Езотерична, еклектична и продуктивна, индиско-британската композиторка и ситаристка Анушка Шанкар, во последните 20 години изгради богата кариера каде што таа следи свој пат и создава музика што урива граници и која претставува богат и интригантен спој од многу култури што опстојуваат покрај индиската. Анушка свири на ситар, најпрепознатливиот индиски жичен инструмент, и се смета за најдобар и најпопуларен изведувач на овој инструмент. Воедно, таа има биографија со која ретко кој може да се пофали. Анушка Шанкар е ќерка и ученик на познатиот ситарист Рави Шанкар, кој е синоним за овој инструмент и кој придонел за популаризација на индиското музичко наследство, а и влијаел врз тековите на музичката историја (меѓу неговите најпопуларни ученици се вбројуваат композиторот Филип Глас, саксофонистот Џон Колтрејн и гитаристот на „Битлси“, Џорџ Харисон).
Рави Шанкар од мали нозе ја вовел Анушка во тајните на класичната индиска музика и како дел од неговиот ансамбл таа ги имала своите први настапи. Преку него била окружена со многу великани од рок и од класичната музика на 20 век, какви што се претходно споменатите музичари Глас и Харисон, потоа диригентот Зубин Мехта, виолинистот Јехуди Менухин, челистот Мстислав Ростропорович Слава, кои се само некои од многуте ментори, а подоцна и соработници со кои таа продолжила да работи низ годините.
Еволуцијата е важен елемент во зачувувањето на традиционалната музика во живот. Иако таа ја продолжува традицијата и наследството од татка си, сепак нејзината музика носи поинакви експерименти и скршнувања од таа традиција со спојувањето на класичната индиска музика со елементи од електроника, поп и мултикултурни соработки, каде што резултатите покажуваат дека таа е повеќе од само ќерка на славниот татко. Зад неа се брилијантни изданија како „Land of Gold“, „Traces of You“, „Breathing Under Water“ „Home“ и „Rise“. Таа настапи во Скопје на Оффест во 2013 година кога одржа концерт што долго ќе се памети. По 20 години соло-кариера неодамна објави компилација „Reflections“ каде што е направен преглед на нејзината богата кариера преку соработката со широк спектар луѓе, почнувајќи од татко ѝ Рави Шанкар, па сестра ѝ Нора Џонс, продуцентите Карш Кали, Нитин Сојтин, глумицата Ванеса Редгрејв, Педро Рикардо Мињо и многу други музичари од различни жанрови. Меѓутоа, нејзиниот избор е повеќе емотивен отколку да направи избор на најголеми хитови. Изборот дава увид од каде доаѓа, заедно со нејзините ставови како активист, родител, современ автор, кој стои помеѓу повеќе светови и каде се упатува во иднината, со што дава искрен портрет на еден уметник.
Покрај со својата музика, таа е ангажирана и во настапи со татко ѝ, посебно во соработка со филхармониски оркестри. За време на паузата од долгата турнеја по САД оваа година, таа во мај ќе настапи во Париз на тридневниот настан каде што се одбележува музиката на Филип Глас, кога по вторпат ќе ја изведе музиката што ја создадоа Филип Глас и Рави Шанкар, насловена „Passages“. Ова ќе биде втора изведба на ова дело воопшто, кое премиерно беше изведено во 2017 година на BBC Proms.
Неодамна го објавивте изданието „Reflection“ каде што се собрани песни од разни периоди од вашата кариера. Тоа што е карактеристично за изборот е дека е повеќе емотивен отколку што е направена едноставна компилација со најпопуларни песни. Ова го потврдуваат и текстовите со објаснувањата зад песните кај буклетот, кои откриваат различни моменти од вашиот живот поврзани со песните. Каква приказна или какво патешествие раскажуваат овие песни за вас?
Долго време се мачев за тоа каков избор да направам за песните што ќе се најдат во оваа компилација. Не знаев дали да ги изберам моите лични омилени песни или кое расположение можеби би сакала да го следам. На пример, повеќето од моите албуми имаат песни што се многу динамични и исто така песни што се многу бавни и можев да направам избор што ќе одеше на различни начини. На крајот се одлучив да направам емотивен избор и да се обидам да го видам сопственото патешествие како композитор и музичар преку овие албуми што сум ги направила во последниве 20 години. Беше чудно да сфатам дека поминале толку многу години откако почнав да правам албуми и се почувствував многу благодарна поради можноста да ја направам оваа компилација.

