Никогаш не сум патувала со Гајгеров бројач за радијација. „0.09“ вели жолтото апаратче, како што автобусот вози низ Токио, а на пат накај Фукушима, во зоната на нуклеарната хаварија од 2011. „Запамтете го овој број“, ни вели водичот, Такуто, смирен и насмевнат, како да одиме на обична туристичка екскурзија. „Радијација има насекаде, во мали дози. Луѓето впиваат повеќе радијација на прекуокеански летови, или при рендген снимка. Денес во Фукушима радијацијата ќе биде само малку повисока од Токио, а помалку од еден авионски лет“ – објаснува Такуто.
Секако, неговата лична мотивација и причината за основањето на „Japan Wonder Travel“ и овие дневни екскурзии до Фукушима е да покаже дека сепак има надеж за овој регион, дека нуклеарната хаварија не ставила вистински неотповиклив крај. Ова не е баш „dark tourism“, туку обид за „hope tourism“.

Фукушима не е загадена само со радијација, туку и со бранови паника, дискриминација на евакуираните Јапонци од нивните сонародници и недоверба кон јапонската влада и ТЕПКО, компанијата одговорна за (не)одржување на нуклеарните реактори. Неколку луѓе се обидоа да ме разубедат да не одам во близина на нуклеарната зона.
Седум години подоцна, 2018-та, јапонската влада прогласува голем дел од евакуираната зона за исчистена и безбедна за живеење. Прекинува финансиската поддршка за раселените лица и им се сугерира да се вратат. Но дали тие луѓе им веруваат на институциите? И дали е етички да се откорнат уште еднаш од новиот живот што го граделе 7 години?
Надвор е сончев декември и полн автобус странци вози кон Фукушима. Можеби ние сме примерот што ќе сведочи дека оваа област сега е повторно безбедна.


Намие – град на брановите, на галебите, на духовите
Нешто е чудно.
Сите очекуваат урнатини, но како што стигаме на главната станица во гратчето Намие, нѐ пречекува нова станица, нова пошта, нов пат.
Нешто е сепак чудно.
Нема луѓе.

И нашите очекувања се чудни. Има поминато 7 години од земјотресот и цунамито.
Намие пред земјотресот броело повеќе од 20 000 жители, а иако сега има 800 жители на хартија, во некои периоди тој број е 0. Во новоизградените куќи живеат работници дојдени да чистат радиоактивна почва и да уриваат радиоактивни домови во кои никој не планира да се врати. Во ова гратче што се наоѓа во зоната за евакуација во радиусот од 20 км околу нуклеарната централа Даичи, Гајгеровиот бројач покажува 0.25. Во границите на безбедното.
Низ празните улички наидуваме на неколку разурнати куќи. Локалната кафеана е во добра состојба, но внатре масите се полни со чинии и чаши, прекриени со прашина, напуштени во моментот на евакуација и недопрени 7 години.


Чудото на основното училиште „Укедо“
Само на 6 километри од нуклеарната централа стои основното училиште „Укедо“, а водичите гордо велат дека тука „се случило чудо“. За да стигнеме до чудото, да се сетиме на редоследот на трите несреќи во 2011-та – земјотрес, цунами, нуклеарна хаварија – поврзани како домино. Земјотресот не нанесол многу голема штета, а бидејќи првичните пресметки на властите биле дека нема да има големо цунами, учениците биле евакуирани само во школскиот двор. И чекале. Чекале инструкции што никако да дојдат. Со кого и да разговарам кој бил во Јапонија во 2011-та, се провлекува истата тема – исчекување и media blackout со денови.

Но исплашените дечиња не можеле да чекаат. Ги молеле наставниците да избегаат што е можно подалеку, што е можно повисоко. Правила се правила, а наредба за посериозна евакуација не дошла. Чудото на „Укедо“ е што не се испочитувал авторитетот, наставниците попуштиле пред учениците и тргнале да пешачат со километри кон ридот Охирајама. Последната група стигнала на ридот 3 минути пред цунамито да ја збрише целата крајбрежна населба. Денес стои само скелетот на училиштето и нов бетонски ѕид пред брегот, кој би требало да спречи идно цунами. Нема објаснување зошто ѕидот е многу понизок од цунамито од 2011-та. Во една слика се чувствува и тагата за жртвите, и радоста за спасените, и надежта за градење нов живот, и скепсата за иднината.

„I’m a cowboy! A cow terrorist!“
Масами Јошизава веќе не се плаши од ништо. Знае малку англиски колку воинствено да ни соопшти дека е cow terrorist! „No violence!“ додава. Овој земјоделец е последното зрнце граѓанска непослушност бидејќи одбива да ги евтаназира своите говеда. Ги храни со донации, како лушпи од ананаси од фабрика што произведува конзервирано овошје. Неговите сега радиоактивни крави биле од најскапата сорта во Јапонија, за вредноста да им падне на нула по нуклеарната хаварија.

