Почнувајќи од 1999 година па сè до денес, Пабло Амарго и покрај тоа што смета дека не е добар пример за самопромоција (со оглед на тоа дека единствена алатка што му служи за тоа е неговата веб-страница), сепак повеќе од 30 награди и признанија укажуваат дека станува збор за исклучителен уметник, кој е светски познат. Соработките со списанија и весници како „Њујорк тајмс“, „Нешенел џиографик“ и „Њујоркер“, како и учеството при изработка на постери и книги за „Gran Canary Library“ или „Paris Quartier D’Еte“ се само неколку примери што служат како уверенија за неговата одлично завршена илустраторска работа. А за уште еднаш да се убедиме во неговиот успех и професионалност, ќе ја земеме предвид неговата последна книга „CATS ARE PARADOXES“, која доби бронзена награда на European Design Awards во Норвешка, златен медал од New York Society of Illustrators, покрај и неколку други награди.

Местото од каде што твори повеќе од половина живот е единствениот град со скулптура на Вуди Ален, тоа е градот Овиедо во Северна Шпанија, кој е опкружен со море, високи планини и влажни и бујни шуми. Студиото на Амарго е покрив од дуплекс со голем прозорец во форма на триаголник што го осветлува работниот простор каде што најчесто се наоѓаат молскин тетратки исполнети со скици од молив, од кои најчесто селектира само дел за доработка со фотошоп. Неговите цртежи може да се опишат како едноставни и елегантни илустрации, а тој би додал на ова дека за него е важно покрај едноставноста да изгледаат и свежо и дека крајна цел е да се креира една интелигентна и елегантна слика.

Kога ги завршил студиите по ликовна уметност, главно илустрирал едукативни училишни книги, за по некое време да сфати дека сака да создаде нешто поинакво, а тоа поинакво е книга со нов тип илустрации. По едногодишна работа на илустрации и нивно сортирање, Амарго ја издава својата прва книга со наслов „Не сите крави се слични“, која беше објавена во повеќе земји, меѓу кои Швајцарија, Венецуела, Јапонија итн. Книгата резултираше со неочекувано голем успех, овозможувајќи му на Амарго нови работни ангажмани и патувања.

Во однос на неговата перцепција, објаснува дека развил љубов за формите, за надворешната појава на објектите, животните, луѓето и за нивните лица, па затоа и патува секоја година на различни места за да може да улови широк спектар ситуации кај други култури. Освен од животот, сака да црта и од фотографии и сите овие форми и човечки навики доаѓаат до неговиот молив, за тој потоа да им даде поетска смисла.

Смета дека прочитаната литература за животите и делата на познатите уметници како Матис, Пикасо или Хенри Мур се лекции од кои се учи, но исто така се учи и од цртежите што тие ги создаваат во различни фази од животот. Покрај овие уметници, за негова најомилена креативна личност го назначува францускиот музичар Ерик Сати, кој со својата мистерија, креативност, автентичност, хумор, храброст, осаменост и издржливост го отсликува духот на авангардата, а тоа е тоа што го воодушевува Амарго. Ако, пак, се префрлиме на филмската уметност, љубител е на делата на класичните режисери како Еторе Скола и Хaролд Лојд или современите Вуди Ален, Ларс фон Трир и Тарантино. Исто така обожава и серии, главно американски од типот на „Сопранови“ и „Мажите од Медисон“.

За омилени илустратори ги посочува тие што секогаш пронаоѓаат бистри идеи со додадена доза хумор, иронија и шарм, а одлично спакувани како фино визуелно решение. Баш поради овој опис многу ги цени илустраторите Quino од Аргентина и Sempe од Франција. Но неговата листа на омилени личности за крај ја заокружуваме со уметничкиот директор на „Њујоркер“, Крис Кари, која му дава одврзани раце да го ослободи креативниот дух при создавањето на црно-белите илустрации, кои по извршената селекција на Кари, Амарго ги доработува и се публикуваат во неколкуцифрени тиражи во САД.

Неколку години откако Амарго ја предаде целосната доверба на неговата агентка Ела Лупо од „Purple Rain Illustrators“ во САД, за неа вели дека е заслужна за неговите достигнувања грижејќи се за неговата кариера и успешна афирмација.

Нешто што Пабло Амарго објаснува за неговиот начин на работа можеби делува будистички, но тој го живее секој проект толку интензивно како да е последен и најбитен, фокусирајќи се до степен да не може да сонува за иднината. Понатаму, како лекција што можеме да ја извлечеме за крај од еден ваков извонреден уметник е дека треба да се оди чекор по чекор на конзистентен и цврст начин, имајќи ја предвид храброста, искреноста кон себе и искреноста воопшто, затоа што илустрирањето како професија не е само бизнис туку став кон животот.
Вулнет Абази

