Главната идеја зад проектот „МКЦ ШИЗИ“ е да се намали генерацискиот јаз помеѓу различните генерации хипхоп фанови и може да кажеме дека полека но сигурно успеваме во тоа. На подиумот во МКЦ имаше од тинејџери до возрасни луѓе, некои од нив дојдени и со нивните мали деца. Исто така, на наше големо задоволство, привлековме публика и од соседните држави, што е уште еден показател за квалитетот на настанот на регионално ниво.
Јас, Irie Scratch, ќе пробам да ви дадам осврт и инсајдерско искуство од прво лице како дел од организацијата на самиот настан. Па, ајде да почнеме со ред. Сите артисти пристигнаа дента пред настанот, освен Ras Kass, кој го пропуштил летот од непознати причини. XZIBIT и неговата екипа пристигнаа попладнето, директно од Лос Анџелес, бидејќи Скопје им беше првата од дваесет и трите станици на европската турнеја. Иако уморни, тие беа воодушевени од пречекот и пред сè mindblown од македонската храна 😀
Додека гостите од САД се аклиматизираа, pre-party-то започна! Нашиот пријател и соработник од Загреб, Phat Phillie, го славеше својот 44-ти роденден во Скопје, а на забавата присуствуваа неговите најблиски, целата екипа на Frenkie од Босна, како и нашата Sure Shotz екипа. Прославивме на прав балкански начин – целодневна во кафеана со скара, ракија и многу Златен Даб.
Доцна вечерта пристигна и ESKEI83 и добивме информација дека Ras Kass пристигнува попладнето следниот ден, па на сите ни олесна и можевме целосно да се фокусираме на настанот. Тонските проби поминаа лесно и одлично, и добивме sneak-peek што нè очекува вечерта. ESKEI83 го покажа skill-от зад грамофоните, а целата екипа на XZIBIT направи подолга проба пред првиот настап од турнејата. Ги завршивме сите организациски обврски и бевме спремни за почеток на настанот!
Вратите се отворија во 20:30 и веднаш влегоа најзагреаните фанови. Shorty P го почна настанот со звук од 90-тите, а на него се надоврза Phat Phillie со побавни west coast класици – совршени за отворање ваков настан. Во 22:00 настапи еден од најдобрите балкански рапери, Frenkie, кој се претстави со најдоброто од својот репертоар. Атмосферата беше одлична и публиката загреана за тоа што следува – WEST COAST TAKEOVER.
DJ Hoppa го отвори тој дел од вечерта, со најава што ќе се случува во следните 2 часа. На бината излезе Problem, еден од најактуелните new school артисти на западниот брег. Во публиката имаше негови фанови, кои викаат дека тоа бил најдобриот дел од целата вечер 😀
По него настапи легендарниот Ras Kass и атмосферата веќе беше на највисоко ниво. James Savage и Demrick го одржаа истото ниво, а мојот впечаток беше дека и покрај тоа што публиката не ги знаеше текстовите на песните, тие многу умешно ја контролираа енергијата и го задржаа вниманието. Интересно е дека X постојано беше во малиот backstage на МКЦ, будно следејќи ги настапите на своите соработници. Тој беше многу пријателски настроен и cool спрема целата наша екипа и сите останати артисти.
По кратка пауза, дојде време за неговиот настап! Самата појава на XZIBIT како вистински OG донесе друга енергија во полната денсинг-сала во МКЦ. Публиката постојано ги следеше неговите наредби, а тој настапуваше хит по хит. Бев изненаден колку, всушност, познати песни има, пред сè како feature на класици од Dr. Dre. Настапи по една песна со сите гости и умешно го затвори својот настап со благодарност до македонската публика.
На бината веднаш се качи ESKEI83, кој започна енергично со цел да задржи што поголем дел од веќе истрошената публика. Тој ги претстави своите скреч рутини, live ремикси и авторски траки, а во публиката можеше да се забележат луѓе специјално дојдени да го доживеат тоа што го гледале на Јутјуб од него. Јас, Irie Scratch, ја затворив вечерта со модерен хипхоп и малку afrobeat за крај.
Ги испративме и најупорните, па се фативме за работа – ја собравме опремата и го исчистивме бекстејџот, па конечно можеше да се приберам дома 😀 Утредента полека ги испративме сите артисти, а јас лично многу научив од муабетот со ESKEI83 накај аеродром. Со него разговаравме за тоа каков треба да е мајндсетот на еден профи диџеј, на што треба да се фокусира и како да напредува во својата кариера. Исто така, тој ми кажа дека научил неколку работи од нашиот настан и ќе ги примени за неколку недели на својот настан во родниот град Дрезден, Германија.
Конечно можев да олабавам и да одморам. Веќе се рехабилитирав, а од денес се враќаме на стандардните диџеј обврски. Фокусот на Sure Shotz до крајот на оваа година ќе биде на двете резиденции во Скопје – Thursday Shake во Епи и Friday Bounce во Вокс, а исто така спремаме едно гостување од регионот кон крајот на ноември.
Во поглед на „МКЦ ШИЗИ 3“, се надеваме дека во 2020-та ќе успееме уште повеќе да го кренеме нивото, донесеме уште поголеми имиња од старата и новата хипхоп школа и ќе приредиме спектакл за сите генерации на хипхоп фанови во Македонија, но и пошироко.
На крај, уште една благодарност до сите артисти што настапија, сите соработници, Илија Димкоски за одличните дизајни, Стефан Рајхл за fire фотките, Tone Bandits за видеото, Трипе, Ерик и цела екипа од МКЦ, нашето crew: Цуци, Даме, Оги, Петар, Роберта и Дора, како и сите други што учестуваа во беспрекорна реализација на овој настан.
Се гледаме повторно на „МКЦ ШИЗИ 3“!
фотографии: Стефан Рајхл
Irie Scratch