Освен домашните миленичиња, било наредено да се убијат сите животни набрзо по хаваријата. Во шумите има радиоактивни диви свињи, за кои во неколку наврати се најмувани професионални ловци, но потешко е да се истребат. Масами верува дека кравите се жив доказ за ефектите на радијацијата и мисли дека нивната евтаназија е рамно на уништување докази. „3.11 сѐ уште се случува! Не е готово!“ извикува. Масами и неговата фарма се целосна спротивност од надежите на околните гратчиња за живнување. Тој е манифестација на стравовите што луѓето само ги шепотат – Фукушима пред земјотресот живеела од земјоделство, сточарство и риболов. И од вработувањата во нуклеарната централа. Но ни сега ни во скоро време нема никој да сака да купи храна оттаму. Семејствата што би се вратиле се осудени на сиромаштија.
Веднаш до шупата и до расфрланите черепи од говеда отскокнува камионетот на Масами Јошизава, кој тој си го вика „Cow Godzilla“. Токму со ова возило Масами многупати одел до Токио и протестирал на разни централни локации, вклучително и пред домот на премиерот Шинзо Абе. Масами ни раскажува дека одлучил да протестира во Токио на раскрсниците што блескаат и трепкаат затоа што таа енергија што го осветлува градот и ден-денес потекнува од Фукушима. „Ја сакате нашата енергија, но не и нашите раселени лица?!“ вели Масами и потсетува дека и денес децата од Фукушима се малтретирани на училиште и се нарекувани „germs“ (бацили).

„Вашиот прогрес е на цена на нашето страдање!“ додава, со сентимент што провејува неколку години на повремените протести што повикуваат за затворање на сите нуклеарни централи ширум земјата. „Земјотресите не се реткост во Јапонија! Наскоро можеби ќе удри земјотрес во Токио. И тогаш?“ Масами е очигледно огорчен, а иако успеал да се сретне со некои од претставниците на ТЕПКО да го ислушаат, неговите протести немаат сменето многу. Ни зборува накратко и за моменталните протести на „Жолтите елеци“ во Франција (декември 2018). Им се восхитува, но со воздишка заклучува дека во споредба со нив, „ние Јапонците немаме никаква моќ како народ“.

Има многу моменти помеѓу кога молчиме сите ние, молчат кравите што нѐ опкружуваат, а Масами си ги собира мислите пред да продолжи. Ми се чини изморен. Неколку недели подоцна дознав дека се кандидирал за градоначалник на Намие, но и покрај одличните политики, изгубил. Неговите сограѓани, уморни, исплашени и со аверзија кон конфликт што владее низ целото јапонско општество, тивко избрале статус кво. Уморот во очите на Масами Јошизава ми станува уште појасен. Сепак, многу активисти ширум земјата го поддржуваат неговиот ранч, кој и покрај сѐ, Масами го нарекува „Ranch of Hope“.

„Ова не е веќе стока, кравиве ми се пријатели“, ми вели на крај, додека повеќето луѓе веќе се влезени во автобусот. Во вакви моменти, мило ми е што зборувам јапонски и може да поразговараме без преведувач. Слушам му се крши гласот, а очите му се влажнат. Сепак, и без јазична бариера, „Arigato gozaimasu“ е сѐ што ми текнува да му кажам.
Кога тргнав да ја посетам Фукушима, не планирав да плачам. Додека Масами Јошизава зборуваше, не сакав да плачам. Затоа што тој сака да покаже непокор, а не очај. Сака да инспирира активизам, а не солзи.
Се расплакав кога влеговме во автобусот. И сфатив дека „туризам“ не е добар збор за ова искуство.
Дали сум на Dark Tourism?
Рано се стемнува, декември е. Влегуваме во „no stopping zone“. Овој дел не е безбеден и смее само да се помине со возило набрзина. На неколку прекинати патишта стојат чувари, а одминуваме и купишта црни ќеси полни со радиоактивна почва. Целиот автобус е тивок. Гајгеровите бројачи почнуваат да титкаат забрзано. Радијацијата се крева речиси до 5.00.

Во однесувањето и гласот на нашиот водич Такуто нема промена. „Лево е флиперницата во која нелегално има влезено екипата од Нетфликс за серијата Dark Tourism. Не е дозволено“, ни вели, а во гласот не насетувам никаква лутина. Исто некоја недела подоцна дознавам дека локалните власти биле и тоа како бесни, а размислуваат и да го тужат Нетфликс. Популарната серија во голема мера ги закопала нивните долгогодишни обиди да ја информираат јавноста дека има иднина за Фукушима. Како што излегуваме од забранетата зона, наидуваме на уште нови куќи, комплетно нов хотел и нови пруги. Локалните власти не се откажуваат. А јас сфаќам дека немам одговор на прашањето со кое тргнав: дали е во ред да се натераат евакуираните да се вратат?


Но, си го одговорив прашањето дали одам на dark tourism. Зборот „туризам“ најмногу се поистоветува со забава. Моето искуство е далеку од забава, а за среќа и организаторот „Japan Wonder Travel“ не инсистира на забава, туку на разбирање, информирање, подигање на свеста.
Се враќам во Токио и знам дека светлата на мојот омилен град, на мојот нов дом, нема веќе никогаш да ги гледам исто.
Зориа Петкоска

