Dogtooth
Црна комедија за семејство што живее во наметната изолација, приказна за дисфункционалноста, бизарен но маестрален филм, кој меѓу другото има одлична глума и не те остава рамнодушен. Сигурна сум дека многумина го гледале, но за оние што првпат слушаат за овој филм, мислам дека е интересен да се гледа во овој период, поради трагикомичната надреална ситуација што на некој начин наликува на нашата моментална реалност.
https://www.youtube.com/watch?v=kuyFxZ5OHIM
Bad Education
Според мене е еден од најдобрите филмови на Алмодовар, кој раскажува приказна за двајца пријатели што за време на верско школување во Шпанија, во ерата на Франко, се заљубуваат еден во друг. Филмот го прикажува исходот на сексуалната злоупотреба во тие училишта и сериозните последици по нивните животи.
Ми се допадна начинот на раскажување, каде што нивниот однос е прикажан преку серија флешбеци во времето за да ја долови нивната приказна и да го направи заплетот уште поинтересен.
Queen of hearts
Филм што го гледаме низ очите на една успешна адвокатка, која ја ризикува својата кариера и сопствената фамилија поради несекојдневна афера. Она што воодушевува е скандинавскиот минималистички пристап во овој филм од секаков аспект.
Mad men
Серија за маркетиншка агенција, која се случува на почетокот на 60-тите години во Њујорк и обработува теми за идентитетот, полот, сексуалноста, алкохолизмот, расизмот, контракултурата. Прикажани се променливите расположенија и социјалните состојби на Соединетите Држави во тој период и едно општество кое е целосно доминирано од мажи додека жената е потчинета на тој систем.
https://www.youtube.com/watch?v=xUHlMgJxF30
Bron/Broen
За сите фанови на крими-драма би препорачала еден од подобрите скандинавски ноари – Bron/Broen.
Ова е возбудлива, искрена и емотивна серија. Особено се поврзав со несекојдневниот и општествено неприфатлив лик на Сара Ноген. Таа е прикажана како комплетно несвесна за социјалните норми и меѓу редови се имплицира дека има Аспергеров синдром, но токму поради тоа е многу посветена и одлична детективка.