Каква еволуција кај вас како музичар и композитор открива оваа компилација?
Обично внимавам да не звучам горделиво, но сум благодарна бидејќи гледам некакво созревање и како композитор и музичар преку сите овие албуми. Во ниту еден случај не чувствувам дека сум го завршила тоа патешествие и се надевам дека ќе продолжам да созревам во годините што доаѓаат ако ми се даде можност да продолжам да снимам албуми и да создавам музика.
Чувствувам дека моите избори се промениле со текот на годините и честопати може да се најдам во ситуација додека правам музика да се борам со тоа дали размислувам како инструменталист или како композитор, бидејќи моите избори може да бидат спротиставени едни со други. Кај „Rise“, на пример, тоа беше мој прв албум како композитор и тука навистина направив чекор назад како ситарист. Всушност, кај две песни воопшто не е присутен ситарот. Мислам дека е тоа област каде што најдов некаква утеха со годините и успеав да најдам поголема рамнотежа за да ја кажам својата приказна со својот инструмент, но исто така и со други гласови.
Во текот на целата ваша кариера, покрај класичната индиска музика, кај вас се забележливи фази на менување и желба за мешање различни звуци и влијанија во вашата музика и сте соработувале со музичари од различни поднебја и жанрови. Од каде доаѓаат идејата и желбата за вклучување различни музики, звуци и култури во вашата? Што е тоа што ве мотивира постојано да ги ширите вашите граници?
Почетната идеја и желба за спојување различни музики, звуци и култури, дојде од желбата да се претставам себеси и своите животни искуства во рамките на музиката што ја правев, како некој што израснал на неколку континенти и живеел богат мултикултурен живот. Што се однесува до тоа што ме мотивирало постојано да ги ширам своите граници: заинтересирана сум за растењето и за учењето како човечко битие и сум многу возбудена и благодарна на фактот дека како уметник можам да ја искористам својата музика да влезе во интеракција со нови култури, да учам за нови луѓе, да учам за себеси, да почувствувам катарза и се надевам дека ќе постигнам поврзување со други луѓе и можеби, исто така, дури и да им помогнам на луѓето преку музиката.
Што е тоа што го одржува вашиот интерес за класичната индиска музика ако се земе предвид вашата изложеност на толку многу различна музика?
Индиската класична музика е сосема уникатна и има толку многу работи што може да му ги понуди на светот. Таа има фасцинантна дихотомија и спротиставени работи во смисла дека е стара со векови, а понекогаш и цел еден милениум, но исто така е сосема присутна во сегашниот момент, преку својата орална традиција и импровизаторска природа. За мене беше тоа неверојатна животна лекција да научам како да бидам вкоренета, но сепак истовремено да имам чувство за својата индивидуалност, да ги почитувам традициите додека во исто време чекорам напред со времето и исто така да ја почувствувам рамнотежата помеѓу спиритуалноста и забавата во самата музика.
Албумот „Land of Gold“ се занимаваше со теми поврзани со бегалската криза и несреќите на луѓето. На кој начин овие случувања ве засегнаа лично и креативно поради што вие се одлучивте да ги истражите толку длабоко?
Создавањето на „Land of Gold“ произлезе едноставно од мојата многу емотивна реакција од бесот и болката додека гледав како се одвива бегалската криза додека се случуваше. Во тоа време работев на албумот и само што се бев породила со второто дете и острите контрасти помеѓу моето искуството да чувам свое дете и гледањето низ што минуваа луѓето беше тоа што навистина ме натера подлабоко да се занимавам со оваа тема на овој албум.
Бидејќи сме сведоци на сложени времиња полни со предизвици, на кој начин чувствувате дека музиката придонесува кон правењето овој свет да биде подобро место во оваа ера во која живееме?
Мислам дека сите форми на уметност генерално им помагаат на луѓето да се поврзат со своите духови, емоции и со нивната емпатија. Мислам дека емпатијата е една од најважните човечки емоции што доведува до сочувство и поврзување меѓу луѓето. Музиката особено може да биде толку возвишена и да им помогне на луѓето да се поврзат повторно со своите срца, да бидат изложени на различни култури и поради тоа таа има енормно важна улога во правењето светот да биде подобро место.
