Нашата PopUp провокаторка Калиа Димитрова, преку овој интересен разговор со организаторките на МакеДокс, Петрула и Петра, нè навраќа на деветтото издание на познатиот фестивал за документарни филмови. Вистината е дека ретроспективно сме свртени кон сржта на документаристиката и нејзиното сплотување со Скопје како урбан уметнички простор, а всушност веќе нестрпливо го очекуваме десеттото, јубилејно издание на МакеДокс.
Концептот „креативен документарен филм“ беше мошне непознат за луѓето во Скопје, а за тоа сведочи едно видео што сте го снимиле во Градскиот парк пред неколку години. Речиси ниеден од анкетираните не знае да одговори на прашањето „Што е креативен документарен филм?“. Дали сметате дека МакеДокс успева да го интегрира овој жанр во Македонија? Дали гледате некаков прогрес во заинтересираноста и посветеноста на публиката?
Петрула: Апсолутно, особено прогресот се виде оваа година, на деветтото издание на МакеДокс, кога речиси секоја вечер Куршумли ан беше полн со луѓе, особено со млади кои со посебен интерес ги следеа филмовите, па дури и прашуваа кои документарни филмови ќе се даваат следниот ден. Неколку вечери дури и немаше доволно место во Куршумли ан, па ги пренасочувавме да ги погледнат филмовите што одеа на вториот стејџ, каде што најчесто оди програмата „Земја во фокус“ и „Студентската програма“, кои годинава навистина предизвикаа голем интерес кај публиката. Сето ова покажува дека МакеДокс дефинитивно во текот на овие осум години успеа да го интегрира овој жанр во Македонија и да ја натера публиката што до пред 8 години не знаела што е тоа креативен документарен филм, сега барем да размислува за тоа… А на десеттото издание се надевам и ќе ни одговори на прашањето.

Што, за вас, е креативен документарен филм и што, лично, ве привлекува кај него?
Петра: Креативниот документарен филм има многу слоеви, откривање на непознатото со очи и уши на авторите, приказни на единствен начин, откривање светови, страст, тага, среќа, секојдневие, сочувство, желба, немир – многу во едно. Не е само тема и приказна, туку авторите мора да работат со повеќе сетила. Сè уште истражувам слоеви бидејќи сè уште правам креативни филмови.
Петра, колку што сум запознаена, ти половина од времето го поминуваш во Скопје, а половина во Љубљана. На кој начин се разликува публиката во овие два града? Дали во Љубљана документаристиката е позастапена во културниот живот отколку во Скопје?
Петра: Да, живееме во две земји, и тоа е добро. Во секоја од нив има многу теми за филмови. Се шегувам. Добро е да се селиш, мислам дека тоа влијае врз креативноста. Во Словенија креативниот документарен филм не е развиен, има голема алтернативна сцена, но нема добри филмски фестивали. Сепак, јас не би го правела МакеДокс на друго место. Вистинското место е Скопје, чаршијата, Куршумли ан, пазарот, креативен хаос, отворени луѓе… поради многу причини овој фестивал се развива во Скопје. Ова е Мека за документаристи.
Годинава започнавте со нов проект „Докуникулци“, а имавме и можност да го погледнеме резултатот од тие работилници. Младите автори дефинитивно се посветиле на проектот, и освен што филмовите кои ги изработиле се естетски одлични, тие исто така се зафатиле со работа за општествено релевантни теми, како, на пример, сексуалното насилство. Кажете ни нешто повеќе за искуството со „Докуникулците“. Како дојдовте до идејата да работите со млади луѓе и на кој начин сметате дека креативното изразување преку документарни филмови може ним да им помогне во понатамошниот развој?
Петра: Многу сум горда на нашето заедничко искуство, 3 одлични филма што се работеа цела година, посветеност и желба да се изразат преку филм. Искрено мислам дека на тие години треба да се почне да се размислува за визуелна нарација, бидејќи во нивниот свет само храната е аналогна. Тоа е одлично време за креативни документарни филмови, експерименти, создавање тимови, соочување со теми што се битни за нивните генерации. Јас во средношколските денови се занимавав со театар, бидејќи филмот не ни беше многу достапен. Денес филмот е достапен и младите имаат идеи, сонуваат и прават свои филмови, но им треба менторство и услови, па тимот на МакеДокс е до нив. Сепак, мораат сè да прават сами, од идеја до реализација. Мислам дека овие филмови ќе им помогнат да дознаат повеќе за себе самите. На тој начин работиме на комуникација со младата публика во средните школи, тоа е инвестиција во иднина и многу љубов што се враќа во МакеДокс.

МакеДокс е филмски фестивал каде што документарците секогаш прикажуваат комплексни ликови и приказни. Доколку се согласиме дека сме навикнати да гледаме стереотипни и еднодимензионални ликови во киносалите каде што често се прикажуваат блокбастери, дали можеби МакеДокс и креативниот документарен филм генерално, е простор што има потенцијал да ги покаже луѓето и приказните со сета нивна (реална) комплексност? Колку ви се важни овие перспективи кога правите селекција за фестивалот?
Петрула: Секако дека ни се важни и се надевам дека тоа се гледа од селекцијата на филмови што ја правиме. Инаку, годинешното мото на фестивалот „Реалноста режира“, насока во која се одржаа и две работилници годинава на двајца познати режисери на документарни филмови Војцех Старон и Пирјо Хонкасало, зборува токму на оваа тема. Зборува за тоа колку е важно да се задржи етичкиот пристап кон луѓето и нивните приказни при создавањето на документарните филмови, да не се манипулира со нивните емоции, да се биде на некој начин понизен при режирањето и да се наслушнува тишината во себе, сè со цел реалната комплексност и автентичноста на протагонистите во документарниот филм да дојдат до израз.
Последно прашање. Дали за следното јубилејно издание можеме нетрпеливо да очекуваме нешто специјално?
Петрула: За мене секоја година на МакеДокс се случува нешто специјално, барем јас тоа така го чувствувам и без да сакам. Специјалноста на МакеДокс, според мене, е во неговата спонтаност и органска соединетост на квалитетна филмска програма со магичниот простор на Куршумли ан и креативноста на екипата и на волонтерите. Тие успеваат во овие неколку фестивалски денови да изрежираат една реалност во која сметам дека публиката на Скопје, а и пошироко, гостите на фестивалот, добро се снаоѓаат и се чувствуваат… Се надевам дека и следната година тој специјален креативен здив нема да ги напушти, а и да ги напушти, КРОМИДОТ е секогаш овде да им вдахне инспирација.

