Тилда сме ја гледале во филмови на браќата Коен, Вес Андерсон, Лука Гуадањино, Бонг Џун-хо, Дејвид Финчер… и не сме сигурни дека оваа листа на највоодушевувачки актерски трансформации може во целост да ја долови нејзината актерска големина. Но, барем се обидовме.
Орландо во „Орландо“
Еден од најпрепознатливите актерски белези на Тилда Свингтон е нејзината андрогеност, карактеристика што е особено нагласена во адаптацијата на „Орландо“ од Вирџинија Вулф, во режија на Сали Портер. Филмот е историска авантура што го следи поетот што ги менува родовите низ многу векови, запознавајќи се со клучни историски и книжевни ликови, заљубувајќи се и одљубувајќи се. Променливиот физикус на Свингтон придонесува за воодушевувачката трансформација. Секоја промена на родот носи своја емоционална заднина, што актерката успешно ја пренесува, креирајќи еден комплексен и незаборавен конгломерат од ликови.
Дијана во „Trainwreck“
Ја видовме и како Дијана, плиткоумна уредничка на списание во романтичната комедија „Trainwreck“ (2015). Ја ставивме и оваа трансформација во листата бидејќи претставува навистина зашеметувачки екстрем во нејзината кариера. Имено, никаде и никогаш не сме ја виделе Тилда во вакво конвенционално издание, со брановидна коса и фејк-тен. Оваа улога е сосема различна од профилот на улоги во кои сме навикнати да ја сместиме, па токму тоа ја докажува неверојатната моќ за трансформација на Тилда Свинтон.
Мадам Бланк / д-р Клемперер во „Suspiria“
Kамелеонската способност на Тилда Свинтон можеби најдобро доаѓа до израз во филмот „Suspiria“ на Лука Гуадањино. Кастинг директорот на овој римејк на истоимениот филм од 1977 најпрво изјави дека Тилда Свинтон ја игра Мадам Бланк, но ликот на д-р Клемперер го игра извесен професор Луц Еберсдорф. Но секој што го има гледано овој филм, ќе сфати дека станува збор за забавна шега, и дека психијатарот што влегува во мистериозниот, окултен свет на берлинската школа за танц, всушност го игра Тилда Свинтон. Извесниот Еберсдорф воопшто не постои. Познато е дека за оваа улога Тилда носела „тежок сет гениталии“, што го прави овој сет улоги во филмот своевидно ремек-дело во нејзината досегашна кариера.
Мадам Д во „The Grand Budapest Hotel“
Во „The Grand Budapest Hotel“ на Вес Андерсон, Тилда Свинтон ја игра улогата на Мадам Д, старата богата госпоѓа што умира и во наследство му остава бесценето уметничко дело на консиержот во хотелот. Ако ја видите набраната кожа, очното перде, неподвижната коса и неумешно нанесениот кармин, ќе сфатите зошто оваа улога си најде место во листата најневеројатни трансформации на Тилда Свинтон.
Ив во „Only Lovers Left Alive“
Бледилото и изгледот на дух се особено потенцирани во улогата на Ив, што Тилда Свинтон ја игра во вампирската љубовна приказна „Only Lovers Left Alive“ на Џим Џармуш. Во филмот, Ив и Адам (Том Хидлстоун) се двајца бесмртни вампири, кои се во брак веќе неколку векови, но живеат одвоено. Двојката повторно се среќава во денешницата, кога Свинтон се враќа за да биде со својот сопруг, кој е депримиран и суициден музичар. Елегантниот лик на Ив го дефинира љубовта кон книгите, кои може да ги чита од почеток до крај за само неколку минути. Ликот успешно ги обединува длабоката мудрост на неколкувековен библиофил и студенилото и лежерноста на еден вампир.