„Tалентот се негува во самотија. Едно важно дело може да се создаде само кога авторот ќе се изолира, бидејќи делото е дете на самотијата.“ – Гете
„Моите дела отсекогаш биле подобри кога сум бил сам и сум ги следел сопствените импресии.“ – Клод Моне
„Пишувањето е самотничка професија. Семејството, пријателите и општеството му се природни непријатели на писателот. Тој мора да е сам, непрекинат, и малку див ако сака да го одржи и заврши писателскиот потфат.“ – Џезамин Вест
Американската фотографка Барбара Ес, позната по своите потресни фотографии создадени со пинхол фотоапарат, била болна од бронхитис повеќе од еден месец. Нејзиното поле на интерес наеднаш се намалило во границите на домот. Ес го променила фокусот на просторот околу себе. На фотографиите, таа ги претставува предметите во домот и моментите врзани со нив: сјајот од сребрените садови, апстракција на скалите, клима-уредот. Овие фотографии, прво збогатени со сребрено, црно и бело, а потоа скенирани и зголемени, пренесуваат чувство на смирена осаменост.
Barbara Ess, “Fire Escape (Shut-In Series)” (2018/2019)
Првите уметнички искуства на скулпторката Рут Асава потекнуваат од логори. Таа и нејзиното семејство, како и многу други јапонски Американци, биле неправедно уапсени по избувнувањето на Втората светска војна во 1942 година. Асава поминала 18 месеци во заробеништво во Калифорнија и во Арканзас. Таа живеела во штали и бараки, со ограничени ресурси и без приватност. За време на овој тежок период, таа нашла инспирација. Заедно со уште неколку цртачи од „Дизни“, кои исто така биле уапсени, Рут Асава почнала да црта и да слика. Децении подоцна, таа ќе заклучи дека понекогаш доброто произлегува од лошото: „Немаше да бидам таа што сум денес ако не бев затворена.“
Ruth Asawa, Untitled (BMC.76, BMC laundry stamp), c. 1948-1949
Поради војната меѓу Турција и Работничката партија на Курдистан во 2016 година, курдската уметница и новинарка Зехра Доан била во домашен притвор во турскиот град Нусајбин. Таа почнала да црта на својот телефон, а една од сликите станала вирална: цртеж базиран на фотографија од курдскиот град Мардин во моментите додека врз него се одвивале турските воени операции. И за време на затворот, таа творела, честопати борејќи се да обезбеди материјали за работа. По нејзиното ослободување, изјавила: „Морав да продолжам со цртањето. Едноставно е. Со ништо друго не можев да го изразам своето постоење.“
„Цртам автопортрети бидејќи често сум сама“, велела Фрида Кало. Во 1926 година, на 19-годишна возраст, Кало, по трагична трамвајска несреќа, добила тешки повреди на ’рбетот. Овие повреди ја заковале во постела со месеци. Токму во тој период, оваа мексиканска надреалистка се запознала со сликарството. Со поддршка од семејството, таа творела во својот кревет и ги создала делата што до денешен ден се нејзин заштитен знак. И во многу подоцнежни автопортрети, таа се сликала себеси во кревет, во пространи прејзажи без присуство на други објекти или фигури.
Frida Kahlo, “Henry Ford Hospital (la camo volando)”
Алберто Бланко е поет, така што сликањето никогаш не му било во преден план. Но во 2009 година, државата Мексико ги затвора училиштата и јавните објекти за да ја спречи пандемијата на свински грип. Бланко останал во својот дом во Мексико Сити и пронашол мотивација да експериментира. Насловот на серијата од слики во гваш е „Квалитетно време“. Во овие осаменички дела, тој ѝ дава оптимистички па дури и хумористичен предзнак на социјалната дистанца.
Alberto Blanco, “Quality Time 2” (2009)
За време на 15-годишната робија во државен затвор, американскиот уметник Реј Матерсон се научил да шие. Ги користел конците од расплетени чорапи и иглата за шиење што му ја позајмил еден од чуварите. Шиел мали таписерии. На нив го замислувал животот надвор од затворот, но и суровата реалност на неговата зависност од дрога. Подоцна изјавил дека во затворот морал да се потсетува себеси зошто се нашол таму. А тоа била неговата зависност од дрога. Приказната на Реј Матерсон е еден од највпечатливите и најнадежни примери за креативност во неподносливи услови.
Ray Materson, “Til Death Due Us Part,”
Драган А.