Главниот симптом е заморот (физички, мисловен, емоционален), кој целосно ги заробува способностите за ефикасна работа. Второ, психолошко оддалечување од работата – едноставно се чувствуваш оттргнато и негативно, дури и цинично во врска со твоите работни задачи. И се разбира, тука е неефикасноста, поточно чувството на неспособност и недостиг на продуктивност.
Што можеш да направиш?
Препознај ги активностите и односите што ти создаваат стрес. Ова значи и преиспитување на очекувањата со колегите, со клиентите, па дури и со членовите на потесното семејство, во однос на тоа што и колку можеш да поднесеш, како и условите под кои можеш да работиш со некого.
Направи си креативен издувен вентил. Согорувањето доведува до лош перформанс во работата и ги затвора креативните „чакри“, како и способноста да се размислува флексибилно и брзо. Дури и кога не можеш да најдеш никаков креативен извор на инспирација, „издувниот вентил“ може да ти помогне да задржиш високо ниво на мотивација за да го победиш застојот.
Промени ја перспективата. Размисли кои аспекти од ситуацијата на работа се навистина непроменливи, а кои зависат исклучиво од тебе. Ако ја промениш перспективата на гледање на нештата, можеш да го надминеш и проблемот. Обиди се да изградиш позитивни односи што ќе им пркосат на оние што енергетски те исцрпуваат.
Научи како да управуваш со стресот. Постојат неколку стратегии што можат да ти помогнат да се справиш со стресот. На пример, можеш да водиш дневник и да ги документираш сите извори што ти причинуваат стрес. Така многу полесно ќе ги идентификуваш и ќе работиш на нив. Исто така, многу корисни техники се длабокото дишење, медитацијата и други методи на релаксација, кои ќе ти помогнат да се смириш во стресните моменти.
Вежбај. Вежбањето не е добро само за физичкото здравје, туку може и емоционално да стимулира. Не мораш да поминуваш многу време во вежбалница, има и едноставни вежби што можеш да ги вклопиш во твоето секојдневје. Понекогаш и кратки прошетки можат да завршат работа. Уште поважно, вежбањето и физичката активност ќе ти помогнат да се наспиеш добро, што е клучно во борбата со стресот.
Помогни им на другите. Ова звучи нетипично, но еден едноставен начин да се почувствуваш подобро и поисполнето на работа е да им понудиш помош на другите. Кога помагаш, се чувствуваш корисно и добро. Дури и најмалиот чин на помош и поддршка ќе ти помогне одново да се наполниш со енергија.
Побарај помош и поддршка. Во последно време е зголемен бројот на луѓето што сметаат дека нема кому да му се обратат и да му раскажат за своите проблеми. При прегорувањето на работа, луѓето покажуваат тенденција на дополнително затворање во себе, наместо искажување на емоциите во врска со ситуацијата. Се разбира дека треба и време и напор за да се одржат социјалните контакти, но доколку се опкружиш со луѓе што знаат да дадат совет и поддршка, така многу полесно и побрзо ќе можеш да му кажеш збогум на твојот burnout.
Драган А.