Тимот на МКЦ имаше point-blank со ситуацијата и ни најави одличен лајн-ап, со кој не дозволи 2020 година да остане празно поле во историјата на фестивалот. Едни од ѕвездите што утревечер (27 август) ќе настапат на сцената во МКЦ Парк (покрај Lalalar, домашните Funk Shui и PMG Kolektiv и ирецот – DJ Fitz) се и Ефтеркланг (Efterklang), данскиот инди-рок состав од Копенхаген, што го сочинуваат Мадс Брауер, Каспер Клаузен и Размус Столберг. Минатата година, по седумгодишно затишје, тие го издадоа својот петти албум „Altid Sammen“ и во Скопје доаѓаат да ги слават новите звуци од своите експериментални музички патешествија. За сето ова разговаравме со Размус, басист на бендот. 🙂
Доаѓате во Македонија во една многу критична година, по еден неизвесен период на стишување и забавување на глобалната музичка сцена поради пандемијата. Како вие го поминавте периодот на изолација? Дали беше тоа шанса за креативно возобновување и, следствено, како го замислувате претстојниот концерт на „Здраво млади“ во Скопје?
Навистина ова се посебни времиња. Истовремено е страшно и фасцинантно како целиот свет е засегнат и поврзан преку ова што се случува. Првите месеци од изолацијата ги поминавме во создавање нова музика. Требаше да одиме на турнеја во Северна Америка и да направиме неколку концерти летово, но бидејќи тоа беше невозможно, се насочивме кон новата музика. Каспер работеше во неговото студио во Лисабон, а Мадс во нашето студио во Копенхаген. Во јуни се собравме на едно место, во поголемо студио во едно данско село и почнавме да ги работиме идеите и скиците. Кога ќе се вратиме назад од Скопје, ќе поминеме уште две недели заедно во студиото. Навистина е возбудливо да се создаваат нови звуци во карантин.
Дали седумте години тишина за Ефтеркланг, пред издавањето на албумот „Altid Sammen“, на некаков начин имаа прочистувачко дејство за бендот?
Апсолутно. Сите пораснавме како човечки суштества и развивме ново разбирање за суштината на Ефтеркланг и она што го прави да биде добар бенд. Имаме свеж пристап кон нашата работа и сите тројца имаме силно чувство дека уште не сме го направиле најдобриот албум. Сега се чувствуваме баш како да одбравме да создаваме и да свириме како Ефтеркланг, наместо само да го менаџираме бендот Ефтеркланг.
Дали е различно кога правите песни на вашиот мајчин јазик? Која е разликата во магијата на музиката во тој случај?
Пред „Altid Sammen“ никогаш го немавме слушнато Каспер како пее на дански. Тој пее различно на дански. Има еден поинаков слој или поинаков пристап кон зборовите, звуците и воопшто кон мелодиите. Менувањето на јазикот исто така ги менува мелодиите, а тоа беше и највозбудливиот дел – да се слушне гласот на Каспер на еден нов начин и да се види тоа ново формирање на мелодиите. Исто така, се чувствуваш послободно да ги прекршиш правилата и имаш подлабоко разбирање за зборовите кога пееш на твојот прв јазик. Проблемот се состои во тоа што само шест милиони други луѓе го разбираат овој јазик, а само мал дел од тие шест милиони се заинтересирани за нашиот бенд Пораснавме слушајќи музика на англиски, од гранџ-бендови, Дејвид Боуви, Рејдиохед, Talk Talk… Ни беше сосема природно да правиме музика на англиски и пак би се вратиле на тоа.
Каква е приказната зад Liima? Дали патот на овој бенд се вкрстува со оној на Ефтеркланг?
Liima му доаѓа нешто како братучед на Ефтеркланг. Тоа е сосема друг бенд што го градиме паралелно со Ефтеркланг. Во моментов не е активен бидејќи ние тројцата сме зафатени со Ефтеркланг, а Tatu Rönkkö со неговата солистичка кариера. Но, можеби пак ќе го активираме. Со сигурност знам дека ние четворица сигурно би сакале повторно да се собереме.
Може да се забележи дека постојано експериментирате со најразлични инструменти и така го ширите полето на вашиот музички израз. Што стои зад сета таа непресушна љубопитност и истражување?
Токму тоа го води бендот напред. Љубопитноста и трагањето по нови звуци и нови констелации од звуци. Секогаш сме инспирирани кога станува збор за пронаоѓање нов правец за Ефтеркланг. Низ годините научивме да преземаме големи ризици и да правиме огромни експерименти, а тоа сепак повторно да звучи како Ефтеркланг.
За крај, што после Скопје? Планирате ли да нè изненадите со нов материјал набрзо?
Па, ќе помине извесен период додека да објавиме нешто ново, но дефинитивно работиме на нова музика во моментов и чувството е прекрасно 🙂
Јосип Коцев
фотографии: Rasmus Weng Karlsen