Секоја вечер од четврток до недела, тематски избрани артисти ќе се надополнуваат еден со друг низ звуци од тек-хаус, хаус, техно и драм енд бејс. Целата програма можете да ја видите овде. Алтернативната програма на Пиво-фест беше повод за разговор со Александар Митрикески од промотерската асоцијација „Room 313“, кој е и еден од нејзините осмислувачи.
Алтернативната програма е составен дел на популарниот Пиво-фест, a сепак е контратежа на масовниот интерес за главната програма. Ќе си ја најде ли својата публика меѓу посетителите на овој настан?
Популарноста и посетеноста што овој фестивал несомнено ја поседува, низ годините предизвикуваше истовремено пофалби и поплаки од своите посетители и од граѓаните на Прилеп. Инспирирани од желбата, потребата и креативноста на многу млади луѓе, што благодарение на неколку градски иницијативи стана видливо, со зaдоволство го прифативме предизвикот за соработка со фестивалот. Заедно со организаторите дојдовме до заклучок дека фестивалот има потреба од алтернативна програма, која ќе даде поинаква слика на целокупната организација и ќе ги задоволи потребите на попребирливите посетители, или едноставно на тие што милуваат поинаква музичка естетика. Овогодишната организација, освен главната програма, ќе има уште две музичко-креативни сцени. Сцената на Јавен простор Прилеп, лоцирана под градската Саат-кула, ќе понуди програма богата со различни современи музички жанрови (world music, џез) и ќе се одвива истовремено со главната програма. Таму ќе биде поставен и креативниот прилепски пазар и саботниот книжевен саем на Восток. Алтернативна сцена на промотерската асоцијација „Room 313“ ќе се активира веднаш по завршувањето на главната програма и ќе трае до утринските часови. Оваа сцена во својата програма вбројува истакнати аудиовизуелни артисти од македонската електронска сцена. Заинтересираноста за алтернативната програма е голема и расте постојано со наближувањето на настанот, а верувам дека ќе добие и следачи на таа култура, по самиот настан.
Лепењето на манифестација со масовен одѕив е и добар потег за културна лекција за младите што сè уште го оформуваат својот музички и, генерално, личносен профил, нели?
Секако дека е така. Тргнувајќи од мене, мојата љубопитност за оваа култура се појави од големите фестивалски настани на кои се промовира квалитетна електронска музика. Самото тоа што оваа сцена ќе се активира веднаш по главната програма и е во непосредна близина, ќе добие внимание и од посетители што можеби претходно немале никаква можност да присуствуваат на ваков настан. Најголема група тука ќе бидат младите, кои ќе имаат можност да слушнат и да видат нешто поразлично од тоа што досега им било понудено, па и голем број да се заинтересираат и да се насочат кон аудиовизуелните уметности.
Како што можев да видам, програмата се одликува со внимателна селекција на музичките имиња и интересен, иновативен визуелен пристап како придружен дел на перформансите на камената бина. Кажи ни нешто повеќе околу тоа.
Кога зборуваме за фестивалски настан, во самата реализација на настанот мораме да мислиме како би го задржале вниманието на публиката што ја таргетираме. Артистите се внимателно одбрани и тематски подредени во сите четири фестивалски дена, со цел да се промовираат четири различни жанрови од електронската музика. Сето ова не би изгледало добро, без вклучувањето на визуелна уметност, која не само што ќе ја разубави сцената и градот, туку и ќе даде интерактивна димензија на целиот настан. Визуелната уметност соодветствува со електронската музика и заемното надополнување е вистинскиот избор. Алтернативната сцена ќе биде лоцирана на камениот ѕид во центарот на градот, кој е од големо историско значење за Прилеп. Во овој случај ќе го искористиме како проекционен екран, кој ќе биде мапиран од двајца визуелни уметници што ќе проектираат визуелизации во живо „во игра“ со музиката низ сите четири фестивалски дена. Со ова ќе го покажеме камениот ѕид во едно поинакво светло, а истовремено и визуелно ќе ја „цртаме музиката“, со цел да ги исполниме посетителите со импресии.
Велите дека промотерската асоцијација „Room 313“ e родена во студентска соба. Оттаму потекнува и името. Како функционирате надвор од собата 313, како се снаоѓате на терен при организацијата на настаните од аудиовизуелен карактер?
Како што кажува самото име, 313 беше бројка на соба во студентски дом. Тоа беше во студентските денови, пред околу 5-6 години.Таму се роди идејата што живее до ден-денес и го изгради нашиот секојдневен стил. Најчесто настаните ги организираме на многу различни локации, што има позитивна страна на запознавање и вмрежување со различни луѓе. Секој од тие луѓе на некој начин ни помогнал и е дел од некој Room 313-настан. Броиме повеќе од 100 организирани настани. Овие фестивалски четири дена на прилепскиот Пиво-фест се големо достигнување на „Room 313“ како организација. Тука морам да им се заблагодарам на организаторите на Пиво-фест, Општина Прилеп и Јавен простор Прилеп, кои нè поддржаа и нè зедоа како коорганизатори на овогодишната програма.