Иван Димишков – Димиш е млад музичар од Скопје, кој пред неколку дена го издаде своето шесто ЕР. Покрај тоа што сме фанови на неговата музика, нѐ инспирира и неговата посветеност на музиката и сцената од која е дел. Димиш има 22 години, својата музика ја прави сам од почеток до крај, а неговиот ентузијазам и огромна желба за творење се чувствуваат во сите негови песни.
Слушнете го неговото ЕР на Јутјуб или на Спотифај:
Димиш, твоето ново ЕР започнува со „Интродукција“, краток вовед во во кој директно им се обраќаш на слушателите. Зошто се одлучи така да го почнеш ЕР-то?
Сакав нешто поразлично од претходните изданија, а бидејќи многу сакам да зборувам со моите слушатели и фанови, се решив со оваа интродукција на некој начин да им кажам што може да очекуваат од ова ЕП.
Плус, јас сум голем фан на (т)раперот XXXTENTACION и негови 2 албуми почнуваат со слична интродукција ко мојата, па така и ми дојде идејата.
Ова е твоето шесто ЕР од 2021 г. досега. Тоа е прилично „продуктивно“ од твоја страна 🙂 Што те мотивира и што ти дава енергија да создаваш со ова темпо?
Како што имам кажано и претходно, мотив ми е секојдневниот живот, сѐ што гледам, слушам и чувствувам, го прераскажувам во песни. Едноставно, доста работи се случуваат во мојот живот и морам веднаш да ги претворам во песна.
Секако, се ставам и во чевлите на другите, па и нивната приказна ја споделувам во песните.
Енергија ми даваат луѓето што на свирки уживаат во мојата музика, па сакам често да им подарувам нова музика, да не ги слушаат само истите 4-5 песни. 😊
Плус, доста теми сакам да обработам, да може секој да се пронајде и, секако, кога некој ќе ми каже: „Ејј, ова ЕП звучи поразлично од другото“, ми е најголем мотив, бидејќи сакам секое издание да се разликува, па затоа и во брзо темпо излегува целиот мој материјал.
Раскажи ни како настана ова ЕР?
Нема некоја посебна приказна. Имав план за сосема поразличен материјал од овој, имав напишано текстови и смислено музика, но во последен момент се решив да ја сменам тематиката и звукот на ова ЕП. Претходниот материјал звучеше погрубо и депресивно, сакав некоја промена.
И во рок од месец и пол успеав да смислам нови текстови, музика, да ангажирам луѓе да направат омоти, спотови, јас да направам видеа за дел од песните, значи ептен се истрошив со ова ЕП, но мислам дека вредеше. 😊
Што правиш откако ќе издадеш нова музика? Дали имаш период на одмор или веднаш почнуваш да правиш нова?
Ние музичарите немаме одмор. И да не правиме музика, работиме со тоа што почнуваме со промоција на новиот материјал. Праќаме по медиуми, по радија, вложуваме за спонзорство на социјални мрежи (со надеж дека ќе стигне до вистинските уши).
Но, најчесто да. Веднаш откако ќе го пуштам новиот материјал во етерот, почнувам да спремам нов. Овој пат се решив да не го правам тоа, да одморам малку.
Дали ќе те видиме некаде набрзо во живо?
Да, ова е ексклузивно за Вашето интервју. Ќе свирам на „PIN Conference“, кој се одржува од 30 ноември до 2 декември во МКЦ. Следете ги моите социјални мрежи за да дознаете во кој ден сум јас!
И секако, на 15 декември свирам на „Востание“, најдобриот метал фестивал, каде што луѓето ќе имаат можност да ги чујат сите „хардкор“ Dimish песни!
Како може публиката на PopUp да те поддржи?
Со тоа што ќе одвои време да ги слушне моите песни, секој „Subscribe“ или „Follow“ е добредојден! Исто така, продавам и маички, секој слободно може да ме контактира и да си купи маичка, која мене многу ќе ми значи да видам како некој ја носи низ град. 😊
Клелија Живковиќ