Улогата на Елвис Пресли пак ја игра младиот Остин Батлер, кој нè води на музичкиот пат на ѕвездата што се прослави со своето специфично нишање на колковите, освојувајќи го светот со своите мегахитови, кои се базираат на афроамериканската музичка традиција. Токму односот со афроамериканската заедница е една од централните точки на фокус во филмот, што не изненадува ако се имаат предвид генералните тенденции на Холивуд. Елвис пораснал во сиромашно семејство, главно опкружен со припадници на афроамериканската заедница, во Тупело, Мисисипи. Нивната музика го следи уште од најраното детство, па при преселувањето во Мемфис, филмот веќе доловува дека Елвис е задоен со оваа музика и таа ќе изврши огромно влијание врз неговото оформување како пејач и изведувач, воопшто. Елвис бил пријател и со блузерот ББ Кинг. Во филмот улогата на ББ Кинг му припаѓа на Келвин Харисон Џуниор. Филмот на Лурман имплицитно ја застапува идејата дека музиката на Елвис има клучно влијание врз разбивањето на расните стереотипи во неговиот роден југ и им дала ветер в грб на големиот број масовни движења за правата на црнците во Америка. Самиот факт што Елвис ја слуша и ја преработува нивната музика направил таа да биде претставена пред огромна публика, што ќе ги омекне тврдите ставови за сегрегацијата и ќе му даде пат на едно поотворено општество за чувствителните прашања што ја засегаат афроамериканската заедница.
Режисерот Баз Лурман на оваа тема ќе рече: „Елвис го претставува она што се случува кога едно дете ќе порасне во една од четирите куќи за белци во доминантно црнечка заедница. Нешто ново ќе се создаде, некоја фузија меѓу кантри, афроамериканска музика, госпел и кантри-и-вестерн музика“.
Според други мислења, ваквото еднострано гледање е проблематично бидејќи се смета дека тој извршил апропријација на црнечката музика, а некои дури сметаат дека бил и расист за време на својот живот. Според истите мислења, Елвис создава музика врз база на црнечките ритми и ја искористува позицијата на привилегиран белец за да постигне невидена слава и богатство.
Во филмот го гледаме вивнувањето на Елвис на самиот врв на американската музичка сцена, додека менаџерот Паркер зема речиси половина од сета заработка. Паркер смета дека тој го создал Елвис како име и ѕвезда, и не го гледа како уметник, туку едноставно како шоумен, забавувач.
Парите се движечка сила и веројатно претставуваат централна точка околу која ротира кариерата на Елвис, па така, тој ветува дека ќе ѝ купи розов кадилак на мајка си Гледис кога ќе заработи повеќе. Меѓутоа, мајка му ја гледа аномалијата во слепата потрага по пари токму во реакцијата на публиката, која е меч со две острици – може да те вивне меѓу ѕвездите, но и да те спушти многу ниско ако те отфрли. Филмот не се осврнува премногу на неговата врска со Присила Пресли (Оливија де Јонг), сакајќи повеќе да избега од емоционалните врски и да се насочи на кариерата и на професионалните предизвици во неговиот живот. Инаку, може да се заклучи дека Остин Батлер мошне уверливо ја игра улогата на Кралот. Критичарите велат дека од сите актери што се обиделе да ја доловат магијата на Елвис, никој не дошол толку блиску до физичката, емоционалната и електричната енергија на прочуениот музичар.
Но мора да се забележи дека критиките за „Елвис“ не се само позитивни. Па така, „Њујоркер“ ќе напише: „’Елвис‘ е прекрасно украсена статија на ’Википедија‘, која малку му должи на чувството за стил; тоа е филм со суштина, но со гола суштина, обична фотографска реплика на сценарио што истовремено ја пренесува и ја троши моќта на автентичната трагедија на Пресли“.
Колку што е филм за подемот, толку е и филм што го најавува и го објаснува падот на големата ѕвезда, иако не во потполност и на оној начин на којшто треба да ѝ се пренесе тој значаен последен дел од животот на Елвис Пресли. Филмот „Елвис“ е уште една приказна за медиумската моќ да го произведе ѕвездениот материјал што го носат одбрани, талентирани луѓе. Материјал што брзо се кине и согорува, откривајќи го човекот под себе.
Драган А.