„Збогати се преку ноќ!“ – слоганот со кој почнува и се случува ова 17-то издание на „Синедејс“, е неминовна вистина. Не сакам ни да преувеличувам ни да фаворизирам. Од година во година „Синедејс“ нуди богата филмска програма, па музичка програма, стручни, едукативни предавања и обуки како и убава шанса за промоција и дистрибуција на филмските проекти. И последново се случува првпат во рамките на фестивалот – CINEIndustry филмски пазар. Преку панел-дискусија се шират хоризонтите и се разгледуваат сите нови, нетипични и ефикасни начини на дистрибуција и презентација на филмови. CINEIndustry се финализира со „pitching“ (продажба или промовирање) на 5 филма во завршна фаза на постпродукција или завршени во 2018 година. Жири од филмски професионалци наградува еден проект што добива онлајн дистрибуција. Исто така, јасно е дека на ваков пазар учествуваат повеќе колеги, филмски професионалци што разменуваат идеи, отвораат врата за соработка и професионално се надградуваат едни со други. Не случајно го избирам овој факт за самиот почеток затоа што без доволно публика, разновидна публика и добро пласирање на проектот, целиот креативен импулс, иницијатива, љубов или ентузијазам баш и не ви врши работа кога филмот е готов. Значи секоја идеја, провокација, совет, насока, наобразба, сè што ќе чуете и ќе видите, секој детаљ игра улога во креацијата и покажувањето на твојот филм.
Па затоа во тој дух се компонира целата програма на „Синедејс“: гала премиери, официјална селекција, СИНЕБАЛКАН, МК кратки филмови, „МК во ЕУ“, студентска програма, детска, музички документарци и придружна музичка програма (концерти), специјални проекции, работилници, предавања и филмски пазар.

Да не испуштам дека „МК во ЕУ“ за првпат се организира годинава во рамките на фестивалот. Всушност, промоција на наши продуценти, актери, режисери, филмски работници од разни профили. Тие се дел од успешни ненационални копродукции во Европа, кои добиле награди на престижни меѓународни фестивали. Може ви изгледа како да не е некоја голема работа, но во суштина, и тоа како е, затоа што публиката кај нас или поретко има можност да ги запознае или е окупирана со други продукции, или пак, за жал, постои мал интерес и ангажман за прикажување на нивните филмови. Често истата таа публика е незаинтересирана или, пак, не постои популарен, едноставен пристап или реклама да ја заинтересира за овие дела. Исто така, добар дел од таа публика се и филмските професионалци во земјава. Секако има други фестивали, ревии на филмови во МКЦ и во Кинотека на Македонија, но тоа не е доволно, може да се каже и малку. А „МК во ЕУ“ е оригинална идеја на луѓето од „Синедејс“ и досега јас не знам за таков концепт овде.

