Слики генерирани од вештачка интелигенција го преплавуваат интернет-просторот во последните месеци. Следствено на тоа, социјалните мрежи се претворија во дебатни панели каде што секој го искажува своето мислење и ставови поврзани со оваа „нова“ технологија. Во овој текст нема да прочитате ништо просветлувачко на темата, туку уште едно мислење на ликовен уметник/илустратор, кое се надевам ќе додаде слој на размисли што ќе го забрза процесот на спласнување на прашината и барем малку ќе придонесе во процесот на прифаќање на новава алатка за создавање уметност.
Почетоците на генерирање В.И. слики е од 1960 година, но со појавата на најновите алатки како „DAAL-E“ и „Dream by Wombo“ овие дела стануваат импресивни во нивната техничка, па и креативна реализација. Ваквиот квалитет на слики генерирани од текст ги збуни/воодушеви/уплаши луѓето што работат во креативните индустрии. На Инстаграм се појавува STOP AI ART кампања, која масовно се споделува помеѓу илустраторската фела. Од друга страна, голем број илустратори, дизајнери и ликовни уметници почнуваат да „соработуваат“ со вештачката интелигенција и да ги користат овие алатки за да создаваат дела.
Јас како ликовен уметник и како слободен илустратор можам многу добро да го разберам стравот и возбудата што В.И. генерираните слики ги предизвикуваат. Веќе ги гледам клиентите за кои сум работел илустрации за игри, карти и насловни за книги, како кликаат „Create again“ и чекаат да се појави нивниот посакуван совршен дизајн. Впрочем, зошто и би плаќале илустратор кога голем дел од овие алатки се бесплатни и работата би била завршена во секунди, и згора на тоа тие самите ќе бидат автори на овие слики… или коавтори со вештачката интелигенција.
Од друга страна, ликовната уметност како посебна дисциплина не е премногу загрозена од оваа алатка – напротив. Многу ликовни уметници, дигитални уметници и дизајнери веќе ја користат вештачката интелигенција за реализација на своите проекти. За разлика од илустрацијата, природата на ликовната уметност не е целосно зависна од техничка изведба – туку од идеи, концепти, размисли и контексти, и со тоа ликовните уметници се ослободени од стравот дека „роботите ќе им ја земат работата“.
На годишниот саем за дигитална уметност/дигитално манипулирана фотографија, во Чикаго, уметникот Џејсон Ален добива прва награда за своето дело Théâtre D’opéra Spatial кое е В.И. генерирана слика, користејќи ја апликацијата Midjourney. Ален се соочува со бурни реакции од Твитер-заедницата по добивањето на оваа награда:
„Ова е грозно! Можам да ги видам бенефитите на В.И. генерираната уметност, но не можам да разберам како можеш да се нарекуваш уметник генерирајќи таква уметност… Апсолутно не! Можам да видам како децата ги мамат наставниците и ги завршуваат своите домашни со генерирање ваква ‘уметност’.“
– Sanguiphilia
Ален за 9News објаснува дека направил 900 повторувања на слики за да ја добие посакуваната слика, ја едитирал во Фотошоп и потрошил 80 часа за да го добие завршниот резултат. Тој вели: „В.И. е алатка како што и сликарската четка е алатка, и има креативна сила зад неа. Зад описот има имагинација и автор“.
Елена Чемерска и Ивана Мирчевска во заедничкото дело „Спекулативен прирачник по опседнати прагови – Дело во пет глави“ го користат софтверот DAZ и платформата Art Breeder за да создадат паралелни идентитети – аватари на своите ликови и тела. Тие ја користат вештачката интелигенција како уметничка алатка преку која истражуваат идентитетски прашања и како тие можат да подложат на нови форми на прикажување, но и на политичко, географско и чувствено отуѓување.
