Оваа година Патувачкото кино се одржа од 1 – 12 јули во села околу Охридското и Преспанското Езеро. Екипата повторно беше стационирана во прекрасното струшко село Радожда, а оттаму се патуваше. Повторувањето на ист регион, кој обично се менува, е заради овогодишниот регионалниот карактер на Патувачкото кино, кое за првпат има партнери од Албанија и од Србија. Селото Радожда беше идеална поврзувачка точка меѓу селата кои беа одбрани за проекции, од двете страни на границата со Албанија. Преку граница, во Албанија, документарни филмови се гледаа во Бучимас и во Лин, села на Охридското Езеро и во селото Пустец на Преспанското Езеро.
На македонска страна домаќини беа селата Лабуниште, Вишни, Драслајца и Луково. За атмосферата, магијата и возбудата што се случува на Патувачкото кино пишував минатата година. Оваа година, за мене, беше изненадувачки бројот на странски гости, кои, како мене, сакаат да бидат дел од патувачката екипа. Дел од нив ги прашав што претставува за нив МакеДокс и Патувачкото кино и со какви импресии си одат.
Петер Цах втора година е дел од патувачката екипа. Роден е во Грац, работел како камерман во Австриската телевизија и како монтажер во Германската телевизија, а од 1990 година живее и работи во Берлин како сценарист и режисер на документарни филмови.
„Првата средба со Бранд Феро и Петра Селишкар (идејните творци на МакеДокс) ја имав во 2008 година, во Љубљана, на еден форум за копродукции. Уште веднаш почувствував блискост во размислувањата и воспоставивме одлични релации. Беше тоа почеток на едно прекрасно пријателство. Моето прво доаѓање во Скопје беше во 2013 година кога бев поканет како член на жирито на фестивалот МакеДокс. Тогаш се заљубив во Куршумли ан, но и во гостопримливите луѓе и фестивалската атмосфера. Присуствував на фестивал што е значаен за сите филмски работници што прават документарни филмови, не само во регионот, туку и многу пошироко. Токму затоа, мојот документарен филм „Отаде границите“ (Beyond Boundaries), својата светска премиера ја имаше на МакеДокс во 2016 година. Проекции на отворено, како во Куршумли ан, се сон на секој режисер. Приказната за Патувачкото кино од самиот почеток кај мене развиваше идеја за документарен филм. Минатата година бев со екипата, да видам како тоа функционира, направивме снимања по селата каде што бевме, а годинава сериозно снимавме и се надеваме дека ќе имаме готов среднометражен документарен филм во 2020 година. Сега-засега филмот има работен наслов „Once upon a time in Macedonia“. Им благодарам на сите што беа вклучени во овој единствен и необично убав проект и за можноста да го реализирам“ – раскажува режисерот Петер Цах.
Оваа година на Патувачкото кино му се придружи и Јана Цисар, продуцентка, родена во Чехословачка, но од 1969 година живее во Западна Германија. Кариерата ја почнала како театарски продуцент. Работела со Les Blank, Richard Leacock, David Byrne и Thomas Brasch. Заедно со Manuela Strihavaka го креирале Filmfestival Salzburger SommerSzene. Од 1995 година живее во Берлин и работи како независен филмски продуцент.
„На МакеДокс дојдов во 2013 година како член на жирито. Се сеќавам на првата проекција во Куршумли ан. За мене тоа беше неповторливо доживување – невообичаено жешка ноќ, тече филмска проекција и некаде далеку, а блиску, пее оџа. Бев како во делириум, никогаш не бев присуствувала на толку магична проекција, под отворено небо во прекрасен простор каков што е Куршумли ан. МакеДокс е сериозен филмски фестивал, со одлично конципирани програми, со гости и публика какви што не бев видела дотогаш. Разговорите под смоква беа отворени и искрени и јас сум навистина среќна што имав можност да бидам дел од една посветена работа, луѓе што знаат што прават и да им дадам поддршка колку што можам. Да не заборавам да спомнам дека фестивалскиот тим готви за своите гости, доматот има вкус на домат, кајсиите и црешите се сочни, нешто што ние Европејците сме го заборавиле. Да се биде дел од Патувачкото кино е уште едно незаборавно и уникатно искуство. Поминав време со извонредна група индивидуалци, со кои заедно истражувавме и учевме за селскиот живот, за луѓето што живеат на село и за нивното секојдневие. Нивната перцепција е богата и инспиративна“ – не ја криеше својата воодушевеност Јана Цисар.
