Во Atelier des Lumières во Париз, годинава беше претставена најголемата изложба на вештачка интелигенција наречена Poetic AI. Во рамките на изложбата може да се видат бескрајни геометриски облици, кои се распрснуваат по ѕидовите, на подот и на покривот. Сите овие форми и обрасци се „преводи“ направени со посредство на вештачка интелигенција на 20 милиони редови текст. За оваа цел била креирана вештачка интелигенција што визуелизирала безброј приказни, книги и статии, поточно вкупно 20 милиони редови текст напишани од научници што го промениле светот. Притоа е користен обемен корпус на податоци, вклучително и такви што датираат од времето на Галилео Галилеј, со теми од областа на квантната механика па сè до астрономијата. Физика, времепростор, светлина, теорија – вештачката интелигенција учела од овие идеи и така дошло до создавање научно-свесна поетска рефракција.

Целта на изложбата е да се трансформира секојдневниот животен циклус на јавниот простор во еден вид поетски универзум со повисок квалитет и непредвидливи стварности, создавајќи искуства што ја вкрстуваат вештачката интелигенција со уметничката интеракција. Париз бил одбран како град во кој ќе биде претставена оваа изложба, затоа што низ вековите бил центар на уметничкиот развој и филозофијата, а неговото влијание врз уметноста никогаш не било локално. Многу трендови, размисли и техника за првпат се појавиле токму во Париз, а потоа се прошириле низ Европа. Со помош на 50К пиксели и 136 прожектори, Poetic AI ја редефинира уметноста преку алгоритмите на вештачката интелигенција.
Футуристичката изложба што го прикажува поетското патување на вештачката интелигенција е заеднички продукт од работата на 57 луѓе и беше поставена во Париз цели шест месеци. Како автор се потпишува дигиталното студио Оuchhh, базирано во Истанбул, Лос Анџелес и во Лондон. Нивниот интердисциплинарен пристап во графичкиот дизајн, дизајнот на движења и монументалните дигитални проекции, е признат со многу светски награди.
Инаку, дигиталната проекција Poetic AI можеше да се набљудува на седишта на вртење, поставени во центарот на просторијата. Така, посетителите можеа да ја гледаат дигиталната проекција во 360°. Комбинираната инсталација од форми, светла и звуци генерирани од алгоритми навистина нè исправа пред прашањето на новото време: може ли компјутерот да биде уметник?

