Веќе следниот ден, „Црнила Ремикс“ ќе биде прикажана во клубот Мочвара во Загреб, како специјална изведба во чест на наградените на петтото државно првенство на слем поезија во Хрватска.
Турнејата продолжува на домашен терен – на 10 јули, на Школка (Градски парк) во рамки на првиот Summerland фестивал во Скопје, а веќе на 14 јули следува настапот во Дојран на најголемата камп фестивалска авантура кај нас. „Организацијата“ ќе го заземе „Москито стејџ“ за добар финиш на деветтото издание на Д Фестивал. Последниот датум предвиден за ова лето е 23 август, во рамките на единаесеттото издание на БОШ фестивал во Гевгелија.
„Црнила ремикс“ е поставена по идеја и режија на Јордан Симонов, а своето премиерно претставување го имаше минатата година во рамките на фестивалот ЗДРАВО МЛАДИ и меѓународниот театарски фестивал МОТ. Овој театарско-музички проект е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, низ оригиналниот препев и музика на ЗАД АГОЛОТ, нѐ носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата. Актерската екипа ја сочинуваат: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски – Хонда, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски.
„Црнила ремикс“ покрај театарската и концертната верзија, веќе во почетокот на септември ќе се појави и на винил-издание во формат на радиодрама. Есенскиот дел е резервиран за театарско претставување на проектот, како втор дел од турнејата на театарските сцени во регионот. Проектот е поддржан од Град Скопје.