View this post on Instagram
Нина Георгиева, продукт дизајнерка што работи за Инстаграм, ја користи оваа технологија за да создава дистописки пејзажи, карактери и дизајни на облека. Таа ги адресира трите најчести аргументи против В.И. генерираната уметност со следниве тврдења:
Цит:
1. „Не се потребни вештини“. Oва е истиот аргумент што го користеле сликарите кога се појавила фотографијата. В.И. генерираната уметност е само пишување опис, исто како што фотографирањето е само притискање копче.
2. „В.И. ја краде уметноста на уметниците што ја создале“. Во најбуквална смисла ова тврдење не е точно бидејќи В.И. секојпат генерира сосема оригинални решенија. Во алтернативна интерпретација терминот „крадење“ во „преобликување“, значајно е да се напомене дека фотографите често фотографираат туѓа уметност, како, на пример, архитектура, и со тоа фотографијата не ја губи вредноста како уметност.
3. „В.И. користи туѓ труд без дозвола“. Ако го прифатиме овој аргумент како валиден, во тој случај мора да прифатиме дека ниту еден од нас човек-уметник сме побарале согласност. Сите ние користиме туѓи уметнички дела како инспирација и влијание со што го вежбаме нашиот внатрешен алгоритам за да го искористиме тоа знаење и да создадеме наша уметност. Ова не е поинакво од тоа како В.И. функционира. – Крај цит.
За да се соочам со мојот илустраторски страв и ликовњачката љубопитност, ги пробав В.И. алатките и создадов голем број слики. Дел од нив се навистина фасцинантни – помислив „чао кариера на слободен илустратор“.
Решив како референца да искористам една моја илустрација на луѓе-орхидеи што пијат во паб. За реализација на овие слики ја искористив бесплатната онлајн алатка „Dream by Wombo“. Почнав да го пишувам описот на илустрациите што сакам да ги видам, и за првпат во мојот живот се почувствував како клиент што нарачува дизајн. Исчукав „Orchid flowers growing from a head of an old man“ и резултатите беа сосема задоволителни, неочекувани и изненадувачки. Помислив дека сигурно вака се чувствуваат клиентите кога ќе ја видат својата нарачка во форма на илустрација или дизајн. Се осетив задоволен од креацијата.
Но, на прашањето што ми беше поставено: „Твои се овие илустрации?“ – не го знаев одговорот. Да, јас го напишав описот и го осмислив концептот, но В.И. создаде нешто сосема неочекувано. Не знам дали може да се каже дека ова е соработка. За соработка би било очекувано да се соработува со соработникот, додека генераторот ги исфрли сликите без да ме праша за мислење, а тие беа доволно добри сами за себе за да ме остават без опција за корекција или за мисловна доинтервенција…
В.И. генерираните слики се тука и не можеме да ги исфрлиме од употреба. Можеме да ги користиме или не, како и секој друг софтвер, но не можеме да ги игнорираме, да протестираме против нив или да пробуваме да ги исфрлиме од масовна употреба. Останува на нас како креативци да се обидеме да најдеме соодветна примена на оваа нова и лесно достапна алатка за сите – уметници, клиенти и сите други корисници.
Или како што Исак Асимов би напишал:
“You can’t just move backward. You can’t push the chicken back into the egg, wine back into the grape, the boy back into the womb. If you want the baby to let go of your watch, you don’t just try to explain that he ought to do it—you offer him something he would rather have.”
― Isaac Asimov, The Gods Themselves
Филип Велковски
Филип Велковски (1988, Скопје) е мултимедијален уметник/илустратор, кој работи во полето на ликовната уметност, илустрацијата и кураторството. Неговата практика е информирана од современите и традиционални медиуми како и временската кохезија што се создава при нивно комбинирање. Во 2013 година дипломира на Факултетот за ликовна уметност во Скопје (сликарство со насока графички дизајн). Во 2022 магистрира на Школата за уметности во Глазгов (насока сликарство и нови медиуми). Од 2013 година до сега има реализирано 3 самостојни изложби и повеќе од 21 групна, меѓу кои: Биенале на млади уметници во (МСУ, Скопје 2018), “Strawn taboos” (Глазгов, Barns Garage, 2022) и RBA Rising Star (Royal over sees league house, London, 2022)