И сега, само ако фрлиме око на филмските содржини на фестивалот, таму ќе најдеме „една кутија полна играчки“ што ќе нè инспирираат, ќе ни го направат денот важен и уникатен, ќе пуштат светла во темницата од монотонија, апатија и меланхолија околу нас, ќе откриеме нешта што ни биле пред нос или не сме ги ни знаеле, ќе нè мрдне од мртов статус кво и ќе почнеме да мислиме, да создаваме, да живееме со свежи концепти за сè и сешто, за сите големи проблеми и скриени убави нешта што нашиот живот го прават голем и убав или грд и неподнослив. Значи, добиваме една кутија, еден добро украсен – подарок. Ако сте филмофил или филмски професионалец, студент и ви треба свежа идеја, концепт, пристап, какво било решение; ако ви фали тој еден мал или голем дел што ќе ви даде движење на сликите во глава и искра за да се случи филмот што го замислувате, тогаш има платна, луѓе, во „Кино Фросина“, во џебното кино на МКЦ, во „Милениум“ и на нив ќе видите сериозни, интригантни и маркантни филмови од светската кинематографија. Секој ноември ќе доживеете аудиовизуелно ослободување, надоградување и прочистување. Од гала премиери, годинава можевме да ги видиме филмовите од Вес Андерсон, Ларс фон Трир, Тери Гилијам, Ашгар Фархади, Павел Павликовски, Спајк Ли, Пол Томас Андерсон, Гас Ван Сент, Јоргос Лантимос, Матео Гароне и цела листа докажани, иновативни филмски создавачи. Еве со „Човекот што го уби Дон Кихот“ (The Man Who Killed Don Quixote) Гилијам ни понуди фантазмагорична, игрива и жива комбинација од фикции и сеќавања на ликовите и хронолошкото дејствие во филмот за да даде метакоментар на оригиналното дело „Дон Кихот“, но и да ја продолжи неговата идеја дека уметноста, моралните и, пред сè, човечки постапки се последна скривница, последен штит во овој ненормално валкан, изопачен и корумпиран свет. Постојат и многу други линии што ни ги открива филмот, но останува на сладокусците да го изгледаат. Потоа, Спајк Ли во „Црниот член на ККК“ (BlackKkKlansman) отсликува цел спектар од расисти-убијци, силеџии, нивни наивни слуги, слуги на слугите, нивно гуру до борци против нив, насилството, незаинтересирани, воздржани па сè до профитери од таа борба и системски одржувачи на расизмот и на владините политики. Со многу мала и паметна адаптација на слоганите и политиката на Доналд Трамп, тој допира во минатото и во корените на расните војни и нетрпеливост во САД. И да, сè тоа е многу смешно, колку што е апсурдно и сериозно, и болно, и точно. Наративот е ударен, остар, цврст – право во центар. Од друга страна, Гас Ван Сент нè води во други теми со феноменалните изведби на Хоакин Феникс и Џона Хил и прави автентична, сирова и топла филмска приказна за познатиот карикатурист Џон Калахан, „Без гајле, нема да стигне далеку пеш“ (Don’t Worry He Won’t Get Far on Foot). Да, тој завршува во инвалидска количка, но режисерот ни пушта светло на скриениот факт под прашината од предрасуди и лични конфликти и стравови. Ни покажува дека инвалидитетот не е физичка манифестација туку внатрешен и силен блок, осуда на себеси, цел еден ментален склоп преку кој се доживуваме и се третираме себеси. А, пак, борбата за власт и позиција до бездетната кралица е крвнички, подло, перфидно прикажана со брутален хумор и цинизам во ново, зрело остварување од Јоргос Лантимос – „Фаворитка“ (The Favourite).

Сепак, си дозволувам да удрам акцент на филмот што прави вивисекција на животот во една мизерна, речиси пропадната населба во Италија. „Догман“ (Dogman) на режисерот Матео Гароне дава грда, живописна и крајно автентична слика за едно од многуте места каде што криминалот „расте“ од асфалтот, ги „напукнува“ ѕидовите на пренаселените згради, коцкарници, секс-клубови, го дроби тој гнасен, зацрнет, темносив, одвратен, гнил цемент. Каде што полицијата и системот се неспособни да направат нешто и со локалните тепачи и лудаци. Е таму, еден бивш боксер, убива од мавање, краде и малтретира цела средина. Тој има свој роб, симпатичниот и добронамерен грумер на кучиња, кој му помага во сè што ќе му дојде напамет и редовно му наоѓа кокаин. Кинематограферот и монтажерот, Николај Бруел и Марко Сполетини, заедно со Гароне, ни носат ултрареална атмосфера и приказ, но издигнати на фасцинантно естетско и драмско ниво – спектакуларна бездна што ги влече луѓето и нивната иднина, бездна во која од ден во ден молчат и пропаѓаат во мрачна и неперспективна тишина. Филмот е веќе номиниран за најдобри режија, сценарио, актер и филм од жирито на EFA (Европски филмски награди). Не само што оваа приказна е мултиплицирана низ целиот свет, туку режисерот ни ја нагласува како микропример за она што владите и режимите им го прават на народите во многу земји. И јасно, за луѓето што се заглавени и не се одглавуваат од тој зависен однос, но и за револтот што гребе во стомакот на „малите“ луѓе. Тој однос, систем – народ, режим – народ, е присутен и во римејкот на култниот филм од Дарио Арџенто. „Суспирија“ на Лука Гуадањино, преку еден хорор-наратив со морничави слики, злокобни навестувања и сугестивна монтажа, камера и звук кои ни ја вовлекуваат цела атмосфера под кожа, нè држи во константна напнатост.

