На зборот фестивал, соодветен синоним му е зборот experience. А, oвој конкретен experience бара години макотрпна работа, верна публика и прецизно осмислен концепт како би се претворил од фестивал во искуство.
По 9 години, фестивалот ЗДРАВО МЛАДИ е веќе етаблиран бренд… една летна вечер од тие 93 во која од дома излегуваме со одредени очекувања… кои секоја година некако магично се надминуваат.
За мене, а верувам и за сите посетители, ЗДРАВО МЛАДИ е совршено осмислен line up, секогаш соодветна комбинација на светско и интимно како звук и сцена, сретнување на сите пријатели и познајници – почитувачи на добра музика – по 3 месеци летни одмори… А последниве неколку години, и уживање во добра храна и пијачка додека го чекаш следниот настап. Пред самиот крај на летото, ЗДРАВО МЛАДИ e една од последните издишки на слобода.
…Како што може да забележите, сите горенаведени карактеристики кои, бар за мене, го прават ЗДРАВО МЛАДИ тоа што е, се тешко изводливи оваа година:
На влезот немаше друштва што се собираат за заедно свечено да влезат на фестивалот, на сите посетители им беше мерена телесната температура, внатре ги чекаше шах од фигури во кои секој одговорно треба да заземе позиција, додека во заднина ечи едно орвеловско „ве молиме носете маски и почитувајте ги протоколите“.
Беше 20:30 кога на сцената, како surprise act, се качи LEPI XHONI и го скрши прилично очигледниот мраз 🙂 со интро од Шпато… скопски, класично ја почна вечерта и нѐ потсети каде сме и зошто сме.
Данците EFTERKLANG, на чело со еден од најдобрите вокалисти што сум ги гледала во живо, данското алтер его на Крис Мартин, ја створија музичката катарза на вечерта (налик таа што владееше на Slowdive, ЗДРАВО МЛАДИ 2017 и Cigarettes After Sex, ЗДРАВО МЛАДИ 2018); преку игра со клавијатура и синтови, наизменично мешање на музички идеи – акустика со електроника – со примеси на елементи на бендови како Sigur Ros, Explosions in the sky, па дури и Coldplay, Radiohead и Tom Oddel, Efkerlang „палеа“ и „гасеа“ со сталожени експлозии – доволнo за да нѐ спремат за главниот настан на вечерта…
(околу) 500 пријатели и 0 сомнежи:
Преку ЗДРАВО МЛАДИ живее, а во последниве неколку години и преживува авангардниот скопски дух и македонската независна музичка сцена. Соодветно на тоа, годинава носечката локална и фестивалска позиција ја имаа Funk Shui.
Funk Shui се скопски, градски бенд. Funk Shui се и светски, „тренди“ бенд, кој шармантно се вклопува во средината… а со live настапите нѐ вади од комфорна зона доволно за ние да сме тие кои се адаптираат на нивната заразна енергија. Во состав од петмина првин индивидуално зрели музичари, а потоа кохезивна музичка целина, таков беше и нивниот настап на ЗДРАВО МЛАДИ; давајќи дозиран шарм на фразата „неразбрани од општеството“, Funk Shui го отворија својот настап со новиот сингл „Метеори“, кој успешно помина не само на локално туку и на балканско ниво, отсвиреа голем дел од својот музички каталог (кој сега е веќе каталог полн хитови што целата публика ги знае наизуст) и ни дозволија први да ја слушнеме „Ветер“, која и тоа како направи воздухот да замириса на промена.
Атмосферата, прикажана низ неколку мои мисли додека ги гледав како целосно се даваат себеси на бината, беше следна:
Funk Shui се бендот на твојата младост и ја имаат напишано песната на твоето лето (а можеби и на твојот живот) дури и ако денес за првпат ти влегуваат во уво.
Funk Shui се доказ дека сѐ што ни треба, имаме дома. Да се потрудиме да сме им пријатен, доволен дом, пред да ни киднат.
Tурското трио LALALAR – буквален рок еквивалент на трансот – нѐ внесе во вортекс на електронски психоделии со ретро бас линии и семплови од специфичната култура на Анатолија. Во првите редови фановски се скокаше и се врескаше, додека останатите одзади будно го следеа одличниот сценски настап на шармантниот и енергичен frontman. Ако вечерта почна мирно со dream pop-от на EFTERKLANG, LALALAR официјално го разбудија дивото жарче кај публиката, кое Funk shui тактички го потпалија.
Пионерите PMG KOLEKTIV, пак, го имаа првиот настап на ЗДРАВО МЛАДИ по 15 години правење квалитетна денс-музика и градење на локалната денс-сцена. Го најавија крајот на вечерта така како што LEPI XHONI ја започна; скопски, со песната „Скопјанка“, по што ги отсвиреа сите добро познатите хитови како „80-ти“, „Tи си мојот свет“ и многу други.
Се разбира, тука е и DJ Fitz, кој се стационираше во свој замок на другиот крај од полјаната од самото отворање на вратите, додека и последниот журкач не го напушти фестивалот. Punk-art brut изложбата на Sali Ertunc, пак, составена од цртежи, фотографии, дизајни и инсталации, беше поставена во срцето на полјаната и совршено ја претстави и философската суштина на самиот фестивал – слобода, интолеранција и бунт против потиснатото, цензурираното и новото.
При крајот на вечерта, шаховските фигури фигуративно избледеа. Заедно поминавме еден луд rollercoaster од емоции и расположенија; од анксиозност и несигурност до екстаза и врескање на турските народни семплови на LALALAR… од ирско до локално, од длабоко до високо…. секоја промена длабоко се чувствуваше.
Можеби одржувањето физичка дистанца беше задолжително, но ЗДРАВО МЛАДИ и оваа година успешно ја изврши својата мисија – ни ги обедини духовите преку нова, свежа, добра музика!
Миа Милошеска
фотографии: Стефан Рајхл (извор: Младински Културен Центар)