Овој фестивал, кој себеси се позиционира како најполитички од сите филмски фестивали, во однос на изборот на темите и ангажираноста на филмските творци, за годинешната селекција вели дека е разновидна, независна и смела.
Околу 400 филмови од различни жанрови и формати, играни, документарни и експериментални филмови, од класични нарации до нови естетики ќе бидат прикажани на програмата, конципирана во неколку делови: Competition, Encounters, Berlinale Shorts, Panorama, Forum и Forum Expanded, Generation, Perspektive Deutsches Kino, Berlinale Special, Berlinale Series, Retrospective, Berlinale Classics и Homage, Berlinale Goes Kiez.
Во главната програма за наградата Златна мечка за најдобар филм се натпреваруваат вкупно 18 филма од исто толку земји. Според уметничкиот директор, во изборот како заедничка одлика преовладуваат темни тонови, бидејќи креаторите на овие дела гледаат без илузија на стварноста што нè опкружува.
На социјалните медиуми веќе се издвојуваат неколку фаворити: „Never Rarely Sometimes Always“ од Елиза Хитман, „Favolacce (Bad Tales)“ од Дамиано и Фабио Д‘иночензо, „First Cow“ од Кели Рајхард и „Domangchin yeoja (The Woman Who Ran)“ од Хонг Сангсоо.
Селектираната програма бележи поголема застапеност на женски режисерски имиња во две категории, Generation и Perspektive Deutsches Kino, кои поддржуваат млади и нови режисери, кои токму на фестивалот ги прикажуваат своите први филмови.
Многубројните придружни програми, разговори со публиката, предавања, стручни панели, како и иницијативите, платформи за вмрежување и финансирање во филмската индустрија, го карактеризираат Берлинале како иновативен двигател и важен економски фактор за домашниот и за меѓународниот пазар.
Една од тие програми е и Berlinale Talents, каде што ќе учествуваат македонскиот млад режисер Ханис Багашов и актерот Стефан Вујисиќ.
Оваа година се укинува наградата „Silver Bear Alfred Bauer Prize“, која од 1987 година го носи името на првиот директор на фестивалот. Оваа одлука следува по најновите истражувачки објави за неговата инволвираност и висока функција во културната политика во времето на националсоцијализмот.
Анна