Во рамките на македонските кратки филмови би сакал да кажам накратко за филмот на Столевски. И пак ќе кажам, желбата да се гледа е помала од времето на располагање па сигурно испуштам и други добри остварувања. „Види ја ти неа“ ги крши длабоките корени и „ја чисти ’рѓата и калта“ од насилничко-патријархалните принципи во Македонија, но и која било патријархална средина. А исто така ги става на тест и закоравените религиски сфаќања кај народот и црквата, изградени од самите нив, но не и од верата и религијата. Столевски режира и пишува многу вешто, природно со хумор што ја доловува оваа наша конзервативна, но живописна средина. Наум Доксевски со камерата ни дава моќни, добро изградени композиции и многу живи слики. Сара Климоска точно, прецизно, многу впечатливо и цврсто го портретира главниот лик, девојка што се фрла по крстот за да му донесе малку среќа на тешко болниот татко. Навистина непреиграна, здрава изведба на Сара.

„Синедејс“ ни прикажа многу богата студентска програма од Словенија, Хрватска, Турција, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, светски маркантни – музички документарци, детски филмови и ретроспектива на одличниот и уникатен чешки режисер Милош Форман (ревија негови филмови). За да биде доживувањето комплетно, луѓето од организацијата повторно повикаа квалитетни алтернативни артисти, бендови и диџеи. Од настапите секако највпечатливи беа одличните изведби на „Нога Ерез“ (Noga Erez), „Гејб Грнси“ (Gabe Gurnsey), „Маусковиц денс бенд“ (Mauskovic Dance Band), како и настанот „Сеќавање на EKV“. Може да се каже дека послаба страна на фестивалот е рекламата за многу од изведувачите што настапуваат. На повеќе концерти се појави навистина малку публика, но не е ни тоа единствената причина за таква посетеност. Горенаведениве настани имаа голема публика, но на повеќе други поради слаб интерес и недоволно промоција, посетеноста беше сведена на чудно мала бројка. Ова не се случува првпат. А факт е дека оваа музичка програма секојпат носи и свежина и квалитет во звукот и во пристапот кон музиката.
Во неделата, 18.8.2018, фестивалот се затвори со долгоочекуваниот филм на Васил Христов. „Еј!“ чека своја премиера веќе многу години, но режисерот се избори по цела една декада и успеа да го заврши пред неколку недели. Тоа е филм за исчезнатиот премиер на Македонија и сиров, жесток и силен коментар за режимот што „продаваше опиум“ (митови за Македонија, апсурдни обиди да ја живее античката историја и античка Македонија, рекламна пропаганда итн.) на народот за да го залаже, додека градеше своја диктатура. Ова е продукција со докажан и силен кастинг. На многу возбудлив и интересен начин се надоврзува на стварноста што во моментов ни се случува.

Пред премиерата беа доделени наградите на повеќе филмови од различни програми, официјалната селекција, СИНЕБАЛКАН и меѓународната студентска програма. Жири-составите беа засилени со листа реномирани, големи, искусни и сериозни професионалци: Александра Накелски, Бригита Мантај, Верица Недеска, Инти Шрај, Изер Алиу, Серван Гунеј, Јане Спасиќ, Кристина Леловац и Владимир Димоски.
Поминаа 10 дена во кои можеш да одиш на 117 филма, 14 музички настани, работилница за филмска критика, натпревар за филмска критика (со навистина стручно жири: Сунчица Уневска, Влатко Галевски и Јована Ѓорѓиовска), потоа на предавања за промоција, продавање и дигитална дистрибуција на вашиот филм, разговор за филмските фестивали во Македонија и воопшто филмските фестивали и најпосле пак, најбитниот филмски пазар – CINEINDUSTRY. И замисли, не мора да влезеш да ставиш ливче во кладилница или да стискаш копчиња на автомат во казино. Како само не ми е срам што ќе го кажам ова!? Колку сум нереален… Хах! Со цела оваа содржина, апсолутно можеш да се збогатиш преку ноќ.
Горјан Милошевски
сценарист и драмски автор

