1. Oграничете го времето за гледање вести и информирање за вирусот
Медиумското внимание за ковид-19 е екстремно големо и невозможно е да се игнорира огромната количина информации поврзани со заболувањето. Голем дел од нив се дезинформации и шпекулации. Постојаното проверување на последниот развој на настаните воопшто нема да му годи на вашето ментално здравје. Обидете се да го ограничите гледањето вести и информирањето од социјалните медиуми на еднаш до двапати дневно. Одберете ги најрелевантните извори, добијте ги клучните информации и не задлабочувајте се претерано.
2. Направете си рутина
И менталното здравје е исто така важно како и физичката хигиена, па затоа направете си дневен распоред по нормален тек на нештата. Доколку работите од дома, бидете продуктивни во текот на работните часови, а потоа одвојте време за себеси (релаксација и вежбање). Исто така, одвојте време за готвење, но и за социјални активности (телефонски разговори, чат).
3. Бидете физички активни
Иако софата е најинтересното друштво овие денови, сепак потрудете се да останете што е можно поактивни на физички план. Иако сега одењето во теретана е невозможно, има многу начини да се вежба по дома. Побарајте онлајн физички вежби (ги има милион на Јутјуб), a на крајот на краиштата, можете и да танцувате на омилената музика.
4. Не заборавајте ги сонцето, свежиот воздух и природата
Зелените површини се најголемиот пријател на менталното и физичкото здравје. Зеленилото го подобрува расположението, го намалува стресот и опушта. Но, бидејќи сега не ни е достапно, најпаметно е редовно да ги отвораме прозорците за да бидеме во допир со свежиот воздух. Убаво е и да се опкружиме со цвеќиња и растенија во домот, да разгледуваме фотографии од омилените локации во природата, да слушаме природни звуци, какви што се црцорот на птиците или, пак, океански бранови.
5. Медитација, дишење и други техники за релаксација
Важно е и да се релаксирате. Обидете се со јога, медитација… Ако не сте медитирале претходно, има многу видеа на Јутјуб, кои ќе ви помогнат да ја совладате техниката. Можете да се обидете и со различни техники на дишење. Јогата исто така може да ви помогне. Слушајте релаксирачка музика или аудиокнига. Опуштете се…
6. Стимулирајте го умот
Читајте книги, статии и магазини, слушајте поткасти, гледајте филмови и играјте друштвени игри. На интернет ќе најдете безброј електронски книги. Или, пак, можеби добра идеја е да почнете да учите нов странски јазик со помош на апликација?
7. Разговарајте за вашите чувства
Ако сте загрижени, не кријте го тоа во себе. Разговарајте за вашата загриженост со пријателите, некој од семејството или партнерот. Искажете се! Дури и кога знаете дека тие не можат да направат ништо за да помогнат, сепак самиот разговор може да ве растовари од грижите. Ако, пак, не ви се зборува, запишете како се чувствувате. Отпосле можете да ги фрлите белешките, бидејќи тоа се чувства што доаѓаат и заминуваат.