Генијален сликар. Основач на кубизмот. Автор на култната „Герника“. Мајка му еднаш му рекла: „Ако си војник, ќе станеш генерал. Ако си свештеник, ќе станеш папа.“ Тој подоцна ќе додаде: „Наместо тоа, јас бев сликар и станав Пикасо“. Честопати си го поставуваме прашањето: дали треба да го одвоиме личниот живот на уметникот од неговото дело?
Во каков однос се наоѓаат тие? Ако ги погледнеме личниот живот на великанот од Малага и генијалноста на неговите дела, веднаш ќе забележиме дека меѓу тие две крајни точки од отсечката стојат неговиот проблематичен карактер, бурната природа и емоционалната деструкција што им ја приредувал на своите блиски. Никој од неговото најблиско опкружување не можел да побегне од стегите на неговата генијалност. Неговата внука Марина Пикасо напишала: „Сите околу себе ги доведуваше во очај и ги задушуваше. Му требаше крв за секоја од неговите слики: крвта на татко ми, на брат ми, на мајка ми, на баба ми и мојата. Му требаше крвта на тие што го сакаа – луѓето што мислеа дека сакаат човечко суштество, а всушност го сакаа Пикасо.“ Трагичниот биланс на жртвите од животот со овој гениј изнесува четири самоубиства (една љубовница, една сопруга, еден син и еден внук).

Една од тие што го сакале Пикасо е и француската фотографка со хрватско потекло Дора Маар (Хенриета Теодора Марковиќ). Пабло и Дора се сретнале во кафулето „Les Deux Magots“, познато свратилиште на париските надреалисти. Додека сликарот лежерно разговарал со својот пријател Пол Елијар, забележал млада жена што седела сама и изведувала необичен ритуал забодувајќи нож меѓу прстите во дрвената маса. Неколкупати и промашувала, па ножот завршувал и во прстите. На нејзините ракавици со пришиени рози можело да се забележат капки крв од убодите. Овој надреален, елегантен перформанс, сосема го пленил познатиот сликар и така започнала неговата фасцинација со Дора Маар.

Нивната врска траела девет години и била неверојатно бурна, вистинска серија од емотивни плими и осеки. Таа е еден од неговите најзабележителни модели на портретите што денес имаат светска слава и главно ја прикажуваат во длабоко вознемирувачко светло. На еден портрет од 1937 година, Дора е комично претставена во форма на був со голи гради, седнат на гранка. Истата година Пикасо ќе ја наслика легендарната слика „Жената што плаче“. Тој велел дека иако со никоја жена не се смеел толку како со Дора, сепак никогаш не би можел да ја наслика насмеана. На оваа слика, лицето на Дора е искривено од болка и горчина, и расцепено со полујасни линии, доловувајќи ја нестабилната психичка состојба во која тонела. Причината за нејзината депресија била неможноста да има деца (нешто за што Пикасо постојано ѝ префрлал) по вина на нејзината мајка, која физички ја малтретирала во детството. Пикасо постојано ја прикажува како „жената во солзи“, убава, осамена, мистериозна, замислена, со длабоки тажни очи.

Дора Маар фотографски го документирала и 36-дневното сликање на неговата култна „Герника“. За ова дело тој изјавил: „Сликањето не служи за декорација на станови. Тоа е инструмент за војна… против бруталноста и мракот.“ Ова документирање на работата на „Герника“ од страна на Дора Маар е првиот фотозапис за создавањето на модерно уметничко дело од самиот почеток до самиот крај. На тие фотографии јасно се гледа дека светилката на центарот од неговото платно е инспирирана од една од нејзините фотографски ламби – дел од опремата што таа ја донела во ателјето на Пикасо, една година по почетокот на нивната врска. Еден ден, за време на сликањето на „Герника“, поранешната љубовница на Пикасо, Марија Тереза со која одржувал паралелна врска, влегла во ателјето и инсистирала Дора да замине оттаму. Дора се спротивставила додека Пикасо незаинтересирано продолжил да црта. Кога Марија Тереза побарала од сликарот да се одлучи помеѓу нив двете, тој им порачал дека треба да се борат за него, па таа што ќе победи, ќе може и да го задржи. Така започнала женската тепачка пред недовршената „Герника“, која очигледно завршила со победа на Дора Маар.

Неколку години потоа, врската меѓу Пикасо и Дора Маар почнала да се распаѓа. Тој ја запознал убавата Франсоаз Жило, која била 20 години помлада од Дора и 40 години помлада од него. Психичката состојба на Дора Маар се влошила уште повеќе, особено поради неговите постојани префрлања за нејзината неженственост и стерилност. По нивната конечна разделба, Пикасо и новата љубовница Франсоаз ја посетиле Дора Маар во нејзиното студио. Во таа пригода, познатиот сликар ја присилил Дора да ѝ каже на Франсоаз дека помеѓу нив повеќе нема ништо. Таа се свртела и му рекла: „Ти никого не си сакал во животот. Ти не знаеш да сакаш.“ Кратко потоа, Дора Маар доживеала нервен слом, кој го надминала проучувајќи го католичкиот мистицизам. Се разбира, никогаш не го заборавила Пикасо. А тој, и десет години по прекинот на нивната врска, не престанувал со своите обиди да ја понижи. Иако долго време се немале видено, Пикасо и Дора Маар имале чудна размена на подароци, со симболика за која можеме само да си претпоставуваме. Така, во 1954 година тој ѝ испратил убаво спакуван железен стол, направен од челични прачки и јаже (според него, најгрдото нешто што некогаш го видел, ужасно бесмислен и неудобен за седење). За возврат, Дора му подарила ’рѓосана лопата. „Да, милата Дора знае што да избере!“ – рекол славниот уметник во таа пригода.

До крајот на животот Дора Маар живеела повлечено и аскетски. Го чувала сето она што ја потсетувало на Пикасо – кујната била бесценета затоа што тој се движел низ неа, столчињата биле свети затоа што тој седел на нив. Починала во 1997 година, а во нејзиниот стан е пронајдена зачувана колекција од делата на Пикасо, во вредност од над 30 милиони евра. Се разбира, нејзината смрт е само физичка. На сликите на Пикасо, неговата „приватна муза“ Дора Маар вечно ќе живее.