Особено интересна е приказната на млад пар од Франција, Пол и Лаура:
„Бевме во Скопје минатото лето, случајно во време кога се одржуваше МакеДокс. Поминавме две прекрасни вечери на фестивалот. Гледавме проекции, но исто така ги следевме и разговорите со дел од авторите што беа присутни на фестивалот. Величествената атмосфера во Куршумли ан едноставно не се заборава. Годинава одлучивме да дадеме отказ на работа и да патуваме шест месеци низ Европа, со една единствена цел – да откриваме места на еден полежерен начин. Во октомври ѝ пишавме на Сара Феро (дел од екипата на МакеДокс) и благодарејќи ѝ нејзе сме дел од Патувачкото кино на МакеДокс. Сакавме да посетиме повеќе села и на тој начин да научиме повеќе за луѓето, природата и историјата. Беше големо искуство. Запознавме многу пријателски настроени луѓе и ја искусивме балканската гостопримливост. Убаво е да си дел од големото МакеДокс движење. Секојдневно патување како вистински номади – подготовки, инсталирање опрема, адаптација на простор, заедничко јадење. Му благодариме многу на Сашо Алушевски од кого научивме многу за колодиумската фотографија како негови асистенти на фотосесиите што ги правеше во селата. Беше многу интересно за нас бидејќи не знаевме ништо за колодиумската фотографија.
За нас незаборавен беше и денот кога решивме да направиме samosas за целата екипа, јадење од Магадаскар, кое го научив од мојот татко кој е роден таму“, раскажува Лаура. „Поминавме интересно попладне во Струга барајќи кори од ориз. Нормално не најдовме и на крај ги направивме со кори за бурек и беа фантастични. Готвевме сите заедно и за мене беше задоволство да ја споделам тајната на рецептот за samosas 🙂
Се радуваме на претстојниот фестивал во август бидејќи се пријавивме како волонтери, да го видиме фестивалот од другата страна, не како гледачи. И се разбира следната година доаѓаме пак на Патувачкото кино :).“
Гости беа и Паоло Бенвенути и Микеле Сини од Италија. Со Бранд и Петра се запознале на последниот игран филм што го снимале во Италија. Паоло е мајстор на звук од Милано, а Микеле продуцент од Сардинија. Паоло за време на посетата на селата работеше на звукот и за документарниот филм што го снима Питер за Патувачкото кино на МакеДокс.
Италијанците уживаа во убавините на Охридското Езеро и дружењето со екипата. Паоло се чудеше на можноста да се дојде од Милано до Охрид за 25 евра. Споредува и вели, за тие пари во Италија се оди на пица, а јас можам да уживам во оваа убавина.
Микеле си замина со многу впечатоци и решен е да напише долга приказна за своите доживувања од Патувачкото кино.
И годинава гостин беше Цар, продуцент од Белград, кој е најверен обожавател на МакеДокс.
Во рамките на Патувачкото кино се одвиваа сесиите на третата генерација Докуникулци, млади луѓе на возраст од 15 до 18 години, кои стекнуваат знаења за креативната документаристика. Годинава и Докуникулците беа со регионален карактер, имаше пријавено учесници и од Албанија. Се работеше под менторство на Петра Селишкар од МакеДокс и Еол Чашку и Аријанит Џонбалај од Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана.
Годинава МакеДокс слави мал јубилеј, десетто издание во прекрасниот Куршумли ан, од 21 – 28 август. Се подготвува голема програма, многу работилници и копродукциски форум на фондови, продуценти, филмски работници. Да му посакаме успешно издание, многу публика и енергија што привлекува прекрасни луѓе, кои знаат да препознаат квалитет.
Илинка Делчева
фотографии: Сашо Алушевски