Филмскиот осаменик Кјубрик спаѓа во редот на најкреативните режисери визионери на сите времиња, чии филмски остварувања често мешаат политички пораки со сложени врски меѓу ликовите или, пак, застрашувачки хорор-слики, кои оставаат силен уметнички впечаток со својата сирова форма. Роден на Менхетн, а израснат во Бронкс, Кјубрик подоцна во животот ќе ја напушти Америка поради отпорот кон Холивуд и ќе живее и работи во Лондон.
Без сомнение тој е еден од највлијателните режисери на изминатиот век, познат по тоа што црпел инспирација од различни видови литература, уметност и дизајн. Според него, филмското платно е магичен медиум. Тоа ја има можноста да разбуди интерес пренесувајќи емоции и расположенија до кои ниту една уметничка форма не може да се доближи. Тешко е да се резимира стилот на Кјубрик бидејќи тој постојано се развивал во текот на неговата кариера, но има едно нешто што е заедничко за целокупната негова работа – тој живеел и работел по свои правила, често директно конфронтирајќи се со секој што ќе ѝ застанел на пат на неговата креативна слобода. На почетокот на кариерата, младиот Кјубрик бил фасциниран од фотографијата, па тоа оставило трага во фокусот на визуелната уметност и перспективата во неговите филмови.
„Филмот е, или треба повеќе да наликува на музика отколку на фикција. Треба да биде прогресија на расположенија и на чувства. Темата што стои зад емоцијата, како и значењето, доаѓаат подоцна.“
Кинематографијата во неговите филмови е секогаш иновативна, воодушевувачка и со висока естетика, и често ги користи силните основни бои или остриот контраст помеѓу црната и белата. За да ја постигне драматичната тензија, подоцна во кариерата ќе го развие новопојавениот Стедикам систем. Бидејќи речиси сите негови филмови се адаптации на книги, Кјубрик знаел како да ја преведе литературата на визуелен јазик, честопати структурирајќи ги своите филмови во посебни чинови. Сметал дека ако нешто може да биде напишано или помислено, тогаш тоа може да биде и филмувано. Кјубрик е особено познат по пролонгирањето на секвенците и забавувањето на ритамот на филмот, на тој начин развивајќи ја емоцијата и неизвесноста во самото дејство.
Стенли Кјубрик бил мошне претпазлив во изборот на музика за своите филмови (затоа „На убавиот син Дунав“ повеќе потсетува на Кјубрик отколку на Штраус). Според него, правилната употреба на музиката, како и решението да не се употреби музика, се едни од најмоќните оружја што ги има еден режисер во наметнувањето на клучните точки од филмското дејство врз публиката. Кјубрик го сметал Елија Казан за најважниот американски режисер на сите времиња, а исто така ја почитувал работата на Дејвид Лин, Ингмар Бергман, Федерико Фелини, Виторио де Сика и Франсоа Труфо.
Почетоците на Кјубрик се поврзани со филмскиот еп „Спартак“, со Кирк Даглас во главната улога. Ова бил голем залак за тогаш 30-годишниот режисер, бидејќи опфаќал актерска екипа од вкупно 10.500 луѓе, како и сцени со битки од неверојатно голем обем. Интересно е што Кјубрик подоцна ќе се одрече од овој комерцијално успешен и артистички издржан филм, затоа што не можел да воспостави целосна контрола врз кинематографијата.
Политичката и сатирична црна комедија за студената војна меѓу САД и СССР „Доктор Стрејнџлав“ е направена по успешниот и мошне контроверзен филм „Лолита“ од 1962 година. Овој филм имал големо влијание врз американската власт околу меѓународната политика поврзана со нуклеарната тактика. На снимањето, Кјубрик често се расправал со главниот актер Џорџ С. Скот, па двајцата постојано играле шах за да ги намалат меѓусебните тензии и да одлучат кој ќе го донесе крајното решение. Речиси секогаш победувал Кјубрик.
По успехот со „Доктор Стрејнџлав“, Стенли Кјубрик поминал неколку години во истражување и во развивање на следниот филм, со футуристот и писател на научна фантастика Артур Кларк. Филмот се фокусирал на темата за живот во вселената, егзистенцијализмот, технологијата и вештачката интелигенција. Со „2001: Вселенска одисеја“ Кјубрик сакал да ја хипнотизира публиката, велејќи дека филмот е визуелно, невербално искуство што ги погодува внатрешните нивоа на свеста, на ист начин како што тоа го прават музиката и сликите. И навистина овој филм е посебно визуелно патување. Иако не постигнал инстантен успех, филмот „2001: Вселенска одисеја“ прерасна во култен класик поради зашеметувачкиот микс на имагинација, наука, револуционерни визуелни ефекти, минимален дијалог и секако, епскиот класичен саундтрак. Во овој период, Кјубрик се сели во Лондон и живее таму сè до својата смрт.
Неговиот „Пеколен портокал“, базиран врз истоимениот роман на Ентони Берџес, ќе поттикне неколку убиства и силувања во Англија, па ќе биде повлечен од кината само три месеци по премиерата бидејќи ќе го исправи пред многубројни критики и закани.
Кјубриковиот филм „Сјаење“ според делото на Стивен Кинг, со неповторливата актерска изведба на Џек Николсон, е еден од големите класици во хорор-жанрот што изврши големо влијание врз работата на многу режисерски имиња. Продукцијата на овој култен филм била долга и исцрпна, бидејќи методичната природа на Кјубрик наложувала снимање стотици клапи за актерите, со интензивна игра на камерата и со постојани промени во сценариото. Во врска со тематиката на филмот, Стенли Кјубрик изјавил: „Има нешто што е суштински погрешно во човечката личност. Таа има и зла страна. Едно од нештата што хорор-приказните можат да го направат е да ни ги покажат обрасците на несвесното, преку нив можеме да ја видиме темната страна, без притоа да мораме да се соочиме со неа директно.“
Големиот мајстор Кјубрик одеше на тенкиот раб меѓу дозволеното и забранетото. Си замина контроверзно во 1999 година со „Очи широко затворени“, со Никол Кидман и Том Круз во главните улоги. Филмот за сексуалната амбиваленција во бракот на двојка од Менхетн се соочи со цензура уште пред да излезе. Поради неговата ненадејна смрт, Кјубрик не успеал да ја види финалната верзија на „Очи широко затворени“, филм што подоцна ќе предизвика жестоки и поделени мислења меѓу критиката.
Кјубрик останува запаметен како врвен перфекционист што сакал да воспостави контрола во повеќето аспекти од процесот на снимање на филмот, од режијата до сценариото и монтажата. Тој имал целосна контрола врз поставувањето на сцените и комуникацијата со актерите и со другите соработници. Научниот реализам и специјалните ефекти во „2001: Вселенска одисеја“ се без преседан во историјата на филмот. Токму тие му го донеле и единствениот Оскар во кариерата – Оскар за специјални ефекти во 1968 година.
П.С Има и такви што сè уште веруваат дека слетувањето на Месечината на „Аполо 11“ во 1969 година го режирал Стенли Кјубрик во холивудско студио 🙂