Филмовите „coming of age“, кои континуирано го следат растежот на протагонистите во еден поширок временски период, отсекогаш нуделе уникатна перспектива за она што ни се случува бавно и незабележливо со секој изминат ден – стареењето, животот и безмилосниот тек на времето лишени од протетика и визуелни корекции… Таков беше филмот „Детство“, 12-годишниот подвиг на Линклејтер, чие сценарио се развиваше во текот на продукцијата, со промени што беа внесувани врз база на промените што режисерот ги забележувал кај актерите во долгиот животен распон на ова дело. Во случајот со „Еј“ на македонскиот режисер Васил Христов, моментот „coming of age“ може да се гледа исклучиво низ призмата на задоцнетото созревање на свеста на едно општество, во чие ткиво долги години се инјектираа заразните игли на ситното политиканство, опасната партиска поделеност, дилетантскиот јавен дискурс и скапата конструкција на медиумска машинерија што на својот грб го понесе претходно набројаното. Оваа политичка сатира во светкав треш-целофан е и своевиден времеплов. „Еј“ започнал да се снима во 2008 година како реакција на театарска цензура, без никаква помош од државата, и останал во продукција цела деценија. Кога го гледате „Еј“, го имате истото чувство како она кога скролате по фолдерите со слики од 2008 година (ние миленијалците немаме фотоалбуми); имено, на нив гледате дека сте биле и помлади и без болки во грбот 😊, а сепак не би се враќале назад во годините за да бидете повторно млади во погрешно време. „Еј“ е токму тоа – временска капсула од време во кое не би се враќале.
На сетот за филмот на режисерот Рокси (Оливер Митковски), ентузијастичката актерска екипа и разиграната камера нè враќаат среде една жива претходница на бурниот политички период што кулминираше во 2015 година. Спиритуалистичката сеанса на која видовитата Неона (Николина Кујача) го повикува духот на Александар Македонски, ја симболизира црешата на скапиот и невкусен антиквизациски колач, за чија подготовка во времето на снимањето, уште не беа ни купени потребните намирници. Наместо славниот војсководец, пред друштвото се телепортира телото на македонскиот премиер (Кирил Коруновски), кој очигледно е негово најдиректно олицетворение на Земјата. Во меѓувреме на домашните и на светските телевизии се одвива новинарска шарада, live coverage за активностите на органите во врска со исчезнатиот премиер и ургентноста на ситуацијата, проследена со гротескни најави за трогателни турски сапуници. На многу кратки моменти помислувате дека „киднапираниот“ премиер ќе развие Стокхолмски синдром со своите грабнувачи. Но, тоа се само насетувања и можни интерпретации што не стануваат реалност. За Стокхолмски синдром треба емпатија. Политика и емпатија? 😊

Сите учесници во филмот на Рокси се ликови од градската реалност, луѓе што со своите куфери полни живот, искуства и приказни, зачекорија во сурова неизвесност што многумина неконформисти ги чинеше мошне скапо. Филмот на жовијален начин ја отсликува тажната приказна за едно општество, во кое казните за стореното злодело ретко пристигнуваат, а мудроста речиси никогаш; за едно време во кое секојдневието e толку нереално, што по својата глупавост граничи со паранормалност. И кога конечно ќе помислите дека тоа време завршило, којзнае, можеби веќе некој снима нов „Еј“ што ќе го гледаме во 2028.
Јосип Коцев

