Ако те праша другарка ти каде да оди среде зима во Амстердам, кога деновите се кратки, врне дожд, дува ветер и може да те преврти, ќе ѝ кажеш: „Таму каде што одат сите амстердамци за да заборават на зимата“. Пивољупци, јуху!
Морам да признаам дека Амстердам и преку зима е живописен, романтичен, и те тера на љубов и опивање. Она што сега е тренд се домашните крафт-пива.
Brouwerij ‘T IJ
Ниту една посета на Амстердам не би била комплетна доколку не ја посетите пивницата Brouwerij ‘T IJ, бидејќи не само што е кул место за посета, туку и изборот на пиво е голем. Пивницата се наоѓа во стара ветерница и порано била општинска бања. Ако влезете внатре, ќе ги забележите посебните влезови за мажи и жени. Таму, освен што можете да се однесувате како турист и само да се фотографирате, можете и навистина да уживате во крафт- пивата кои се меѓу поевтините во градот. Цените започнуваат од 2.30 евра. Една од опциите е да земете 5 примероци пива за 10 евра и потоа да продолжите со вкусот којшто го сакате.

Brouwerij ‘T IJ произведува многу висококвалитетни пива, вклучувајќи пилс и килибар, како и двојното Natte и тројното Zatte, како и Columbus, кое по вкус ми беше како „Zatte на стероиди“. Исто така, имаат и сезонски пива како што се IJwit бело пиво и Flink – лесно, овошно пиво за оние кои уживаат во бледо пиво (совршено за во лето). Со своето пиво исто така можете да пробате неколку локални деликатеси, колбаси, органско сирење, варени јајца, салама.
А доколку се напиете и почнете да се влечете по пивницата, ќе ви речат: „Се направи мелница“.
Butcher’s tears
Баш како што некој имаше напишано некаде: „Толку е кул, што можам да плачам со пивски солзи од радост!“ Се наоѓа на индустриската улица во населбата Зуид, осамената локација на месарските солзи. Таму ќе сретнете вистински пивољупци со бради, хипстери, пензионери, љубители на дегустација на пиво.

Самата пивница е напуштена фабрика, во која не е направено многу, додадени се табли, маси, фрижидери, звучници и лампи. Имаат соба за дегустација во која можете да одите од среда до недела во попладневните часови.
Пробајте ги нивните интересни сезонски и ограничени изданија на крафт-пива како En Enfer, Raggle Taggle (во лето) или Ex Voto (на зима) како и Green Cap. Сите пива се нефилтрирани и непастеризирани.
Честопати организираат специјални настани, свирки во живо и филмски ноќи. Самото место си има чуден шарм, толку е опуштено, па штом ќе отидеш, едноставно не сакаш да си заминеш.
Proeflokaal Arendsnest
Не знам да го изговорам името, џабе се мачам, во превод значи „дегустациска соба“. Се наоѓа на каналот Херенграхт. Внатре е со бакарни цевки и махагони ѕидови. Кога ќе влезеш, чувствуваш како да застанало времето. Мотото на барот е „If it ain’t Dutch, it ain’t much”.

Тука можете да пробате повеќе од 30 пива на точење и над 100 пива во шише. Сите пива доаѓаат само од холандски домашни крафт-пивари. Одлични чаши, високообучен персонал, соодветни температури на сервирање. Персоналот е толку љубезен, па така секогаш ќе бидете одлично услужени. Ако одите во зима, пробајте го зимското црно пиво и одличното мезе од колбавчиња и сиренце како и The Big Fat 5 Double IPA и La Trappe Quadrupel Oak (од едно 11% шише почнуваш сите да ги сакаш, а на второто веќе може и ќе се заљубиш).
Oedipus Brewery and Taproom
Земете бесплатен фери до Амстердам Норд и по 5 минути одење ќе наидете на една пиварница сместена во складиште. Ќе забележите дека пивото се прави внатре, на самото место, но и дека има простор за дружење. Има книги, пинг-понг маси, каучи, палми, разнобојна ѕидна уметност и мешавина на седечки аранжмани кои совршено се вклопуваат во просторот.
Пивницата е основана од четворица пријатели: Сандер, Пол, Алекс и Рик. Тие често посетуваат различни фестивали и настани на кои можете да ги забележите како се смешкаат со своите пива. Нивните пива во шишиња се препознатливи по интересните илустрирани етикети.

Препознатливи крафт-пивa се Thai Thai, зачинето пиво кое се карактеризира со силна арома на цимет и ѓумбир. Интересно, но малку интензивно. MannenLiefde пак, е солидно соино пиво и воедно едно од набраните во пиварницата. И Polyamore е исто така интересно кисело бледо пиво. Препорачувам да ги ѕирнете дизајните на етикетите. Единствена работа што мора да ја запаметите е тоа што мора да имате кеш со себе. Картички не примаат.
Brouwerij Troost
Откако го заврши своето боженствено патување, манастирот се претвори во пивница која се наоѓа во живопсината населба Де Пајп.
Внатрешноста е фантастична, масивна светлина и проветрен ентериер со индустриски изглед, со одличен декор и мебел, како и многу опции за седење. Позади стаклото, во бакарните садови, можеш да ја гледаш подготовката на пивото (додека се жалиш колку те нервираат колегите на работа).
Ова е бар на свеќи. Секогаш интимна атмосфера. Лошата страна е што ако немаш резервирано, може да чекаш за да влезеш.

Имаат 10 крафт-пива меѓу кои Troost IPA, TRoost Pilsner, Honingblond и обично служат само свои домашни крафт-пива. Покрај одличните пива, Brouwerij Troost има бургери и ребренца кои се меѓу најдобрите во градот.
П.С Морам да потенцирам дека сите места се супер за шмек и љубење.
Автор: Ирена Мила


