Пијано е роден на 14 септември 1937 година во Ѓенова, во семејство на градежници. Поголемиот дел од детството го поминал во периодот на реконструкција на земјата по војната, што значи дека уште од рана возраст бил вклучен во градежниот процес. Покрај тоа, фактот дека земјата во која живее e многу богата со архитектура, исто така, одигрува огромна улога во неговиот професионален живот.
Ренцо Пијано многу рано станал познат во архитектонскиот свет, на само 35 години. Заедно со Ричард Роџерс го добиле тендерот за изградба на Центарот „Жорж Помпиду“. Тоа бил мошне ризичен проект со кој тие влегле во историјата како основачи на нов стил – хај-тек. Центарот „Жорж Помпиду“ е мултифункционален културен центар со површина од околу 100.000 квадратни метри. Тој е целосно посветен на современата уметност, филмот, музиката и театарот. Дотогаш невидено во овој проект било тоа што сите функционални системи на зградата се извадени. На секој од нив му била доделена различна боја, што создава необична игра на фасадата.
Задачата на архитектот е да создаде убава средина, бидејќи таа убавина ќе ги привлече луѓето кон новото здание. Улогата на убавината за општеството не треба да се потценува, а архитектот не треба да биде прагматичар опседнат со функционалност – неговата работа треба да се заснова на хуманизам. Токму таков архитект е Ренцо Пијано. Пример за таква градба е аудиториумот „Parco della Musica“ (Рим, Италија, 2002) кој се состои од три одделни згради, чиј облик е роден од музички инструменти. Тие се наоѓаат околу отворен амфитеатар, а самите сали, според многумина, изгледаат како три огромни музички центри.
Дизајнот на салите е направен на таков начин што просторот се трансформира во зависност од спецификите на концертот или настапот. Подот и таванот можат да се движат, што овозможува да се сменат акустичните својства на ѕидовите.
Центарот за уметност „Паул Кле“ (Берн, Швајцарија 2005 година) ја рефлектира идејата за функционалност на поинаков начин. Се состои од три рида од стакло и бетон, кои непречено „истекуваат“ еден во друг. Тие природно израснуваат од површината на пејзажот и ги симболизираат трите области на активност на самиот Кле: сликарство, музика и поезија.
Овој проект многу јасно ја покажува вештината на играње со светлината на Пијано. Тој знае како да постигне максимален ефект, неговата зграда се соживува со целиот свет, таа се менува како времето. Во дифузна светлина сè e мирно, но штом сонцето ќе ги остави своите последни зраци, се претвора во вистински театар на сенки.
Редакцијата на „Њујорк Тајмс“ не е помалку функционална. Фасадата на кулата е комбинација на стаклени sидови и решетка или мрежа од бели керамички цевки. Според проектот, лобито на зградата е отворено: на приземјето има голема градина, до која лесно може да се пристапи од улицата. Исто така, рестораните и продавниците се наоѓаат во фоајето за да ја доведат зградата во ист контекст со градот.
Културниот центар „Жан-Мари Тјибау“ во Нумеа, Нова Каледонија ги отсликува многуте слоеви на малезиската култура и современите западни влијанија. Проектот хармонично комбинира употреба на локални материјали и традиционални градежни методи со модерна технологија. Се работи за серија павилјони во кои се вградени делови од архитектонското наследство на народите од jужниот Пацифик.
Друг пример е зградата на Музејот за современа уметност „Аструп Фернли“ во Осло. Зградата се состои од три згради, одделени со канал – омаж на водата на самата област Тјевхолмен. Така, оваа форма ја исполнува нејзината социјална функција на атрактивен јавен простор.
Со часови може да зборувате за проектите на Пијано, и секојпат да откриете нешто ново во нив. Ренцо Пијано е модерен класик. Во неговите проекти, е видливо вечното тројство – сила, корист, убавина. Секоја мала работа е важна за него, и токму тој квалитет го разликува вистинскиот креатор од обичниот изведувач.
Драган А.