Но, случајности не постојат и она за што сте предодредени вака или така, порано или подоцна ќе ве стигне. По една средба со Алек Наумовски пред нешто повеќе од година и половина, повторно започнува нејзиниот пат во модниот свет. Кулминираше деновиве, со нејзиното учество на Milano Fashion Week како дел од ревиите на два од најпознатите светски модни брендови. Ниту овој разговор со неа не е случаен, бидејќи како што кажавме, случајности нема 🙂
Додека го правиме разговорот, ти си во Милано, а модната недела е веќе завршена 🙂 Какo се претстави на изданието есен/зима и какви ти се воопшто импресиите, ако земеме предвид дека учествуваше на еден од најпознатите светски модни настани?
Доаѓањето во Милано ми беше многу брзо и може да се каже и неочекувано, знаев дека ќе патувам некаде наскоро, но не очекував во Милано. Сѐ се случи толку брзо и одеднаш се најдов на кастинг за Долче и Габана, и со тоа и започна мојата интернационална кариера. На модната недела во Милано се појавив на ревијата на Долче и Габана и две недели подоцна на ревијата на Рик Овенс во Венеција, којашто беше дел од модната недела во Париз. Иако ревиите не се како што биле порано и се без публика, адреналинот и возбудата што се чувствуваат пред да излезеш на пистата се доста присутни и огромни, можеби и затоа мааааалку повеќе сакам да работам на модни ревии. Искуството дефинитивно ќе го паметам засекогаш. Во меѓувреме, исто така работев и на моето портфолио со неколку локални фотографи и брендови.
Vogue Runway – courtesy of Dolce&Gabbana
Да те вратам малку назад. Знам дека нештата за тебе вртоглаво се променија откако те видовме во рекламата на Златен Даб (0:20), во која си еден од најпрепознатливите и убедливо најоригинални ликови. Какво ти беше ова искуство и што ти донесе?
Со оглед на тоа што голем дел од тимот веќе ги познавав од претходно, искуството ми беше супер лабаво, без стресови и трема, обично кога работам со нов тим луѓе ми треба време да се опуштам. :))) А, што ми донесе… не знам, и сѐ и ништо. 🙂
Да се застане на миланска писта ми се чини е one way ticket за лансирање успешна интернационална моделинг кариера. Какви се твоите соништа за понатамошната работа во модниот свет?
Јас цело време си велам дека ова само што започна. Многу сум благодарна до сите што ме истуркаа да стигнам до Милано и се надевам дека нема да застанам тука. Соништата ми се запишани во дневниче и како што поминува времето, полека-полека почнуваат да стануваат реалност. Максимално работам на себеси за да можам да добијам уште безброј нови искуства и да запознам нови луѓе низ целиот свет. 🙂
Carlo Scarpato (Rick Owens runway)
Ивана, пренатрупани сме од брзи трендови и свет што останува униформен и покрај шаренилото, многубројните медиумски канали на кои можеме да се презентираме за тон лајкови. Колку е тешко се биде навистина различен од толпата денеска, колку тоа се должи на физичката појава, а во колкава мера е состојба на умот и духот?
Физичкиот изглед додава на уникатноста, но колку и да се трудиш да си различен, пак си ист со секој нареден. Сите ние сме исти, дишеме ист воздух, функционираме на ист начин и живееме на иста планета. Цело време се трудиме да оставиме нешто уникатно зад нас, но малкумина од луѓето сфаќаат дека физичкиот изглед не значи ништо во споредба со состојбата на умот и духот, и јас бев дел од тие луѓе и полека почнав да се будам од длабокиот сон. Може да се издвоиш со изгледот и да си најкул на свет, но неодамна научив дека голем дел од уникатноста произлегува од умот и начинот на кој размислуваш. На крајот на денот, we are all the universe experiencing itself subjectively.
Vogue Runway – courtesy of Dolce&Gabbana
Веќе ми стана редовна практика да ги прашувам луѓето што научија во периодот на искушенија низ кој поминува целиот свет. Па, со какви лекции го збогати ти твоето животно портфолио? 🙂
Трпение, трпение и само трпение. Сѐ што сакаш е возможно и сѐ што ќе помислиш може да се случи, колку што е добро, толку е и лошо, па затоа always be careful what you wish for.
Carlo Scarpato (Rick Owens runway)
Јосип К.
фотографии:
Carlo Scarpato (Rick Owens runway)
Adam Кatz Sinding (backstage Rick Owens) for WWD
Vogue Runway – courtesy of Dolce&Gabbana.