„Многу ја сакам магнолијата“ – вели Искра додека се движиме кон раскошното дрво во паркот спроти бараките на Град Скопје, каде што работи веќе десет години. Тивко дополнува дека се разочарала кога шеталиштето во убаво уредениот простор го направиле со песок, оти потешко се движи со своето помагало по песочни површини.
Но тоа не ја спречува да ужива во штотуку разбудената природа повеќе од сите нас, како да има двојни сетила за боите и за мирисите што нè oпкружуваат. Тогаш станува јасно – ретки се луѓето што можат да се натпреваруваат со Искра во страста кон животот, како и во упорноста и во силата со која оваа поетеса го живее секој нов ден. Магистрираше на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во меѓувреме се запиша на магистерски студии по политички науки и дипломатија, автор е на девет поетски книги и постојано можете да ја видите на книжевни промоции, читања, перформанси и хуманитарни настани.
Во твојата поезија се чувствува жед и страст за животот. Ретко кој знае дека поезијата претставува духовна облога за видливите и невидливи рани што ги носи еден човек. Што може, а што не може да направи таа?
Кај мене е повеќе еден вид катарза, утопија, извор и ослободување на сета животна енергија што ја носам во себе, креирање паралелни светови во кои имам апсолутна слобода и моќ да бидам или да правам сè што посакувам co врвен потенцијал. Еден вид длабинско спознавање на себеси и внатрешен дијалог, што севкупно земено, секако претставува своевиден исконски, таен рецепт за природен мевлем против болните пликови и осипи од наметнатата изместена реалност. Не би рекла дека поезијата ги лекува раните, туку ги преобразува и ги прави подносливи. Поезијата е метод за справување со нив, овозможувајќи ни да ја осознаеме нивната опачина, отаде нив.

Многумина се предаваат кога се соочени дури и со најмала, неважна пречка, но ти продолжуваш, и наместо да бараш од општеството, уште и му оставаш трајни вредности. Што те научија животот со церебрална парализа, искушенијата и лузните од многубројните операции? Која е тајната состојка на непотклекнувањето и издржливоста што му е толку насушна на денешниов човек, склон брзо да крева раце од сè?
Ме научија дека сме и повеќе од заробеници во своите тела, да станам свесна за моето тело и за моќта на духот во него. Ме исчеличија за да го сакам и да го ценам животот баш каков што е, да уживам во него и кога е тешко. Ме обликуваа во личност која е горда на себеси, која се прифаќа во целост, се чувствува комфорно во сопствената кожа и постојано се надградува. Тајната состојка е амалгам од самодоверба, страст, темперамент, визија, цел, соништа, поголема смисла, љубопитност, креативност и човекољубие, кои секогаш ме тераат да продолжам непоколебливо напред и прават сите неудобности и изговори да изгледаат неуверливо.
Не признаваш општествени бариери, но сепак, на секое излегување од дома, се соочуваш со елементарната бариера – недостаток на лифт во твојата зграда. Како ги надминуваш овие основни пречки и какви активности преземаш за олеснување на ситуацијата на другите луѓе што се соочуваат со проблеми од слична природа?
И ден-денеска живеам сред архитектонски хаос и нелогичности во домувањето. Најнапред се штимам себеси со позитивни и со еластични уверувања и барам начин, секогаш има. Јаката желба е моето најсилно оружје, иако луѓето некогаш знаат и да се уплашат. Најчесто подаваат рака соседите, познати и непознати добронамерници, кои топлат душа. Сепак, упорно барам возможно олеснително решение за дом во кој ќе сум потполно независна и кој нема непотребно да ми одзема од креативната енергија. Акцијата произлегува од моето искуство, разум и добронамерност да оставам трајни вредности, согласно со постојните околности. Енергијата и делата се заразни, личниот пример има тежина и носи голема одговорност. Стојам зад многу иницијативи, законски измени, решенија и проекти за подобар живот на сите луѓе, а особено на оние со повеќе предизвици, но се трудам тоа да не е наметливо. Го имам здружението „Нова Искра“ и многу непобитни аргументи наспроти сè поизразеното его на одредени самопрогласени авторитети. Држам мотивациски говори, пишувам, креирам, живеам и правам сè што може да придонесе за напредок.

Во една од своите колумни велиш: „А каде е љубовта во оваа моја приказна? Јас сум сепак само една жена полна со љубов, страст и сексуалност. И не, не се срамам да го признаам тоа… Време е луѓето да сфатат дека не сум кршлива порцеланска кукличка што треба да се чува, туку жена од крв и од месо.“ Не се воздржуваш да зборуваш за онаа физичка врска меѓу две човечки суштества како придружен дел на љубовта. Напротив, им пркосиш на стереотипите. Ја пронаоѓаш ли љубовта?
Таа потреба за мене е сосем природна, нормална и здрава, исто како потребата за храна и сон. Не ја зауздувам, напротив ѝ дозволувам да си се искаже во сите облици, тоа е привлечно. Многу добро се познавам и духовно и телесно, ослободена сум од комплекси и задршки, па уживањето е загарантирано. Тоа треба да го имаат на ум сите луѓе. Љубовта е комплексна и слоевита, има многу лица, ја пронаоѓам секаде и во секого, во различна форма и доза. Зрачам и живеам за и од љубов. На пролет и лето буквално процутувам.
Секој автор преточува некаква проекција за себе во своето творештво. Опиши ни ја Искра од паралелниот свет на поезијата, каква е поетската, наспроти секојдневната Искра?
Секојдневната Искра се бори со сè и сешто, па понекогаш се чувствува како Супер жена со криптонит околу вратот поради сè поголемата глувост и инертност околу нас. Поетската е без стеги, потполно остварена, моќна и гласна за визијата што ја има за светот во кој посакува да живееме заеднички со меѓучовечко разбирање и поддршка.
Јосип Коцев

