Ќе свирите на 31 август во Скопје. Може ли тематски да го врземе вашиот настап со песната „Zadnji dan na obali“, бидејќи настапувате на брегот на Вардар, а утредента ќе биде веќе септември и веќе ништо нема да биде исто?
Па, да! Со оглед на тоа дека нам свирењето ни е само навика, и дека со Botix (нашиот тонец) ќе одиме по самракот голи и боси, доживувањето во Скопје ќе биде исто како во песната.
Марко, на Свемирко му претходеше твојата работа со скриен идентитет? Дали псевдонимот го криеше стравот дека тоа што го создаваш не е доволно добро или, пак, ти едноставно сметаше дека ти треба валидација без физичко експонирање?
Не, не работев инкогнито пред Свемирко. Напротив, Свемирко на почетокот беше „таен“ проект. Причината за таинственоста беше чисто експериментална. Сакав да видам како би било да работам во тајност.
Што се промени со Свемирко и неговиот музички светоглед меѓу албумите „Ванилија“ и „Тунгузија“?
Свемирко си пронајде пријатели! 😊 Повеќе не е loner (oсаменик) што прави музика во собата на дедо му, туку млад фраер што „пичи“ на домашната сцена, што може да се чуе и во самата музика.
Вашиот звук се поврзува со ерата на 80-тите, она посттитовско време на штафети и синт поп. Живееме ли ние, луѓето од просторот на поранешна Југославија, премногу во минатото? Зошто толку сакаме да му се навраќаме на тој период?
Мислам дека носталгијата е мошне популарно чувство, сите сакаат да „трескаат“ за тоа како порано било подобро, па ние го искористивме во наша полза и направивме музика како да е од минатото. Автоматски звучи подобро.
Што мислите, би биле ли забележани да сте се појавеле како музичари во тој период? 😊
Не. А бендот не би можел ни да постои бидејќи Марко не би можел да ја направи целата музика на компјутер 😊. Најголемиот дострел тогаш би ни бил да си свириме во својата, а можеби и во нечија туѓа гаража.
Како доаѓате до идеи за спотовите што се мошне необични и со специфичен визуелен израз? (на пример, кинеската шапка што ладно се носи на темна наочара во „Tajne svemira“, хаха)
Имаме сопствен врач што му ја распорува утробата на жртвено животинче и по изгледот на изнутриците, дава совети за сценариото, кадрите, светлото и слично.
Некаде прочитав дека Свемирко во еден момент е емо-мачо, во друг авангарден, а во трет сосема нормален бенд. Прво, што, по ѓаволите, е емо-мачо? И второ – што е тоа „сосема нормално“ во 2019?
Тоа е идентитетот на модерниот маж што не се срами од своите чувства, а притоа со леснотија отвора тегла без да го протне ножот под капачето. Сосем нормално е да се биде емо-мачо: кога во ист ден можеш да плачеш стуткан на подот во тоалетот и без страв да се соочиш со пајак или со некој друг ѕвер од домаќинството.
Песната 34,5 реферира на идеална половина од 69, или по ваше – автофелацио. Колку сме самозадоволни во денешно време?
Коцептот зад 34,5 повеќе оди во насока на земање на работите во свои раце (или уста) т.е. остварување среќа без да имаш потреба од други. Верувам дека секој маж фантазира за автофелацио, иако се ретки оние што ја имаат постигнато таа блажена состојба.
Кои бендови од македонската сцена ги познавате и ги цените?
Одамна ги знаеме „The John“ и нивниот ̈24/7 ̈, саундтракот на нашите тинејџерски години. Од новите, ги слушавме „ДУПЕР“ и нивниот хит „Не сум твој тип“, а ги слушавме и во живо минатиот пат кога настапувавме во Скопје.
Какви асоцијации ви буди Скопје и, воопшто, Македонија?
Пинџур! Мњам, мњам.
Откријте ни некоја вселенска/свемирска тајна, што подготвувате наредно, на кое ќоше од вселената/свемирот ќе се најде Свемирко?
Ќе се најде на ќошевите од нашето студио. Копнееме за нови песни и за нова енергија па оваа зима ќе се криеме од студенилото и ќе работиме на нови нешта.
Се гледаме на Здраво Млади :*
Јосип Коцев