Во светлото на историската женска доминација во фестивалското жири, прашањата за родовата рамноправност во филмската индустрија и режисерите дисиденти на кои матичните земји им го оневозможија фестивалското учество, започна 71-то издание на Канскиот филмски фестивал.
Претседателката на жирито Кејт Бланшет ја потенцираше заложбата за инклузија која се одразува во мнозинското учество на жените во фестивалското жири како и зголемувањето на бројот на жени во бордот за селекција. Притоа Бланшет нагласи дека процесот на филмска селекција треба да биде воден од квалитетот, а не од родовата застапеност. Инаку, фестивалот се соочува со жестоки критики поради тоа што вклучи само три режисерки во официјалната селекција. Единствена жена добитничка на врвната Златна палма засега останува само режисерката Џејн Кампион.
На 12 мај, сто жени ќе прошетаат по црвениот килим за да го „потврдат своето присуство“, придружувани од петте членки на овогодишното жири: актерките Кејт Бланшет, Кристен Стјуарт и Леа Сејду, режисерката Ава ДуВернеј и музичарката Каџа Нин.
На 14 мај на филмскиот фестивал ќе присуствуваат членки на движењето „Time’s up“ заедно со француската министерка за култура Франсоаз Нисан.
Во знак на раскинувањето на поранешниот близок однос на фестивалот со озлогласениот продуцент Харви Вајнстин, Кан отвора линија за поддршка на луѓето што се соочуваат со сексуално вознемирување или со физичка и емоционална злоупотреба.
Освен родовите прашања што се во фокусот на ова издание на прочуениот филмски фестивал, Кан не ги скри ниту симпатиите за Иранецот Џафар Панахи и за Русинот Кирил Серебреников, двајцата режисери дисиденти, кои не можат да ги напуштат своите земји како резултат на кривичните гонења за кои се смета дека се политички мотивирани. Кан се обиде да изврши притисок да им биде дозволено на двајцата режисери да присуствуваат на фестивалот, одејќи дотаму што побара помош и од француската влада, но без успех.
Најочекуваните филмски остварувања
„Сите знаат“ – Асгар Фархади
Интересно е остварувањето на шпански јазик „Сите знаат“ на иранскиот режисер Асгар Фархади. Во филмот, Пенелопе Круз игра Шпанка што живее во Буенос Аирес и се враќа во својот роден град близу Мадрид со аргентинскиот сопруг (Рикардо Дарин) и нивните деца. Планираната кратка посета ќе биде пресретната од неочекувани настани, кои засекогаш ќе им ги променат животите. Во „Сите знаат“, покрај Круз и Дарин, се појавува и Хавиер Бардем.
„BlacKkKlansman“ – Спајк Ли
Спајк Ли повторно е во трка за Златната палма, откако во 1989 година не му беше доделена за „Do the right thing“. Овој пат тука е остварувањето „BlacKkKlansman“, кое ја раскажува вистинската приказна за афроамериканскиот детектив од Колорадо Спрингс, кој успева да се инфилтрира во локалниот свештенички колегиум на Кју Клукс Кланот. Филмот е продуциран од режисерот на „Get Out“ – Џордан Пил, а во главните улоги се појавуваат: Адам Драјвер, Тофер Грејс и синот на Дензел Вашингтон – Џон Дејвид Вашингтон.
https://www.youtube.com/watch?v=PLs9EggvoKM
„Куќата што ја изгради Џек“ – Ларс фон Трир
Се сеќавате ли дека последниот пат кога Ларс фон Трир имаше филм на Кан, стана „персона нон грата“ поради коментарите за Хитлер и нацизмот? Па, изгледа Кан делумно му прости, бидејќи неговиот филм „Куќата што ја изгради Џек“ ќе биде прикажан, но сепак останува надвор од конкуренцијата за награда. Во овој филм со дејство што се протега во временски период од 12 години, Мат Дилон игра интелигентен сериски убиец, кој на своите убиства гледа како на уметнички дела. Покрај него се појавуваат и Ума Турман, Бруно Ганц и Софи Грабол, а самото остварување е едно од најозборуваните и најочекувани наслови на фестивалот.
Освен веќе спомнатите филмови, со нетрпение се очекува и „Leave no Trace“ на Дебра Граник, кој ја раскажува приказната за татко што живее тајно со својата 13-годишна ќерка во еден јавен парк. Кан не би бил Кан без Марион Котијар, овој пат во улогата на мајка што го остава своето 8-годишно дете за маж што штотуку го запознава, во филмот „Аngel Face“ на Ванеса Фиљо. Еден од најпочитуваните режисери на Канскиот фестивал – Ли Чанг-донг се враќа со „Burning“ – адаптација на расказ од Харуки Мураками. На фестивалот ќе се прикажува и мистериозната љубовна приказна од поствоена Полска „Cold War“ на Павел Павликовски (добитникот на Оскар за најдобар странски филм за „Ида“), а тука е и „Соло“, филмот – спин оф на „Војна на ѕвездите“. Фестивалот ќе го затвори светската премиера на „The Man Who Killed Don Quixote“ од Тери Гилијам.