Песната „Beloved“ открива спиритуална страна во вашата музика. На кој начин спиритуалноста го инспирира тоа што го правите?
Можеби „Beloved“ ја открива спиритуалната страна на мојата музика малку поотворено поради нејзините стихови. Се обидувам да најдам спиритуална поврзаност во голем дел од мојата музика или, да бидам попрецизна, да најдам спиритуална поврзаност за себеси најчесто преку музиката. Музиката навистина беше начин преку кој научив за својот личен спиритуален пат и е во самото средиште на тоа која сум и што правам. Кај „Beloved“ бев инспирирана од песните со кои пораснав слушајќи ги и сум ги гледала како се изведуваат за време на игри кога бев дете така што сакав да напишам песна за хинду богот Кришна на начин што одекнува кај мене.
Песната со која се затвора „Reflection“ односно „Say your Prayers“ (од „Land of Gold“) е заспивалка што ја имате напишано за вашето второ дете, кое се роди додека го снимавте овој албум. На кој начин мајчинството ве инспирираше како автор вас и вашата музика?
Да се биде мајка очигледно ме инспирираше тоа што сум сега; тоа го инспирираше мојот живот на неверојатно драматичен и длабок начин и со тоа влијаело и врз музиката. На одреден начин мислам дека ја промени и перцепцијата за улогата што ја има музиката во мојот живот или барем местото на мојата музичка кариера во мојот живот, бидејќи таа, се разбира, е помалку важна од моите деца. Да се биде мајка очигледно го промени мојот поглед на светот и страста за состојбата во светот и навистина верувам дека ова исто така се одразува и на мојата музика.
Раскажете ни за вашето пријателство и работниот однос со Карш Кали што резултираше во изданието „Breathing Under Water“.
Карш и јас бевме пријатели и станавме уште поблиски една или две години пред да се одлучиме да работиме на „Breathing Under Water.“ Всушност, имавме многу заеднички блиски пријатели, со кои секој од нас работеше многу, на пример Гаурав Раина од групата „Midival Punditz“.
Кога за првпат работевме заедно, тоа всушност беше еден многу импулсивен џем-сешн во некоја хотелска соба заедно со Гаурав и со неколку пријатели, но мислам дека таа ноќ двајцата откривме дека навистина лесно можеме да пишуваме заедно и таа песна на крај стана „Sea Dreamer“ од албумот „Breathing Under Water“ и доведе до тоа двајцата да сакаме да снимиме цел албум заедно.
Целата ваша кариера имавте можност да работите и да учите од навистина историски личности во музиката, почнувајќи од вашиот татко Рави Шанкар, па до диригентот Зубин Мехта, виолинистот Јехуди Менухин, Џорџ Харисон, Стинг, Конча Буика, Лени Кравиц, продуцентите Хавиер Лимон и Нитин Сони, а листата продолжува и понатаму. На кој начин овие луѓе влијаеле врз вашите погледи и идеи за музиката и на кој начин ги прошириле вашите знаења и граници?
Бев неверојатно благословена да имам можност да комуницирам, работам и да учам од неверојатни уметници и тоа од самиот почеток на мојата кариера. Некои од луѓето со кои татко ми беше близок и соработуваше, имаа длабоко влијание врз мене бидејќи ги видов како создаваат музика одблиску уште кога бев многу млада. Џорџ Харисон беше некој што навистина ми влијаеше бидејќи многу често бев во негова близина, но исто така имав можност да работам со него одблиску на албумот на татко ми „Chants of India“ што тој го продуцираше, а јас имав улога на диригент. Работата со него и со татко ми заедно кога имав 15 години, ми ги отвори очите ширум. Потоа продолжив да соработувам со луѓе од широк спектар на музички култури кои ме инспирираа и секоја соработка ја сметам за богато искуство секојпат кога морав да се принудам себеси да се оттргнам од својата зона за да најдам заеднички јазик со другите.
