Eва дипломира на ФДУ Скопје, отсек драматургија и сценарио, а во 2015 година заминува во Ванкувер (Канада) каде што усовршува пишување сценарија за филм и ТВ. Освен работата на многубројни телевизиски проекти, aвторка е на три сценарија за краткометражни филмови (‘LOL’ or The Sweet Irony of Life’, „Брат за еден ден“ и „Исклучиво жолти лалиња“) и едно за долгометражен филм („Стела“), сите продуцирани. На прашањето како се снаоѓа во времепросторов, самата вели: „Откако се вратив во Македонија, работам како слободен уметник во областа на филмот и театарот, и се надевам дека еден ден уметноста ќе биде ударна вест на ТВ-дневникот.“
Ева, зад тебе веќе имаш добар сценаристички багаж, твојата работа си го оди својот пат на телевизија, на театарската сцена, на големото платно… Колку е привлечно да се биде во кожата на еден сценарист денес? 🙂
Ух, Јосип, багаж е баш тежок збор, со две раце се носи. Засега, сум сѐ уште со ранче 🙂 Од сево ова, најмногу имам искуство по ТВ-куќите кај нас, но со оглед на тоа што не продуцираме серии или ТВ-филмови, ТВ-драми, нема со што посебно да се пофалам. Во секој случај, среќна сум што мојот ангажман во ТВ има врска со филмови и серии, занимавајќи се со промоција на програмата што телевизијата ја купува. За театарската сцена… таму сум најслабо, за жал, иако љубовта кон театарот и ме натера да студирам ФДУ. Нешто од тоа е и моја вина, нешто е и во немање план за развој на домашното драмско перо или драмски лап-топ во денешно време. За тоа, во некоја друга пригода. Големото платно – досега сум таму со неколку краткометражни филмови и од скоро со еден долгометражен. Добро е, ама може и многу повеќе – така си велам јас себеси. Но, со оглед на тоа што кај нас режисерите се и сценаристи, веројатно сум некој ендемичен вид кој напишал сценарио, а некој го продуцирал и го изрежирал. Се радувам за тоа што ми била дадена можност за вакво нешто. Според сево ова, како тебе ти изгледа да се биде во кожата на еден сценарист? 🙂 Ок, ок, јас одговарам на прашања овде. Знае да биде многу тесно, со многу преиспитувања на себеси, но и на луѓето околу тебе. Многу разочарувања и одбивања, многу прашања без одговори. Досега сфатив дека јас не можам без оваа професија, ја сакам и се надевам дека нема до толку да ме скршат за да се откажам од неа 🙂
Она што е најново… Следната година ќе бидеш на резиденциски престој во организацијата „Земјата отаде“ (Επέκεινα Χώρα) во Јанина, по наградата што ја доби на Zagori fiction days за сценариото за серија базирана на книгата „Резервен живот“ од Лидија Димковска. Дали си возбудена поради ова и како го замислуваш резиденцискиот престој во соседната земја со која штотуку започнуваме поотворено да си ги покажуваме културните хоризонти?
Да, освојувањето на првото место за кое наградата е резиденциски престој и развој на сценарио за серија, ме изненади позитивно. Се радувам многу иако сѐ уште не знам што точно ќе се случува. Во разговор со одговорниот на фестивалот Zagori fiction days, дознав дека најверојатно ќе имам ментори, со кои ќе може да го развивам сценариото кое понатаму би се понудило на продуценти. Голема желба ми е ова да не остане само на резиденција туку на конкретен чекор кон реализација на серија по оваа книга.
Како се случи процесот на пренесување на ликовите на Сребра и Злата од книжевен терен во сценарио за серија? Што беше иницијалниот поттик да направиш такво преточување на едно од најважните книжевни дела на македонската проза во последнава деценија?
Со ова се зафатив пред некои пет-шест години, не се ни сеќавам веќе. Конкурирав на неколку работилници во Европа, некаде не влегов, некаде го поминав првиот круг, но не и вториот. Пoтоа се обидов да најдам заинтересирани продуценти кај нас со кои би ја реализирале серијата, но не најдов. Со Лидија не се познававме кога ја прочитав книгата, па кога решив првиот пат да конкурирам на конкурс за адаптација на книга во сценарио, ја контактирав за да прашам дали воопшто имам дозвола за такво нешто. Лидија беше прилично отворена кон некојаси Ева што решила по нејзината веќе толку наградувана книга да прави сценарио. Ѝ благодарам за тоа. Веднаш ми даде дозвола да конкурирам, а јас ѝ ги испратив материјалите што ги подготвив.
Ја известував како одат работите и потоа работата спласна кога не најдов продуцент овде. По години, дознавам дека се организира овој фестивал во Грција и решавам да конкурирам. Добивам имејл дека сум селектирана, но не знам што значи тоа. На организаторите ова им беше првпат да го организираат фестивалот, па можам да замислам во која гужва биле, така што не добивав одговор на моето прашање – што со селекцијата? Бев поканета да одам, но не можев поради затворените граници. Фестивалот си траеше, јас одговор не добивав. Ок, тоа не е реткост во животот на еден сценарист. По некој ден добив повик дека сум победила, не ни знаев дека селекцијата значи учество во натпревар 🙂
Кога станува збор за адаптација на книжевно дело, колку може сценаристот да додаде или да одземе при обликувањето на ликовите и нивната трансформација во подвижни слики?
Со жив автор треба поголема претпазливост. Тоа не значи дека кај починат автор можеш да правиш што ќе посакаш, но некогаш е тешко да се објасниш со авторитети. Книжевно дело и сценарио се различни медиуми за консумирање и користат различни алатки за предизвикување интерес и емоции кај публиката. Засега имам тритмент за целата книга и само пилот за серијата. Во пилотот, секако дека се потпирам на книгата, но некои работи ги комбинирам за економичност и за постигнување поголем ефект. Имав трема кога Лидија побара да го прочита пилотот, страв да не помисли дека не сум ја претставила добро книгата. Ми олесна кога ми пиша дека е задоволна.
Неизбежно, морам да те прашам за „Стела“, првиот семеен детски филм што беше прикажан на CineDays, снимен по твое сценарио. Дали си задоволна од приемот на „Стела“ и вниманието што го доби од македонската филмска публика?
„Стела“ е приказна што трае долги години во смисла на целосна реализација, иако тоа на екран можеби и не изгледа така. Првпат пишувам сценарио за долгометражен филм, кое се реализира и тоа го сметам за успех. Секако, има слабости за кои сум свесна и кои ги споделувам со најблиската екипа со која го работевме филмот – Столе и Оги од „Dream factory“. Сѐ уште немам претстава колку е прифатен и гледан филмот, но повремено ја „замарам“ екипата за информација дали има публика во кино. Би сакала да бидам во сала полна со деца и да ги гледам нивните реакции, тогаш ќе имам попрецизна слика. За жал, ситуацијата сега тоа не го дозволува, па кога ќе дознаам дека некое семејство било со децата, веднаш се впуштам во испрашување на детето 🙂 Секако, ги слушам коментарите и критиките од сите, и од добронамерните и од оние што се толку строги што човек би требало веднаш да се откаже од оваа професија, но како што реков погоре – ја сакам професијава и ќе гледам секое следно дело да е подобро – прво во моите очи.
Јосип Коцев
фото: Гоце Лалковски