PopUp Rating: 4/5
Неограничените можности на интернет носат и неограничени опасности за корисниците. Чешките режисери Вит Клусак и Барбора Халупова храбро ја отвораат жешката табу-тема за злоупотреба на децата онлајн. Тие приредуваат непредвидлив психосоцијален експеримент и заземаат детален истражувачки пристап под надзор на искусни психолози и сексолози.
Умешниот план се одвива етапно, по претходно утврден кодекс на однесување, а завршната фаза е инсценирана средба во живо на девојчињата со сексуалните предатори. Одличната идеја открива застрашувачки свет и ги истакнува социјалните мрежи како будни сведоци на криминал, кои свесно одбегнуваат да го спречат тоа. Жртвите константно се соочуваат со злонамерни предлози и со опасни закани, а тоа посебно влијае кај ранливите деца со ниска самодоверба, од кои дел дури развиваат и самоубиствени мисли. Протагонистките говорат од прва рака за непријатните искуства со уценувачите и емотивно ги раскажуваат трајните последици врз менталното здравје.
Насловот симболично соодветствува со слободниот девијантен однос на манипулаторите, кои без двоумење ги контактираат малолетничките и лесно се вплеткуваат во замката. Во групата од гладни хиени, едно младо момче е освежување помеѓу ѕверовите. Тој ѝ посочува на адолесцентката дека машките не треба да се интересираат за нејзиниот изглед туку за нејзините размислувања и за интелектот. Филмскиот екипаж и девојчето трогнати од чистите намери на момчето, доживуваат емоционално ослободување.
Документарецот изобилува со експлицитна содржина и суров приказ на бестрашните насилници што се обидуваат да надвладеат. Секторите на сценографија, костимографија и дизајн на продукција совршено создаваат три автентични детски соби, со внимателно избрани елементи. Вознемирувачката атмосфера ја подгреваат морничавите виулици, а неочекуваните кратки и динамични кадри влеваат душевен немир.
(Не)среќните избранички односно смели актерки, зрело се воздржуваат од бурни реакции додека само мониторот ги дели од голите мажи. Тие мудро се носат со психолошките игри и ги извлекуваат валканите замисли од напаѓачите. Сабина, Ањешка и Тереза потполно го заслужуваат епитетот хероини, а нивната актерска игра успева да обелодени болна слика на виделина.
„Фатени во мрежа“ е врела шлаканица за соочување со реалноста. Фантастично остварување, задолжителна лекција за родителите да ја проследат цензурираната верзија (school version) во придружба на децата и заедно да извлечат значајни поуки. Фрапантната бројка од повеќе од 2.458 возрасни лица што ги контактирале трите девојчиња во краток период од десет дена е загрижувачки податок.
Одвратните разговори ќе ја остават публиката со подзината уста од неморалните злосторници што по секоја цена се обидуваат да ги задоволат своите нагони. Одличниот документарен филм на Клусак и на Халупова е успешен експеримент со едукативна цел, кој повикува на поголема контрола и заштита на децата. На крај, убавата вест е дека против изопачените престапници е поднесена кривична пријава и тие доживуваат неочекуван пресврт, ловците стануваат ловени.
Филип Мишов