Пред да се случи „Лилит“, гостувала како backing вокал во некои од нејзините омилени македонски состави, а била дел и од театарската претстава „Ти во седум бои“. Сепак, повод за овој наш разговор е „Лилит“, со посебен фокус на нивните две последни авторски песни „Чудо“ и „Миризлива градина“, возбудлива фузија на неколку музички стилови.
„Лилит“ се роди затоа што…
синхронизитетот не дозволи поинаку. „Лилит“ беше судир на навидум неспојливи личности, но во кои длабоко под површината тлее идентичен човечки елемент. Кога ќе ги најдеш идејните соборници, сакал или не, се претвораш во нивен магнет. За мене лично, „Лилит“ се роди бидејќи ми беше потребна нова фаза во животот – во која денес, со секој момент, сѐ повеќе и повеќе се заљубувам.
Уметници што најмногу влијаеле врз оформувањето на мојата музичка персона се…
Nick Cave, Pink Floyd, Stevie Wonder, Ella Fitzgerald, Freddie Mercury, Jeff Buckley, Skin (Skunk Anansie).
Нашата прва песна „Чудо“ беше своевидно чудо затоа што…
ме трансформираше најпрво како личност, а потоа и како музичар. Во самите зачетоци на песната, ја добив една од најважните лекции: тишината и одмереноста можат да имаат многу поголем ефект од постојаната присутност. Ме научи да го скротам гласот (за кој комфорна зона беа гласните рок-нумери), но и да развијам отвореност кон нови нешта. На крај – уште еднаш ми потврди дека нежноста не значи немоќ, туку токму спротивното.
Емилија не може без…
време за себе, а тоа најчесто подразбира тренинг во сала.
„Лилит“ не може без…
искреност.
Кога пеам, чувствувам дека…
не постои ништо друго освен тој миг.
„Миризлива градина“ се случи во моментот кога…
сфатив дека самите ние одредуваме дали животот ќе ни стане миризлива градина, или трнлива долина. Секако, Таци одамна ова го знаеше, ама ете… тогаш се најдовме на иста бранова должина. 🙂
Пораката на оваа песна е…
сите делови на животот се испреплетени во еден круг и магичен циклус, а нашиот начин на размислување е оној што одлучува дали тие делови ќе се синхронизираат или ќе се уништат едни со други.
Првите три нешта што ќе ги направам кога светот повторно ќе биде слободен се…
- Неколкучасовен настап со моите бендови – бидејќи ми фали енергијата на друштвото од другата страна на бината.
- Силно гушкање на сите што не успеав доволно да ги видам периодов.
- Првите 2 точки х 2.
На сите нас во овој момент ни треба…
пријател кој вистински ни ја познава душата. Ако барем едно нешто нѐ научи ситуацијава е дека не сме создадени да живееме и да останеме сами. И секако… љубов и емпатија. 🙂
фотографии: Кристина Нановиќ