Имавме одлична можност да се запознаеме и да поразговараме со Ана, Ива и Доротеј, и воедно да ве поканиме и вас да одите и да ја искусите оваа несекојдневна визуелна наслада во периодот до 10 март. За неа, кураторот Дијана Томиќ Радевска, меѓу другото вели: „Ана Трајковска, Ива Станковска, Илија Прокопиев и Доротеј Нешовски, блиски по третманот на слободата на изразот, секој на свој начин во традиционална техника, цртеж, сликарство, графички отпечаток, фотографија, објект-скулптура, нетипични во решенијата, излегуваат од рамките на ограничувањата.“ Таа уште ќе го забележи и следново, за секој од нив поединечно:
Доротеј Нешовски низ „Илузиите“ на уметноста гради објекти со ready-made елементи, каде што во зависност од промената на светлината се менува комплетната линеарна слика. Со неговиот специфичен ракопис од (се чини) детското моќно емоционално паметење, оформува фрагилни цртежи со отпадоци од процесот на создавање, кои внимателно ги селектира и чува. Дигиталните принтови и објектот „light box” во „fuzzy” – композиција произлегуваат од играта со неговиот медиум – дрвените боички, кои понатаму би рекла ги отсликуваат видливите и невидливите густи линии на градот. Густината на линиите, преку обединувачки структури формираат модул кој може да се обраби но поверојатно е дека сака да излезе надвор од работ, до бесконечноста.
Илија Прокопиев спонтано бележи цртежи во големи формати, кои аналитично нафрлаат забелешки од градот, од облиците на неговите перцепции. Масниот пастел дава можност за колористичка игра, композициски авторот ја дополнува со правоаголни сегменти-цртежи, дополнително компонирани белешки и фотографии, кои притоа на работ на таа отворена празнина го испишуваат неговиот препознатлив ракопис. Отворениот концепт на цртеж, на слика, на колаж, на асамблаж, или пак инсталација, ви остава простор да се втурнете во емоционалното прифаќање на сугерираните форми и сами да влезете во чинот на гледање. Асоцијацијата и комбинаториката на веројатности која авторот ви ја нуди е голема, а сами учествувате во сликата од виртуелниот простор до слика во вистинскиот простор.
Кај Ива Станковска низ чуден сплет на линии и монохроматски решени површини се препознава потребата да се забележи, да се наслика и преку уметност да се испишат чувствата. Процесот и начинот на создавање за авторката е суштествен, како нејзин начин на чистење на духот. Употребува разредени акрилни бои, смрзнати бои, индиректно остава траги, Полоковски ги истура боите врз платното. Таа ги гмечи, ги гужва, ги пребојува, ги брише, ги мачи сопствените слики. Таа ги влечка и фрла како со нив да го води дијалогот кој оди до работ и назад од почеток. Енергијата на уживање и гнев рефлектираат во енормно големите димензии кои се промислени како платна кои системски ќе пораснат во објекти, во “меки” скулптури, во сликарска инсталација. Решенијата на авторката се site specific, така целата изложбена соба, во соработка со Ана Трајковска е преполнета, сè со намера да ве вовлечат во трета димензија а потоа да ви ја покажат моќта на формата. Вие сте внатре, во формата, на работ на формата.
Ана Трајковска во експериментирањето со графичките техники се приближува до работ на обеспредметување на формата. Таа излегува од границите на објективното и предметното стигнувајќи до метафизиката, чистата бесконечност ни ја сугерира со сината боја и небесното синило. Во нејзината потреба да се отпечати трага, со испреплетени асоцијативни гранки, или пак крвоток кој живот значи, на меки подлоги, на платно, и на атипичен начин на создавање, таа го испишува својот ракопис со излегување од нормите на класичниот графички пристап. Заедно со Ива Станковска го балансираат простор, се дополнуваат, се разбираат, ја толерираат својата сличност и различност, создавајќи “соба-мека скулптура”.