Покрај тоа што ви е родител, Рави Шанкар имаше огромна улога во вашиот живот бидејќи вие многу млада почнавте да учите и да работите покрај него. Самата компилација се отвора со песна што му е посветена нему, а е отпеана заедно со вашата сестра Нора Џонс, „The Sun Won’t Set“, а вие и изведувате една од неговите композиции „Pacham Se Gara“. Како гледате на времето поминато заедно со него како дел од неговата група за време на вашите тинејџерски години?
Почнав да учам со татко ми кога имав седум години, а почнав да одам на турнеи со него како дел од неговиот ансамбл кога навршив 13. Кога имав 16 веќе ги отворав неговите концерти и продолжив да бидам дел од неговиот ансамбл дури и откако почнав со соло-кариера на 18 години. Како што можете да претпоставите, ова беше неверојатно интензивен однос, бидејќи се работеше за декади поминати во учење и соработка со некој што воедно ми беше и родител. Кога ќе погледнам назад, се чувствувам blown away од тоа колку многу сум научила од тоа искуство. Општа појава во индиската класична музика е школувањето да продолжи на сцената на овој начин бидејќи тоа е орална традиција и често е најдобриот начин еден ученик да учи од својот гуру; да се биде истовремено насочуван во уметноста на настапувањето и импровизирањето и затоа овие години беа толку многу драгоцени за мене, кога учев како да бидам музичар, но во исто време учев и како да бидам изведувач и колку длабоко да навлезам во себе како музичар, а да бидам свесна и за публиката.
Која е причината поради која постои толкав траен интерес за музиката на татко ви по толку многу години?
Бидејќи е уникатна, неверојатна и трансцендентна, и бидејќи тој беше еден од најголемите уметници на 20 век и мислам дека е невозможно да се минимизира неговото влијание врз музиката низ целата планетава.
Кои се благодатите и негативните страни од тоа да сте поврзани со оставината на вашиот татко?
Се обидувам да не размислувам на тој начин во врска со татко ми. Целиот мој живот ме прашуваат дали тоа што сум негова ќерка е благослов или клетва или дали неговата оставина остава сенка врз мене, и сите тие години кога ми го поставуваа тоа прашање, само значеше дека се обидов да објаснам дека едноставно тоа беше мое искуство да се биде негова ќерка и негов ученик и дека немам со што друго да го споредам тоа или дека за ништо на светов не сакам да го променам. Очигледно е дека имав огромни благодати, главно преку директното искуство на учење со мајстор и исто така преку изложеноста што ја имав на почетокот од мојата кариера поради тоа што сум негова ќерка, што еднакво си имаше свои тешкотии бидејќи бев изложена на јавноста како многу млад музичар пред воопшто да се развијам во возрасен изведувач. Воедно, тоа значеше и дека што и да постигнев во мојата кариера, некои луѓе може да мислат дека тоа е само поради татко ми. Бидејќи го увидов тоа многу рано, се обидов да ги игнорирам тие надворешни искуства и едноставно да се обидам да бидам јасна за тоа зошто правам музика и што сакам да правам со неа.
Во мај ќе настапите во Париз на манифестацијата „Викенд со Филип Глас“ каде што ќе ја изведувате музиката од познатата соработка помеѓу Филип Глас и Рави Шанкар под името „Passages“. Ова ќе биде негова втора изведба (тоа беше премиерно изведено во 2017 година за време на манифестацијата BBC Proms). Какво беше искуството да се изведува музиката на овие двајца великани?
Чувството е неверојатно да се изведува оваа музика, не само поради тоа што овие композитори се џинови какви што се, туку и поради тоа што ова е албум на чие снимање присуствував и јас како мало дете и тоа е еден од моите омилени албуми на сите времиња. Да се биде дел од неговата премиерна изведба и да се седи среде музиката како што се случи, чувството кога сте окружени од оркестарот, кога ја слушате музиката што ја познавам толку добро, тоа е апсолутно прекрасно и сум многу возбудена што ќе ја изведам повторно.
Дали планирате да издадете албум со изведби од оваа музика некогаш?
Се надевам дека ќе се случи тоа.
Што е следно за вас?
Во моментов работам на мојот нов албум, настапувам често и барам уште некоја порачка за ангажман за да можам да бидам повеќе дома со децата.
Ненад Георгиевски