Непосреден повод за да ја креираме оваа листа е македонскиот документарен филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кој викендов се закити со три награди на филмскиот фестивал „Санденс“ во САД: Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума, како и Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов. Сите награди се еднакво важни за филмот што ние во Македонија допрва ќе имаме можност да го гледаме, но наградата за влијание за промена ја слави моќта на филмот како поттикнувач на промени во глобалното општество што се соочува со итните и сериозни прашања поврзани со климатските промени. Артикулирањето и обраќањето на глобалните проблеми со животната средина во светската документаристика многу често успеваат да го фрлат „спотлајтот“ врз политичките чинители и да придвижат процеси за најразлични критични ситуации за кои пред филмското документирање постоела мала или никаква свесност. Во однос на ова, на церемонијата на доделувањето, режисерот Љубомир Стефанов рече:
„Денес нашата планета се соочува со најголемите предизвици за животната средина. Нашето општество, нашиот род, се соочуваат со најголемите морални предизвици… Една од најголемите причини за ова е што се користат неодржливи извори. Веруваме дека нашиот главен лик покажува јасен автентичен принцип за споделување меѓу луѓето и природата“.
Во рецензијата на Cineuropa, можеме да прочитаме и дека, „следејќи ја пчеларката од руралниот дел на Македонија, ова визуелно привлечно cinéma vérité дело е неверојатно патување од лично во локално, до глобално ниво“. Моќта на документарниот филм пенетрирајќи во личното (животот на пчеларката Атиџе), да навлезе и во локалното (пораката на тимот до македонската Влада да го реши проблемот со аерозагадувањето) и да стигне до глобалното (свесноста за климатските промени на цела планета) може да биде силен генератор на промени. Се надеваме дека пораката е примена и сериозно сфатена. А на светско ниво, промени во свеста веќе успеале да направат следниве неколку документарни филмови:
„Неудобна вистина“ (An inconvenient truth)
Илустрираната презентација на Ал Гор инспирираше цел жанр документарци посветени на климатските промени. Некои тврдат дека токму „поранешниот иден претседател на САД“ е инспирација и за феноменот TED, а неговиот ангажман му донесе Оскар и Нобелова награда за мир. Преку овој документарец, Ал Гор упати силна порака до јавноста за итноста на проблемот на глобалното затоплување. 13 години подоцна, се чини дека светот е веќе на „критичната точка“ на Ал Гор, иако се направени сериозни напори да се прекине нашата зависност од фосилните горива.
Пред поплавата (Before the flood)
Ова искрено, елегантно спакувано истражување за климатските промени ги вклучува Леонардо ди Каприо, папата и Барак Обама. Во него се прикажани конструктивни предлози како да се намалат негативните ефекти на промените, па така ќе го слушнете Обама како зборува за Парискиот договор како за еден од првите чекори да се постигне консензус во човештвото за одредена работа. Тој изразува и оптимизам дека новата технологија во следните децении ќе успее да ја извојува битката со проблемот на глобалните климатски промени. (Каде оди американската политика по тоа прашање, во моментов е сосема друга тема).
Претседателот на островот (The Island President)
Кога станува збор за глобалното зголемување на површината на водата, Малдивите се најниската земја на светот со средна надморска височина од 1,5 метри. Во овој документарец, претседателот на островот упатува порака дека нивото на морињата се зголемува, па затоа Малдивите се во опасност целосно да исчезнат. Мохамед Нашид патува низ целиот свет за да ја спаси својата земја, со право прашувајќи се каков би бил ставот на светот и кој ќе ги прими жителите на Малдивите (400.000 на број, од кои 98,5 се муслимани), кога гледаме со какви маки се соочуваат бегалците од Авганистан, Сирија, Ирак, Сомалија и од Мали.
11-тиот час (The 11-th Hour)
Инспириран од успехот на филмот на Ал Гор, Леонардо ди Каприо станува сценарист и наратор на овој одличен документарец за предизвиците на глобалните климатски промени. Преку интервјуа со експерти од многу научни области, како и со истакнати активисти и политичари, филмот се труди да ги убеди гледачите дека планетата е во опасност и дека веднаш треба да се преземат мерки за да се спречат или барем да се ублажат негативните последици.
Chasing Ice
Во овој документарец, Џејмс Балог (кој е скептичен во врска со климатските промени) патува во арктичките предели на Гренланд, Алјаска и Исланд придружуван од научници кои ги испитуваат ефектите на зголемените температури во светот. Во заклучокот, ова неверојатно фотографско патување му ја прикажува суровата реалност на авторот – дека глобалното затоплување е факт пред кој не смееме да ги затвораме очите.
(Продукцијата на „Медена земја“ ја спроведува кампањата „Донирајте за децата на Медена земја“, која има за цел да се собираат средства за школување на децата кои се појавуваат во документарниот филм. Можете да донирате овде.)