На TikTok можеа да се видат „трикови“ за т.н депресивни соби, корисни туторијали за анксиозност, реален увид во секојдневните битки што со себе ги носи опсесивно-компулзивното пореметување, но и искрена поддршка за сите оние што ги водат овие битки во тишина и изолација.
За разлика од Инстаграм, содржината на TikTok е сирова и нуди отворен прозорец во туѓ свет бидејќи голем дел од содржините се пласирани од страна на луѓе кои самите се борат со проблеми со менталното здравје. Луѓето со OCD храбро ги снимаат макотрпните повторувачки рутини на кои се подложени секој ден; други пак, со сериозна форма на депресија великодушно прават обиколки на нивните „депресивни соби“ слични на складишта, кои како резултат на нивната состојба не се средени со месеци. На TikTok може да се најдат содржини дури и за панични напади, придружени од совети кои доаѓаат од вистински експерти за ментално здравје. Убавината на TikTok (барем засега) е тоа што не е алтернативен универзум накитен со филтри како Instagram (лажното совршенство има начин да ве натера да се чувствувате лошо). TikTok е релаксирачки, нефилтриран, понекогаш срцепарателен, често хумористичен поглед во реалноста на другите луѓе, а тука во централен план се проблемите со менталното здравје.
Повеќето експерти и психолози сметаат дека фокусот што TikTok го става на менталното здравје е позитивен, особено во подигнувањето на свеста за овие проблеми како и во намалувањето на стигмата и охрабрувањето на засегнатите луѓе да побараат помош од стручни лица. Тие сметаат дека TikTok како медиум помага во дестигматизацијата на проблемите поврзани со менталното здравје, како и разјаснување на тоа како овие состојби изгледаат во реалноста. Добивањето на ваквите информации доведува до тоа луѓето што се соочуваат со ментални проблеми да не се чувствуваат изолирани, го нормализира односот кон ваквите состојби и иницира контакт со професионалци кои можат да помогнат во нивното надминување.
Иако свесноста и дестигматизирањето на проблемите со менталното здравје што го прават корисниците на TikTok може да биде неверојатно корисно, стручните лица посочуваат дека прифаќањето совети од т.н експерти понекогаш може да предизвика проблеми. Важна работа, според нив, е да се дознае дека постојат ефективни третмани засновани на докази за многу состојби на менталното здравје, при што дијагнозата не значи дека треба да живеете на овој начин засекогаш.
Она што е особено важно да се запомни при следењето на ваквите содржини на TikTok e:
- Внимавајте од кого добивате совети. Погрешните информации за тоа како да се справиме со овие состојби може да им наштети на луѓето.
- Не користете TikTok како единствена форма на „терапија“. Ако се борите со состојба на ментално здравје, пронајдете терапевт, а потоа заедно ќе се одлучите за понатамошните чекори.
- Истражете. Ако имате прашање за некоја состојба, истражете го научно докажаниот третман за неа како и пристапот на решавање. Стекнете се со потребните информации и консултирајте се. Знаењето е моќ!