„Близу“ на белгискиот режисер Лукас Донт е монументално филмско дело што игра на најсуптилната вибрација на човековото битисување – детството. Извонредната приказна што се закити со Гран при на минатогодишниот Кански филмски фестивал, сосема оправдано се најде и меѓу номинираните за најдобар интернационален филм на претстојните Оскари. Филмот започнува да се расплетува на мошне софистициран и нежен начин, со играта на двете 13-годишни момчиња Лео (Еден Дамбрин) и Реми (Густав де Ваел) во бескрајните белгиски приградски полиња, на кои родителите на Лео одгледуваат цвеќе.
Гледачите се пуштени да се насладуваат на моментите од последниот летен распуст, во кој децата негуваат посебно и цврсто пријателство, сосема несвесни за големата пресвртница што ја носи следната етапа од животот, училиштето. Предучилишниот период е единствениот дел од филмот што изобилува со динамични кадри, во инаку мошне статичниот пристап што го негува режисерот во остатокот од филмот. Реми свири на флејта, двајцата возат велосипед, преспиваат еден кај друг и ни ја предочуваат својата вонредна блискост од која ниту се плашат ниту се срамат.
Во понатамошниот тек „Близу“ ни ја открива својата вистинска природа. Филмот е своевидна хроника на трагањето по идентитетот, созревањето, справувањето со вината, носењето на тагата, но и темата на меѓуврсничкото насилство, која во последно време станува сè поактуелна особено во тинејџерските интеракции на социјалните мрежи. Двете момчиња се соочуваат со чудни погледи и прашања уште на првиот ден од школската година. Нивните врсници ги опсипуваат со коментари, забелешки и навреди за начинот на кој се дружат и необичната блискост што ја покажуваат еден кон друг. Идиличните полиња со цвеќе тука веќе почнуваат да го губат колоритот, а сцените стануваат мачни, долги, безбојни и тегобни. Несигурноста и стравот од реакциите на врсниците го тераат Лео постепено да се оддалечува од Реми. Потоа се раѓа срамот. Драматичноста и тензијата достигнуваат висок набој кога Лео за првпат ќе оди на училиште порано од вообичаеното, само за да го избегне Реми. Тоа е моментот во кој еруптира целокупното дејство на филмот, а бегството на Лео од Реми ќе доведе до страшни последици.
Лео полека се претопува во средината, потчинувајќи се на догмите на токсичниот маскулинитет, со цел максимално да ја избледи првичната слика за себе кај другите. Во овој аспект, филмот се разминува со квир тематиката, себеприфаќањето и прифаќањето од околината, навестувајќи ги без експлицитно да ги поставува во фокусот на дејството. Иако Лео се запишува на хокеј, станува дел од ново друштво и се посветува на домашните работи, сепак тој сè повеќе се навраќа на времето поминато со Реми и неговите родители, нивниот дом и безгрижноста од минатото. Спомените и вината магнетски го навраќаат во средиштето на „дивата градина на детството“, кажано со зборовите на познатиот Пабло Неруда.
Едно од прашањата што ги истражува филмот е судирот на детската невиност со возрасниот концепт за вина. Дали вината е преголем товар за носење на кревките детски плеќи? Како да се побегне од нејзините стеги? Режисерот Донт вешто ги употребува растреперените и крупни кадри со кои нè внесува во интимниот простор на ликовите што се борат со своите силни чувства. Тука особено може да се истакне улогата на брилијантната белгиска актерка Емили Декен, која маестрално ќе ја одигра улогата на Софи, мајката на Реми. Всушност, една од најсветлите точки на овој одличен филм е тоа актерско трио сочинето од Софи, Лео и Реми. Хемијата што трпеливо се гради меѓу нив преку мноштво сцени полни со тромост и тишина, дава одличен резултат во кулминацијата и расплетот на дејството.
Она што остава посебен впечаток не е само кинематографијата, палетата на бои, туку и звукот. Има извесни делови во „Близу“ што ќе ве оглушат со силната тишина што само го засилува интензитетот на чувствата што ги изразуваат ликовите, посебно чувството на празнина, недостигање и каење.
Невозможно е да се опфати целиот спектар на доживувања што ги предизвикува овој извонреден филм на Белгиецот Лукас Донт, кој ни е познат и по дебитантското остварување „Девојка“, со кој ја освои Златната камера на Кан и наградата Un Certain Regard. „Близу“ нè потсетува дека засекогаш носиме парчиња од лушпата наречена детство, од која само навидум се ослободуваме. Дека ефемерното детство со сите негови бои, остава дебели слоеви што се сушат на платното на нашето постоење и така нè запечатува засекогаш. „Близу“ ќе ве научи дека сè e неповратно и дека колку и да се трудите, макар и да стегате, никогаш не можете да го додржите животот во другиот.
Јосип Коцев