболично ја претставува нераскинливата врска меѓу природата и човекот. Во првата сцена е прикажано немилосрдно, масовно сечење на дрвјата и опустошување на шумата. Од лупењето на најтенката кора, слој по слој до срцевината на стеблото, како што сценариото на Сантијаго Фиљол бавно ја согорува обвивката до самотијата во која се врежани длабоки емоции. Кратките незначајни дијалози на протагонистите не откриваат многу за нивните чувства и карактери, но мајчинскиот инстинкт на Бенедикта избива на виделина. Иако, среќната мајка се обидува да го прикрие задоволството за враќањето на нејзиниот син, таа се издава со вообичаеното, загрижено прашање – Дали си гладен? Во отсуство на Амадор, напатената мајка ја насочила грижата и љубовта кон добитокот. Крушата под круша паѓа, а тој исто како и неа се обидува да ги камуфлира психолошките лузни од затворската ќелија и ја избегнува жешката тема за бурното минато.
Директорот на фотографија одлично ја оживува природата и ѝ дава главна улога најчесто користејќи природна светлина и долги пејзажни кадри. Исто така, кинематограферот Мауро Ерце не ги изоставува ниту животните, мошне впечатлив е краткиот, крупен кадар од повредената крава со сонцето во заднина и прошетката во густата магла на Амадор и верната сопатничка, кучката Луна, која искрено се радува на неговото враќање и повторно дружење. Разбеснетите звуци на ветерот и лисјата ја подгреваат непријатната и морничава атмосфера, со попатни минималистички вметнувања на класична музика.
Малубројната актерска екипа е составена од луѓе чијшто физички опис одговара со замислата на режисерот и тие не се професионални актери, односно се натуршници. Главниот лик Амадор умешно ја доловува осаменоста, душевната болка и безнадежните растргнати погледи од потсмевот на селаните. Мајката Бенедикта е уште поубедлива и со секоја измината сцена дополнително се оформува нејзиниот лик. Одличен избор на кастингот и вешта изведба на избраниците, Амадор Ариас ја освои главната награда за најдобар актер на минатогодишното издание на фестивалот во Солун.
„Ќе има пожар“ е солидно аудиовизуелно остварување на талентираниот режисер Лекс, но бавното развивање на сценариото нема да им се допадне на оние што постојано жеднеат за акција. Филмот е за публиката која обожава стихијно отплеткување на приказната и внимателно вреднува мали детали со големо значење. Кинематографијата на Ерце е највредното парче од сложувалката, а остроумното око на режисерот пристојно го користи краткото времетраење од 86 минути. Тој не навестува, ниту наметнува мислење, туку им препушта потполна слобода на гледачите, неутрално да ги доживеат ликовите и да донесат индивидуални заклучоци. Дрвосечачите се предвесници на опасност и неволја, а уништувањето на природата и влијанието врз климатските промени е добредојдена критика. „Ќе има пожар“ ја освои престижната награда „Поглед од друг агол“ на минатогодишното издание на Канскиот фестивал.
Филип Мишов
Image © miramemira