„Inner Song“ – Kelly Lee Owens
Ова е второто LP-издание на возбудливата Велшанка Кели Ли Овенс. Критичарите за „Inner Song“ велат дека го носи слушателот во еден ментален простор на смиреност и прифаќање! Овој албум се покажува како важен за турбулентното време во кое живееме бидејќи го означува новиот живот што му го дава на електронскиот поп и зрелоста на изведувачката, која истовремено се појавува и во својство на продуцентка на албумот. Траки на кои треба да им се обрне внимание се „Wake-up“, „Jeanette“ и „Corner of my Sky“.
„Decision Time“ – Charles Webster
„Decision Time“ e извонреден comeback на еден од најдобрите британски хаус-музичари Чарлс Вебстер. Ова издание се одликува со целосна оформеност и комплетна сигурност во своето постоење. На почетокот ја навестува својата брилијантност на првото слушање, а потоа со секое ново слушање и ве уверува во тоа. Карактеристично е тоа што во „Decision Time“ речиси и да нема хаус, иако може да се почувствува неговата скриена енергија во звуците што се многу поразлични од стандардниот грув на Вебстер. Критичарите ќе забележат дека површините на оваа музика се мазни, но нејзините длабочини се бескрајни.
„Tears for the Tea Maker“ – Rose Bonica
Возбудливо, радикално издание со фрагменти на поп и регетон. Rose Bonica доаѓа од Кејптаун, Јужна Африка, а ова е нејзиниот деби-албум, кој слободно може да се рече дека широко ѝ ги отвори вратите на идната клупска сцена, каква и да е таа. Критиката е едногласна во квалификациите на насловите од овој албум – тие се мистериозни, полни со скриени знаци и интриги, со силна индивидуалност, соничност и поетски персоналитет.
„Suddenly“ – Caribou
По шест години Caribou (Dan Snaith) се врати со албумот „Suddenly“, своевидно продолжение на „Our love“. Сепак, овој албум е далеку поамбициозен поради изострените текстови и авантуристичката палета на звуци. Во интервју за „Ролинг стоун“, Снајт рече дека oдеднаш ја опфатил естетиката на модерниот поп-рап: Дрејк, Пост Мелоун, Тајлер… Тие влијанија се покажуваат во овој албум. Вреди да се преслуша бидејќи претставува кулминација во сè што Caribou има постигнато под ова име досега и е веројатно неговиот најличен албум.
„We Will Always Love You“ – The Avalanches
Амбициозниот трет албум на австралиската група The Avalanches e преплавен со идеи, семплови, гости… Албумот е инспириран од големината на вселената, светлината на небесните тела и романсата меѓу научниците Ен Друјан и Карл Саган, кои се обиделе да го капсулираат човечкото искуство на неколку златни плочи исфрлени во вселената во 1977 година. Албумот има 25 траки во траење од 72 минути и го доловува прекрасното, мистериозно ширење на ноќниот хоризонт, истражувајќи ги прашањата во врска со смртта, задгробниот живот и ѕвездите.