Покрај илјадниците придобивки што во моментов можете да ги смислите за работата на далечина во која уживаат дигиталните номади, истражувањата покажуваат дека не е сè така „плажесто“ 😊 Доколку сепак би се обиделе со овој начин на работа, треба да знаете што може да тргне наопаку 😊
Нездрав баланс меѓу работата и социјалниот живот
Дел од дигиталните номади забележуваат дека ваквиот тип работа не е идеална за нивната психичка состојба. Така, пред да се врати назад во Европа од работата во Тајван, Амир Салихефендиќ од „Doist“ вели: „Научив неколку тешки лекции откако поминав низ мешавина од депресија, анксиозност, несоница и осаменост. Ми беа потребни неколку години да закрепнам од тоа искуство.“ На некои луѓе едноставно им треба приземјеност, секојдневна рутина и тесен социјален круг за да чувствуваат дека некаде припаѓаат. Професорот од Стенфорд, Николас Блум, спровел двегодишна студија со дигиталните номади од најголемата кинеска туристичка агенција. Забележал дека мнозинството од нив подоцна избрале да не работат од далечина бидејќи се чувствувале изолирано.
Чувството дека не сте дел од тимот
Според глобалната студија извршена со повеќе од 25 илјади вработени, 62 отсто од работниците од далечина се плашеле дека нивните соработници што останале да работат во канцеларија, сметаат дека тие не работат доволно. Други истражувања покажуваат дека работниците од далечина се плашат дека нивните соработници ги озборуваат, менуваат проекти без да ги консултираат и не ги почитуваат нивните професионални приоритети. Иронијата се состои во тоа што повеќето студии покажуваат дека далечинските работници се попродуктивни од нивните стационирани колеги. Далеку од очи, далеку од срце 😊
Проблемот со иновацијата
Далечината предизвикува стагнација во креативноста. Искуството на големи компании што вовеле работа на оддалеченост кажуваат дека, кога тимот е разделен со монитори во различни временски зони, не генерира ни половина од идеите што доведуваат до големи успеси. А иновацијата е водечки елемент, особено во компетитивниот пејзаж на технолошката индустрија. Така, „IBM“ повлече илјадници свои вработени од далечина назад во нивните канцеларии поради желбата да се натпреварува со поагилни компании во развојот на нова технологија. Истото го направија и „Yahoo“, „Reddit“ и „Samsung“. Гигантот „Best Buy“ ja повлече политиката на работа од далечина и покрај големата комерцијална добивка. Според некои истражувачи, иновацијата е толку важна што ја надминува и добивката од продуктивноста при работата од далечина. Стратегијата на работа од далечина била добра за 90-тите и 80-тите, но не и за втората декада од XXI век.
Можеби работата од далечина не е одговорот
Можеби работата со полно работно време од далечина не е она што сте мислеле дека е. Ако подобро разгледаме, веќе страдаме од проблемот со бариерите во комуникацијата, големата меѓучовечка изолација и намалената креативност. Токму во тоа се состои цената што се плаќа со работата од далечина. Сепак, во реалноста се смета дека личностите што просперираат преку „работа од плажа“ не се правило туку исклучок. Одговорот за идеалната работна средина лежи некаде на средина – да се направи корпоративна средина во која вработените ќе сакаат да доаѓаат секој ден, истовремено негувајќи и култура на колаборативна иновација, тим билдинг и повремена работа од поинакви места.