Со диџеј сетот на Илина Ангел и Марко Рикалоски, во саботата беше затворено првото издание на In Situ, ребрендираниот саем за уметност порано познат како Паратисима. Под мотото „Draw the line / Повлечи линија“, овогодишниот саем ни претстави шаренолика и богата програма која беше структурирана во неколку сегменти односно изложбени поставки: In Emergence, In Established, In Collaboration, In Architecture, In Spotlight и In Design.
Тридневниот настан во рамките на кој посетителите можеа да ги видат изложените дела од шеесеттина автори, да слушаат предавања и да уживаат во диџеј сетови, беше заокружен со објавувањето на селекцијата на автори наградени со учество на 48 Stunden Neukölln во Берлин, Германија. Жирито на In Situ составено од Небојша Вилиќ, Ана Ивановска Дескова и Мартин Штефенс селектираше двајца автори кои ќе бидат наградени со учество на 48 Stunden Neukölln во јуни, 2019:
1. од делот In Emergence – Сали Ертунч за делото:
„Негатив“, 2018, акрил на картонска кутија од пица.
2. од делот In Established – Ана Јовановска за делото:
„Огледала“, 2017/2018, фото-принт со интервенции.
За време на жирирањето во потесниот круг тие ги издвоиле:
Од делот In Emergence: Евгенија Филова, Мила Гавриловска, Бојан Ивановски, Пеи-Ших Ту, Бојана Пешевска, Ертунч Сали и Никола Џукиќ, а од делот In Established – Ана Јовановска, Ангел Миов, Марија Сотировска [со делото „Созревање“] и Ненад Тонкин.
Партнерите и соработниците на саемот ги наградија:
Галерија Акантус / Acanthus Gallery: Марко Вуисиќ
Младински Културен Центар: Ирена Десовска Белчовски
Concept 37: Марија Алексиќ Арт, Марсел Бургер и Djukich Photography
Креативен викенд: Гаја Смилевска
In Situ уште еднаш докажа дека постојат културни точки кои го имаат капацитетот да создадат сопствена гравитациска моќ што ќе привлекува уметници од целиот свет, на тој начин придонесувајќи за развојот на уметничката сцена во земјата.