Во последниот ден на 2018 година на „стори“ на мојот Инстаграм-профил објавив еден Инстаграм-пол со прашањето:
Замислете си утре да биде 1919 или 3019, каде повеќе би сакале да се разбудите?
Притоа објавив две слики, кои ги референцираат овие две години. Првата слика претставува дневна соба од 1919 година со топол амбиент, камин, препознатлив мебел, многу од нашите домови сè уште изгледаат така, или барем оние на нашите баби и дедовци.
Втората слика е хипотетички што би претставувало иднината на нашиот свет, а тоа е мајка и дете како чекорат по црвената планета Марс, облечени во заштитни скафандери и заштитни кациги поради недостигот на кислород. Можеме да претпоставуваме дали тоа ќе биде иднината или не, но НАСА веќе работи на сериозни мисии за населување на Марс како мисијата Mars ONE (https://www.mars-one.com/).
НАСА исто така објави и меѓународен архитектонски конкурс за предлози за 3Д принтани живеалишта на Марс. Победник на овој конкурс беше решение што користи смрзната вода како конструктивен материјал и тоа во два слоја. НАСА само што имаше откриено смрзната вода на планетата Марс, па така овој тим го искористил тоа истражување како поткрепа за нивниот дизајн. Материјалот ќе штити 4 луѓе од зрачењата, но во исто време ќе дозволи да влезе светлина во живеалиштето, поради прозрачното својство на водата.

Исто така светски познатите архитекти како Стефано Боери објавија предлог на нивните веб-сајтови за како тие ги замислуваат живеалиштата на нашата соседна планета МАРС.
Стефано Боери архитекти предлагаат згради како нивните познати милански кули со зеленило да бидат позиционирани во огромни топки, испратени со сателити и пуштени да бидат привлечени од магнетното поле на Марс. Идејата е овие топки да функционираат како засебни планети, закачени на мајката планета Марс.

Исто така интересно е тоа што голем број дизајнери почнаа да креираат облека и производи за секојдневна употреба за животот на Марс. Така, на пример, овој костим дизајниран од Кристин Лу, покажува како би можеле да се бањаме на Марс. За жал, сè уште не е замисливо дека човечкото тело може да биде изложено без заштита на атмосферските услови на Марс.
Сите овие слики будат многу прашања и сценарија во нашата глава, но моето Инстаграм-стори истражување, како што и ја започнав оваа приказна, ги покажа следните резултати:
Од вкупно 81 испитаници, 54 одговориле дека повеќе сакаат да живеат во 1919 години или точно за двапати повеќе од 27 кои одговориле дека сакаат да живеат во 3019 година, или условно речено на Марс.
Но да не заборавиме дека сме 2019 и во моментов во Скопје и во цела Македонија имаме безброј предизвици (не сакам да речам проблеми) на кои треба заедно како архитекти, дизајнери и сите граѓани да наоѓаме решенија. Како, на пример: загадувањето на воздухот, проблеми со транспортот, пешачки простори, зелени површини итн. Мислам дека треба за сите овие прашања да почнеме поутописки да размислуваме, да се отвораат конкурси и да се иницираат иновативни идеи и решенија.
Сара Симоска
архитект