Тоа добро го знае младиот графички дизајнер Харис Муриќ, чии дела циркулираат низ речиси сите полиња во кои може да се употреби оригиналноста на визуелното општење. На Инстаграм можете да го следите на овој линк. Ви ги претставуваме неговите дизајни со негови зборови 😊
Тешко е да се опише во неколку реченици што претставува графичкиот дизајн за мене. Но јас ќе го опишам најпросто што можам. Графичкиот дизајн за мене е комуникација. Пренесувањето на емоцијата, расположението и личните ставови во јавноста преку таа комуникација е она што најмногу го практикувам.
Досега сум имал предизвици од секаков карактер, од бренд идентитети до музички албуми, и сметам дека секој предизвик има своја големина, бидејќи чувството и работата на секој проект е различно.
Во поголемиот дел од моите студии сум вработен во маркетинг-агенција, а воедно работам на фриленс проекти, комбинација на два света што го калеле мојот начин на дизајнирање. Отсекогаш сум работел на повеќе проекти одеднаш, но сега посветувам посебно внимание на уметничка книга (воедно и мој дипломски труд), која се занимава со презентација на локалната уметничка сцена.
Се обидувам да го спојам тродимензионалниот свет со дводимензионалната графика и типографија и ме охрабрува кога гледам дизајнери што излегуваат од комфор зоната на конвенционални правила. Светот на дизајнот претрпува драстични трендовски промени секојдневно, но личниот израз е нешто што никогаш нема да излезе од мода и ќе остане нешто што настојувам да го практикувам.