Од соработката на тројца картографи, Бојан Савриќ, Том Патерсон и Берхард Џени, произлезе новата естетски прифатлива карта на светот, која ги одразува вистинските големини на сите континенти, без притоа да ги дисторзира нивните форми. Оваа нова карта на светот е наречена Equal Earth Map Projection и ја заменува досега користената стандардна Mercator projection, која е направена во 1569 година и сè yште се наоѓа во широка употреба. Токму оваа стара мапа во голема мера ги изобличува величините на континентите, правејќи ја Африка да изгледа малечка, а Гренланд и Русија раширени.
EQUAL EARTH: Оваа карта ги одразува вистинските големини на сите континенти и притоа не ги изобличува нивните форми премногу
MERCATOR PROJECTION: Оваа карта создадена од Герард Меркатор во 1569 година, широко се употребува. Со зголемувањето на географската ширина, големината на објектите не се претставува правилно – на пример, Гренланд изгледа поголем од Африка, но во реалноста, површината на Африка е 14 пати поголема.
Географските ширини на новата карта се еднакво распоредени и не се претерано искривени нанадвор. Наместо тоа, тие ги гледаат елиптичните лакови на глобусот, на тој начин правејќи ја мапата и визуелно допадлива. Тројцата картографи ја креирале оваа нова карта како одговор на прифаќањето на друга карта – картата Гал Питер, во училиштата во Бостон. „Реакцијата на картографите околу објавата дека во училиштата ќе се користи картата Гал Питер беше предвидлива: фрустрација. Побаравме алтернатива за картата што ќе ги одрази вистинските површини, но не можевме да најдеме ниту една што би ги задоволила нашите естетски критериуми. Оттаму произлезе и идејата да се направи нова проекција на карта што ќе биде многу поубава за око во споредба со постојните и ја нарековме Еqual Earth“, објаснуваат авторите. Проекцијата на карта е дводимензионален приказ на обликот на Земјата. Сите проекции на карти на некој начин го изобличуваат приказот на површината бидејќи речиси е невозможно да се репродуцира тродимензионалната Земја во две димензии. Картите наречени equal area, ја задржуваат големината на континентите така како што е на Земјата, но го дисторзираат обликот или аголот на копнената маса. Картата на Робинсон, која е развиена во 1963 година и може да се види во учебниците, се смета дека е естетски задоволителна, но ги изобличува големината и обликот на континентите.