Базирана на израелската серија со исто име, Euphoria на HBO нè носи на патување низ хоророт на наркоманијата, промените што ги предизвика развојот на социјалните мрежи и низ малолетничкиот секс, со умешна тактилност што успева да ве зарази со болката и дезориентираноста на младиот човек во 21 век. И со нивната привлечност.
Аналитичните ликови
Започнувајќи од омнипрезентната нараторка Ру која посетува програма за одвикнување од наркотици, преку ликот на Нејт кој трупа гнев заради потиснатата сексуалност и (да го дополниме триаголникот) трансексуалната Џулс која излегува од сите можни дефиниции и обиди да се типизира одреден карактер – ликовите во Euphoria ја градат интензивната приказна со аналитичноста која ја поседуваат. Ова не е Clueless телевизиско шоу што ги разработува плитките и бесмислени мачнини на обичниот американски тинејџер. Напротив, се работи за добро разработено сценарио таргетирано кон листа на многу поширока публика. Дури, јас би ги ставил тинејџерите од Генерацијата Z најдолу на таа листа на гледачи 🙂
Постродовата, постLGBT перспектива
Не постојат вакви термини, но ќе сфатите. Euphoria има расчистено со прашањата за родовоста и LGBT каузата. Би рекол дека серијата воопшто не се занимава со таа проблематика. Таа е минато. Во дејството на Euphoria флуидноста на човечката сексуалност во поимањето на главните протагонисти е кристално јасна.
Остатоците од нејзиното неприфаќање се видливи кај неколку ликови, но токму тие го градат заплетот на дејството. Родовоста и LGBT не се поставени на осудувачката платформа и спротивставувањето кон нив овде не постои. Back to the future? 🙂
Американците го победија стравот од голотија на телевизија
Забележувате дека нема случајни листови од фикус во сцените со цел да покриваат чувствителни делови од телата на актерите 🙂 Дури може да се каже дека и премногу се опуштиле, но тоа е разбирливо кога некој толку долго се стега да не ги наруши општествените норми и да предизвика дискомфорт кај дома-прилегнатата, ококорена и запрепастена конзервативна нација. Праќањето голи слики, секстингот, суровиот секс и случајната голотија во „Euphoria“ се послужени на тацна. Кој како голта од филџанот си е негова работа.
Сцените од имагинацијата на ликовите мајсторски се мешаат со реалноста
Иако Euphoria e застрашувачки реална, и како што спомнав погоре, умешно тактилна во начинот на кој ви приоѓа, сцените со имагинацијата на ликовите се чини дека надоместуваат за сета болка што ни ја сервира реалноста. Тие се забавни, живописни во својата нереалност, се претвораат во детективски секвенци, трилер и акциски парчиња, а некои од нив доживуваат камелеонска преобразба во мјузикл.
Саундтрак – лудило!
Подгответе си го „Шазам“ да ловите по десетина песни во епизода. Затоа што сите се добри! На Spotify може да се најде цела листа со песните од серијата. Саундтракот опфаќа добро познати класици но и многу свежи артисти и теми. Главната задача овде му е доделена на добро познатиот британски пејач и композитор Labrinth во соработка со креаторот на серијата Левинсон и музичкиот супервизор Џен Малоун.
За крај, Euphoria ќе биде обновена со втора сезона што ќе има тешка задача да ја надмине првата.