Се појавивме кај неа со предизвик: Да ни направи букет што се пие. 😊 Патем се разврза муабет. Ирена ни раскажа дека е професорка и преведувачка од руски јазик на која ѝ здодеало седењето во преведувачката кабина во кошула и сако, па тргнала да си го оствари сонот и да работи креативна работа, наместо канцелариска. 😊
Како се разви идејата за фудфлористиката и изработката на необични букети?
Фудфлористиката е нов концепт, кој започнува од Русија и се развива последниве пет години. Приказната е многу интересна, девојката што се смета за основачка на фудфлористиката била поканета на роденден кај другарка ѝ. Немала купено подарок и случајно видела како се продаваат ротквици (’рдокви) пред некоја метро-станица. Ротквиците многу ѝ се допаднале, па отишла во цвеќарницата отспротива и направила букет со нив. И понатаму тргнува целиот концепт, веројатно под влијание и на нејзиното образование бидејќи завршила историја на уметност. Таа почнува да истражува, да смислува техники и да ги поврзува со соодветна технологија, да основа фирма и школа за овој правец на декорирање. Дел од таа школа во Москва и онлајн-обуките ги поминав и јас.
Освен креацијата и сенсот за естетика, што друго е потребно за човек да се занимава со оваа работа?
Дека треба да си креативна личност и да имаш чувство за естетика за оваа работа е неоспорно. Меѓутоа, далеку од тоа дека е пресудно. Има технички дел од работата што е многу поважен бидејќи овде се работи со храна. Техничкиот дел е составен од правила поврзани со тоа кое овошје со што оди соодветно, правила за бои и текстури. Се разбира, бидејќи станува збор за комерцијална работа со храна, државата пропишува одредени услови што треба да се исполнуваат за да се работи фудфлористика.
Каков е интересот на Македонците за необичните букети со овошје и зеленчук?
Има голем интерес низ цела Македонија. „Букет среќа“ е единствената компанија за фудфлористика во Македонија. Голем дел од нашите клиенти се од внатрешноста на државата, па, и покрај тоа што немаме достава за букетите, тие доаѓаат специјално за да си ги земат нарачките. Кога започнував, бев единствена на Балканот. Сега има фудфлористи во Србија и во Бугарија, а веќе почнуваат да работат и кај нас. Дури организирам и курсеви за фудфлористика.
Ние дојдовме со идеја за роденденски подарок – букет што се пие. 😊 Дали изработката на букети со пијалаци бара поинаков пристап?
Кога се работи со пијалаци, имаме и ограничувања, па станува малку покомплицирано во нив да вклопиме сè. На пример, кога имаме коњак, одиме со чоколади и зрнца кафе; кога работиме со шампањ, тогаш вклопуваме јагоди и слични слатки овошја. Во случајов со прекрасната лименка на „Златен Даб“ одлучивме да направиме комбинација со апетисани и повеќе видови кикиритки. Има и други правила. Летно време не правиме букети со чоколади. Во букетите не одат домати и други овошја и зеленчуци што се премногу меки. Уживам да работам со брокола, лук и кромид. Верувам дека имаме најстилски лук на Балканот. 😊
Што би им препорачала на младите луѓе што имаат идеја за сопствен бизнис, но немаат доволно храброст да ја реализираат?
Не е лесно, но на младите луѓе што имаат идеја за сопствен бизнис им препорачувам да не ги слушаат „страшните муабети“ од околината и да веруваат во својата идеја. Да бидат потврдоглави и поупорни. Многумина ќе кажат дека Македонија не е некој голем пазар или простор каде што може да се развива бизнис. Меѓутоа, нашата земја во моментов има добра бизнис клима бидејќи луѓето се гладни за иновации, за нешто ново. Мислам дека ова е многу добар период за креативните бизниси.